ДОНАЦИЈАТА ОД „КАРАНТИНСКИ ПРИКАЗНИ“ ПРИСТИГНА ВО КОЗЛЕ

ДОНАЦИЈАТА ОД „КАРАНТИНСКИ ПРИКАЗНИ“ ПРИСТИГНА ВО КОЗЛЕ

Проектот „Карантински приказни“ што го започнавме на самиот почеток на корона-кризата, денес ја исполни својата последна мисија. Она што на почетокот беше пишувачки предизвик, со намера да ги поттикне пишувачите да пишуваат, а читачите да читаат, резултираше со две изданија – едно бесплатно во форма на е-книга со над 100 раскази, и едно печатено, кое се најде во продажба со цел да ги вклучи читателите во донирањето за јавното здравство како помош во справување со кризата. На крајот, „Карантински приказни“ обезбеди не толку скромна донација за болницата во Козле од 1.500 маски, 3.000 ракавици и 37 пакувања скафандери, со која денес навистина се гордееме.


Антологијата на изолацијата „Карантински приказни“, хрониката во која не пишувавме само проза туку и емоција и историја, беше нашата точка на обединување. Сета заслуга за успехот на изданието и неговиот хуман аспект ја имаат авторите кои се приклучија на иницијативата на ТРИ – а тоа се Јагода Михајловска-Георгиева, Винка Саздова, Петар Андоновски, Ѕвездан Георгиевски, Лидија Димковска, Билјана Црвенковска, Трајче Кацаров, Наташа Сарџоска, Ана Голејшка-Џикова, Виолета Танчева-Златева, Елена Пренџова, Евгениј Хоуп, Магдалена Чапаровска, Стефан Марковски, отец Методи Златанов, Александра Шаровиќ Атанасовска..., сите на свој начин учествувајќи во подобрување на состојбите – и емотивно, преку зборот, и реално, преку средства. Тоа е само уште една потврда дека секој може, преку она што го работи, да биде солидарен со колективната состојба, и да биде иницијатор за промени.

Секој од нас е различна приказна, но оваа година сите приказни се различни на ист начин. Годината е пред самиот крај, па во оваа ретроспекција да ја завршиме 2020 онака како што ја започнавме – со поддршка во секоја смисла на зборот, со позитивни и хумани мисли, зашто таа нè направи посилни, нè обедини и ни покажа колку, всушност, си наликуваме едни на други.

Социјалното дистанцирање нè приближи – колку што бевме физички пооддалечени, толку бевме мисловно поблизу. Додека светот беше во изолација, нашите мисли беа на слобода.

 

 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново