ШТО ЌЕ ЧИТАМЕ ОВОЈ ЈУНИ

ШТО ЌЕ ЧИТАМЕ ОВОЈ ЈУНИ

Ќе читаме сè – од факти до фикција. Фикцијата произлегува од преобликување на фактите, а за да  се разберат фактите, пак, мора да се разбере фикцијата. Вие читателите тоа најдобро го знаете.

Вие знаете и дека сте ловци на сенки. Пронајдете ја најудобната сенка и почнете со јунското читање. За сите љубители, и оние на фактите и на оние на фикцијата, следуваат нашите јунски новитети и препораки. Бидете ловци на добри книги.

„Половината што ми недостига“ од Брит Бенет

Бранувана од длабоки чувства, оваа книга е историја за емотивните семејни приказни и истражување на минатото. Зад дискриминацијата, зад личните желби и можности надвор од ограничувањата, таа е доказ дека стварноста често ги принудува луѓето да го живеат животот надвор од сопствените определби.

„Пчеларот од Алепо“ од Кристи Лефтери

Роман за нескршливиот човечки дух, дури и во најсурови услови. Мирниот живот на еден пчелар и една сликарка одеднаш добива поинаков тек. Губејќи го најмилото, војната ги принудува да го напуштат својот дом. Патот до мирот низ овој скршен свет е исполнет со безброј загуби. Преживуваат само најсилните. Што ако повторното себепронаоѓање значи ново создавање?

„Трагачот“ од Тана Френч

Што кога се обидуваш да избегаш од реалноста засолнувајќи се во едно село по 25 години поминати во кожата на полицаец, но наидуваш на нешто уште понапнато? Кал случајно дознава за еден смртен случај во тивкото место во кое е дојденец. Неговото полициско сетило е сè уште будно... Тивка, а всушност многу динамична книга за апсолутно нескротливо читање!

„Дуќанот ’Точкеста зебра‘“ од Рафаела Жордано

Тројца атипични ликови го шират хоризонтот на возможното и невозможното. Што кога би можела среќата да се купи од некаде? Да, може да се купи, од дуќанот „Точкеста зебра“. Само што треба да ги преместите наводниците, зашто меѓу нив се крие цел еден концепт на личноста... Длабоко инспиративна приказна со необични ликови. Ништо не е поубаво од невообичаеното. Бидете невообичаени во светот на Рафаело Жордано.

„Пачинко“ од Мин Чин Ли

Насочена кон стереотипите и расизмот, а ги урива останатите историски ограничувања. Кореанската авторка пишува исторска фикција од глобални размери. Главната приказна почнува со почетоците на 20 век, кога една тинејџерка се вљубува во богат човек. Но откако ќе открие дека е бремена, а нејзиниот љубен е оженет, таа одбива да биде купена со пари. По оваа одлука да го одбие и да го напушти домот, следува драматична сага.

„Безбојниот Цукуру Тазаки и неговите години на аџилак“ од Харуки Мураками

Навидум безбојните луѓе во себе ги имаат најшарените светови. Исто како Цукуру Тазаки кој во името нема боја, за разлика од неговите пријатели од младоста, кои го напуштаат. Сепак, светот ќе му го обои една девојка, која ќе го нурне во необичното. Ќе успеат ли заедно да ја излечат болката која се чини дека никогаш нема да престане?

„Слава, богатство и амбиција“ од Ошо

Да се биде богат во секоја смисла на зборот. Заменете го зборот богат со исполнет. Оваа книга ќе ви ги отвори очите пред тоа што значи да се живее животот целосно, неоптоварено и среќно. Психолошка и духовна, длабоко лична книга која ќе ве насочи каде да ја барате и да ја најдете својата сопствена вистина.

„Како да остварите квалитетни односи, да стекнете доверба и да влијаете врз луѓето“ од Дејл Карнеги

Дејл Карнеги со уште една книга за тоа како да постигнете успех од гигантски размери. Вашата личност постои надвор од вашето тело. Таа останува во присутните откако вие ќе заминете од просторијата. Затоа личноста која ја оставате зад себе, во односите со блиските и соработниците, направете ја личност од доверба која позитивно ќе влијае врз другите луѓе.

„Моќта на јавното говорење“ од Брајан Трејси

Секоја замисла е остварлива. Ако сè уште не сте ја оствариле, тоа значи дека не сте ја прочитале вистинската книга која ќе ве мотивира. Или пак, сте оствариле сè, но потребна ви е нова идеја. Говорете за потребата од новитети. Зборувајте за идеи, успеси, победи. Со Брајан Трејси ќе ја стекнете довербата во себеси. Изговорете си го тоа во себе, а потоа шепнете си го и на подиумот.


„Човекот и неговите симболи“ од Карл Густав Јунг

Јунг никогаш не размислувал за тоа своето учење да го изложи во пишан систем за пошироката публика. Но еден ден сонувал како јавно го предава своето учење и го приспособува на еден куп слушатели. Тоа е особено интересно бидејќи речиси целата негова теорија е поврзана со соновите. Па несомнено знаел дека тој негов сон воопшто не е случаен. Тој сон бил и поттикот за „Човекот и неговите симболи“, книга која и вие наскоро ќе може да ја држите в раце.

 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново