ОД ИСТОРИСКА ФИКЦИЈА ДО ФАНТАСТИКА – СО КОИ КНИГИ ЌЕ СЕ ДРУЖАТ НАШИТЕ ЧИТАТЕЛИ ОВА ЛЕТО

ОД ИСТОРИСКА ФИКЦИЈА ДО ФАНТАСТИКА – СО КОИ КНИГИ ЌЕ СЕ ДРУЖАТ НАШИТЕ ЧИТАТЕЛИ ОВА ЛЕТО

Неискажливо е чувството да си читател! Да ја имаш привилегијата да живееш туѓ живот и да си го присвоиш. Ти да ги смениш животите на ликовите од книгите, а воедно и тие да го сменат твојот!

Нашите читатели знаат како да ѝ пркосат на реалноста и на жешкото сонце – со книги в раце. Со кои книги тие ќе се дружат ова лето?

Стефани Табаковска

Последниве неколку дена ги прочитав „Холандска куќа“ од Ен Пачет и „Фондација“ од Исак Асимов, а следна ќе биде книгата чие македонски издание го очекувам со нетрпение: „Пачинко“ од Мин Чин Ли. 

Во текот на летото, исто така, би сакала да ги прочитам „Американска прашина“ од Џенин Каминс и „Историчарка“ од Елизабет Костова, а сакам да ги препрочитам и книгите од „Господарот на прстените“ на Толкин, како и новата книга на Хелен Хоанг која излегува во август. Севкупно, планирам да прочитам микс од историска фикција и фантастика, а повремено ќе вметнам и некоја романса.

Ана Петреска

Лето е, горештини, секој може во овој период да одвои време за квалитетна книга. Изминатиов месец малку експериментирав со насловите и авторите. Прочитав доста впечатливи книги. Се дружев со наши и странски автори. Би ги издвоила „Девојката од мочуриштето“ од Дилија Овенс, новата книга на Миљенко Јерговиќ, романите на нашите две авторки Румена Бужаровска и Фросина Пармаковска, „Часовничарот“ од Хрватката Михаела Гашпар. Денес ја почнав „Трчај дома“ од Лори Лансенс, а после неа во план ми е одличниот Мураками и неговата „Норвешка шума“. Книгите се тие кои го даруваат потребниот мир, затоа нека има повеќе книги и уште повеќе читатели!

Јована Матевска Атанасова

За мене летото започна турбулентно, имав постојано чувство на вина дека се оддалечувам од книгите и дека својата љубов и рецензентска мисла и мисија ја пренасочувам кон театарот. Но токму затоа решив да надоместам читајќи и по две книги истовремено, а „Платформа“ од Мишел Уелбек претставуваше најголем предизвик за мене. Со оглед на експлицитниот стил на авторот, тој го засити книжевното пориоманство, ме прошета низ Тајланд, Париз и Куба.

Во следниот период имам големи залаци предвидени за читање. Ги привршувам со пишување новиот роман „Котелци“ и збирката раскази „Гладоморје“, а на читачката листа ќе се најдат „Пчеларот од Алепо“, „Обител“, „Габриела, каранфилче и цимет“,  меѓутоа и дела од руските книжевници, од кои прв на списокот ми е Достоевски со „Понижени и навредени“...

Ева Ристевска

Бидејќи сум студент и имав активен период со испити и промовирање на „Звукот на тишината“, успеав да избегам од брзото секојдневие со „Ништо“ од Кармен Лафорет и „Свеќите горат до крајот“ од Шандор Мараи. Штотуку ја започнав „Марина“ од Зафон, која по вторпат целосно ме освојува, а потоа планирам да се нурнам во страниците на „Црвец“ од Фаулс  и да го истражам „Светот на Софија“ од Гордер. 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново