ВЕНКО АНДОНОВСКИ
Венкo Андоновски (1964, Куманово) е прозаист, драматург, критичар. Професор по книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. Еден од најчитаните македонски автори во последнава деценија. Романот Папокот на светот е продаден во над 14 000, а Вештица во над 8 000 примероци. Еден од најпопуларните драмски писатели во последниве десетина години во Македонија. Автор е на над 30 книги од најразлични жанрови. Добитник е на сите домашни награди за проза, драма и критика, како и на меѓународните награди „Балканика“, „Кочиќево перо“ и „Југра“ (руска меѓународна награда за најдобар роман од словенските книжевности). Романот Папокот на светот, во превод на руски, беше номиниран за Толстоевата награда во 2018 година. За француското издание на неговиот роман Вештица, Милан Кундера, откако ќе го спореди Андоновски со Херман Брох и Карлос Фуентес, ќе напише: „Вештица е голем роман за Европа. За минатото и сегашноста на Европа. Но, доста. Не сакам да ви го раскажувам овој роман што и не може да се раскаже. Ве молам прочитајте го. Со љубовта која ја заслужува“.
Поважни дела: Фрески и гротески, Припитомување на кучката (раскази);
Азбука за непослушните, Папокот на светот, Вештица и Ќерката на математичарот (романи). Поважни изведени драми: Бунт во домот за старци, Словенскиот ковчег, Кандид во земјата на чудата, Црни куклички, Папокот на светот, Кинегонда во Карлаленд, Граница, Олово на перница, За секого има по една, Генетика на кучињата, Ана Каренина – македонска приказна, Исус на Масада, Господарот на кукавицата, Јов...
Критика и културологија: Матошевите ѕвона, Структурата на македонскиот реалистичен роман, Текстовни процеси, Дешифрирања, Воскресението на читателот, Обдукција на теоријата – Жива семиотика (том 1), Обдукција на теоријата – Наратологија (том 2), Зеницата на Македонија (Историја на македонската светлина) – монографија за културата на Македонија (со Глигор Стојковски), Достоевски и Мекдоналдс (книжевни и културолошки есеи).
Сценарио за филм: Превртено (според вториот дел на Папокот на светот, режија на Игор Иванов-Изи).
Делата му се преведени на десетина јазици, меѓу кои на англиски, француски, унгарски, руски, грчки, словенечки, хрватски, српски, бугарски...