Што кажува за вас начинот на уредување на библиотеката
Од ситничари кои книгите во своите библиотеки ги редат по азбучен ред до креативци кои ги групираат според боите на кориците – во продолжение прочитајте за шесте групи во кои припаѓаат вљубениците во книгата.
Љубезно да го парафразираме филмскиот режисер Џон Вотерс: „Ако отидете кај некого дома, а тој нема книги – заминете си“.
Со други зборови, книгите се прозорци на душата. Тие се тулите што го градат вашето знаење, надежите и вашиот карактер. Вашите полици се ваше огледало – па затоа е логично да ги наредите правилно.
Но прашањето е како. Дали сте тип библиотекар кој сака сѐ да му биде наредено по жанр? Азбучен тиранин за кој сѐ мора да е на своето место? Или небрежен естет кој сака да гледа во виножитно наредени корици?
Откријте кои се шесте големи групи на кои ги делиме вљубениците на книгата според тоа како ги подредуваат своите библиотеки. И што е уште поинтересно, што открива за личноста секој од тие пристапи.
Групирање по азбучен ред
Овој е класичен пристап. Добро функционира во книжарниците, па зошто не би функционирал и во вашиот дом? Добро, малку е неимагинативен, но покажува дека сте човек кој вистински се грижи за книгите и кој секогаш сака да знае на кое место се наоѓаат: Елиф Шафак лево, Мураками десно. Многу едноставно.
Има еден очигледен проблем со овој метод, како што му е познато на секој што некогаш се вратил дома со нова книга. Застанувате пред библиотеката со новата книга и мора да поминете повеќе од половина час разместувајќи ги книгите за милиметар, за да направите простор за неа. Или, пак, мора да купите поголема полица.
Што открива за вас. Вие сте ненаситен читач кој сака брзо да ја најде секој книга во својата (веројатно огромна) библиотека.
Групирање според жанрот
Имате широк ум и полици кои го докажуваат тоа. Овој метод е навистина флексибилен. Еден од начините е да дозволите секој жанр хомогено да се слее со следниот: историја со историска белетристика; криминалистичка фикција со вистински злосторства; наука со научна фантастика и така натаму. Другиот начин е да ги наредите избраните области по азбучен ред.
Секако, вашите жанрови не треба да бидат толку прозаични – забавното во овој метод може да биде смислувањето на сопствени категории. На пример: „книги со среќен крај“; „мотивациски“; „хорори со криминалци“. Најголемата загатка овде е дали својот примерок од „Образована“ на Тара Вестовер (или „А пропо ништо“ од Вуди Ален) ќе го наредите под Б за биографии или под М за мемоари. Или пак под И за инспиративни автори? Навистина тешка одлука.
Што открива за вас. Образовани сте, интересни, имате познавање од многу области.
Групирање според боите на кориците
Книгите се знаење, но можат да бидат и уметност. Ако користите Инстаграм, сигурно сте виделе дека многумина ги редат своите полици според бојата на кориците, како еден вид виножито. На овој начин сигурно ќе ги наредите книгите од Јубилејната едиција на ТРИ, кои имаат разнобојни корици. Овој метод е многу популарен. Но и тој подразбира одредени жртви. Прво, ќе мора да се помирите со една цела сина или црна полица, на пример, на која би ги наредиле трилерите на Ју Несбе. А тоа за еден вистински перфекционист може да не изгледа естетски.
Второ, и можеби уште поважно, станува речиси невозможно нешто да пронајдете брзо. Наместо тоа, ќе изгубите многу време секојпат кога ќе сакате да најдете некоја книга (особено ако не распознавате бои). Ама кога ќе размислите, неколку изгубени часови годишно е мала цена што треба да ја платите за естетската убавина. А освен тоа, поубаво изгледа преку инста-филтерот.
Што открива за вас. Вие сте визуелен мислител со креативно око. И имате многу време на располагање.
Хронолошко групирање
Познат е и како „принципот на Вирџинија Вулф“. Но ова не значи дека треба да ги организирате книгите според датумот на објавување. Не, предизвикот се состои во тоа да ја претворите својата библиотека во книжевен времеплов организирајќи ги книгите според периодот во кој се одвива дејството, деценија по деценија, ера по ера. На пример, на полицата за средниот век ќе се најде „Вулф Хол“ од Хилари Мантел, а на полицата од периодот на Втората светска војна „Под црвеното небо“ од Марк Саливен.
Можеби ќе сакате да ја поделите својата хронолошка библиотека на белетристика и публицистика. Како и да е, редењето според овој метод е забавен начин да научите повеќе за секој период.
Што открива за вас. Познавач сте на историјата. Имате научна склоност. Вие сте пријателот за помош во некој квиз.
Групирање според вредноста
Не, не буквално според тоа колку сте ја платиле секоја книга, туку според тоа колку секоја е вредна за вас. Овој метод е воедно и најличниот, и секако најтешкиот. Но особено е корисен ако некој дел од вашата библиотека сега се наоѓа блиску до прозорецот, па книгите лесно се оштетуваат од директната изложеност на сончевата светлина. Тука ги сместувате книгите кои имаат најмала вредност за вас. Најважните – првите едиции, потпишаните примероци, книгите кои ви го смениле животот – треба да останат на безбедно, во темнината.
Што открива за вас. Книгите ве обликувале и претставуваат трофеи од вашето минато. Веројатно сте и сентиментални.
Групирање со трупање
Тоа значи дека ги редите книгите во купуви. За ова ќе ви бидат потребни цврсти полици, освен ако не сакате среде ноќ да ве разбуди звук на дрво и малтер што паѓаат. Како алтернатива, можете да ги наредите на подот како кули, да создадете мал град од книги и да се замислувате дека сте Гуливер.
Најдобрата работа во овој метод е што можете да соберете многу повеќе книги во својот дом. Лошата страна е што земањето книги од дното на купот може да заврши болно.
Што открива за вас. Во животот се водите според мотото „што ќе биде, нека биде“ и не сте преголема педантерија. Исто така, сакате да си играте со оган.