А пропо – 85.роденден на оскаровецот и автор Вуди Ален

А пропо – 85.роденден на оскаровецот и автор Вуди Ален

Како би го резимирал мојот живот? Ме служеше среќата. Среќата ме извлече од многу глупави грешки што ги направив. 

За што жалам најмногу? Само за тоа дека ми даваа милиони и целосна уметничка контрола за да правам филмови, а никогаш не направив ниеден величествен филм. 

Кога би можел да го заменам мојот талент за талентот на која и да е друга личност, жива или мртва, која би била таа личност? Без конкуренција – Бад Пауел. Иако и Фред Астер е апсолутно тука некаде. 

На која личност од историјата најмногу ѝ се восхитувам? На Шејн, ама тој е измислена личност. 

А од жените? Имаше толку многу жени на кои им се восхитував, од стандардните како Елинор Рузвелт и Хариета Табман до Ме Вест и мојата братучеда Рита. И, на крајот, ќе ја наведам и Сун-Ји. Не затоа што таа ќе ме искрши со сукалото ако не ја споменам туку затоа што на петгодишна возраст живеела среде суровоста на улицата во потрага по подобар живот, а и покрај огромните пречки, успеа да се избори за таков живот. 

За што најмногу завидувам? За пишувањето на „Трамвајот“За што најмалку завидувам? За тркалањето по зелени полјани. 

Кога би требало одново да го живеам животот, дали нешто би направил поинаку? Не би го купил оној суперсечко што типот во рекламата го фалеше како да е некое чудо.

И дали навистина не сум заинтересиран за оставина? Ме цитирале и порано на оваа тема, па затоа ќе го речам само ова: наместо да продолжам да живеам во срцата и мислите на публиката, претпочитам да продолжам да живеам во мојот стан. 

Вуди Ален

(Извадок од А пропо ништо – автобиографијата на режисерот објавена оваа година во издание на ТРИ)

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново