ТРИ прашања со… Алехандро Паломас

ТРИ прашања со… Алехандро Паломас

1. Светот станува сѐ почудно место за живеење и творење. Како се одразува кај вас оваа нова реалност?

Всушност, не се одрази и не смени ништо во мојот живот. Знаете, живеам во село, сам со  неколку кучиња, и се обидувам колку што можам помалку да имам контакти со луѓето. Оваа нова реалност, оваа пандемија ме изненади бидејќи кога почна бев на патување во Тиера дел Фуего, на југот на Чиле, и снимав документарец за пингвините со еден биолог. Тоа беше во јануари и февруари. Се вратив во Барселона на 12 март, а на 13 март веќе нѐ ставија во карантин. Оттаму шокот. Бев затворен во својот дом 4 месеци, немаше никој, но за мене тоа не беше казна зашто во местото каде што живеам и онака нема никој, па си продолжив со животот како и дотогаш. Со мене беа мајка ми и сестра ми, заедно секојдневно шетавме низ шумата и убавината во сето тоа беше што видовме како природата реагира на отсуството на луѓето. Видовме како животните повторно излегуваат, животни како елени, лисици... и за мене тоа беше исто како чудо, зашто ги сакам животните – беше како рај на земјата. Сега, кога пандемијата е во друга фаза, работите се сменија и за мене. Не сум многу креативен кога станува збор за пишувањето приказни, но затоа напишав книга поезија и работам на документарец за театарот. 

Уште од дете реалноста за мене е мој сопствен свет. Мислам дека тоа лесно се забележува и во самиот роман. Многу сум сличен со Гил, главниот лик од романот, кој исто така има сопствен свет и своја реалност. Секогаш сам го создавам својот свет и навистина живеам во него со моите најмили, со луѓето што ги сакам и со моите животни. И тоа е тоа!


2. Гил, главниот лик од вашата книга „Син", е искрен, чувствителен фантазер. Како се роди, што ве водеше низ приказната?

Беше многу лесно да се создаде неговиот лик, бидејќи неговиот карактер е, всушност, мојот карактер. Немам деца, немам внуци, не сум опкружен со деца, па кога почнав да ја пишувам оваа книга знаев дека морам да ги користам своите сеќавања од детството. Гил поседува многу работи што се мои. Начинот на кој размислува, начинот на кој ја гледа реалноста, бистрината на неговиот поглед, начинот на кој зборува – така и јас зборував кога имав 9 години. Мислам дека истото можам да го кажам и за другите мои романи, тоа е честа карактеристика во мојата работа: Јас сум она што го правам и во мојата работа не постои филтер во однос на мојот живот и карактер. Секако дека јас не сум Гил, а тој не е јас, јас не ги живеев неговите приказни. Но начинот на кој се справува со својот живот е истиот со кој и јас се справував.

Не бев срдечно дете, попрво можам да кажам дека бев тажно дете. Бев многу осамен, пречувствителен и многу рано морав да создадам и да изградам свој свет. Бев од оние деца кои можат со само неколку лего-коцки да го поминат целото попладне сами и тивки, замислувајќи си работи. Многу рано научив дека имагинацијата е сѐ во животот. Сега живеам од сопствената имагинација, што за мене е и чудо и луксуз. Кога решив дека ќе ја пишувам оваа книга со различни ликови и гласови, одлучив дека морам да бидам секој од моите ликови, не само да ги создадам туку и да бидам како нив. Да им дадам личност. Затоа отидов до најблиското училиште, на 10 километри од мојот дом, влегов во одделението каде што учеа деветгодишници и ја прашав наставничката дали може да ми зајмат маса и столче од некое од учениците. Ги однесов дома и го напишав романот седнат на нив цели 4 месеци. Јас сум висок 1,92 сантиметри и тоа беше навистина тешко, ме болеа нозете, колената, глуждовите. Но морав да бидам Гил!

Јас не сакам да пишувам романи и да создавам ликови, јас, всушност, создавам човечки суштества. Во тоа е разликата. Во тоа е главната разлика меѓу мене и... не би рекол другите писатели, тоа е нешто мое. Го имам тоа чувство и убеден сум дека не создавам ликови, туку откривам луѓе што веќе постојат.

Син


 

3. Детето во вас најдобро знае дека...

Ова е тешко прашање. Детето во мене најдобро знае дека сѐ е привремено, дека сите ќе умреме... Детето во мене знае многу нешта бидејќи е дете кое многу страдало и кое преку страдањето многу научило, и тоа ми помогна да го разберам страдањето на другите и да научам како функционираат емоциите, како да се справам со тоа и како да им помогнам на другите преку моите книги.

Не сакам моите книги да се читаат со интелектот, туку со емоциите. Моите книги имаат цел да го допрат тој чист дел. Јас не сакам филтри, бидејќи ја сакам вистината. Го мразам лажењето и не знам да лажам. Вистината ми ја дава сигурноста која ми е потребна. Тоа најдобро го знае детето во мене: да ја кажува вистината. Вистината е сѐ. 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново