НА ЧОВЕК МОЖЕШ ДА МУ ГО ЗАЛЕПИШ ЕГОТО, НО НЕ И СРЦЕТО

НА ЧОВЕК МОЖЕШ ДА МУ ГО ЗАЛЕПИШ ЕГОТО, НО НЕ И СРЦЕТО


Септември во Охрид. Најубав. Туристите кои прават ѓубре и оставаат корупки од лубеници на плажа, си заминале. Продавачите на плескавици со зачадени тезги со мирис на свежа зелка, се повлекле. Оние со пченки и крофни во кошница на велосипед, што во егзистенцијалната борба за некој денар минуваат крај тебе како да лапнале мегафон, се разретчиле. Локалците и домаќините кои решиле да направат брз ќар со минимум инвестиција, нудејќи ги најгласно своите апартмани на секое ќоше, се потстишиле. Незадоволните келнери со тон работа навргалена од газдите за истите пари во сезоната и надвор од неа си дошле на себе, па остануваат само уште туристите кои дошле да уживаат во езерото и во манастирската архитектура на Охрид. Најубавата категорија граѓани, неоптоварени со профитните пикантерии на бруталното македонско секојдневје. Без гримаса на константна духовна сиромаштија на лицата. Од нив можеш да научиш како се ужива во животот со еден ранец на грб, со рацете в џеб, без бесна кола од коja трешти турбофолк на патот до плажите на Градиште...

Љубопитни се во духот, па го фатиле патот под нозе и решиле да ја истражат Македонија. Решив и јас денеска, шетајќи по кејот на Охрид, да ги отворам ширум очите, но наместо туристичка диоптрија, што ги гледа само брановите, песокот, камењата и сонцето, решив да ја видам земјава одблизу. Да ѝ го видам човечкото лице. Да ги погледнам в очи луѓето со кои се разминувам секојдневно, без да ги забележам нивните животни приказни... Ставам очила за сонце со коишто мислам дека сум невидлива и почнувам да набљудувам. Никогаш претходно не ме интересирале туѓите животи, ниту, пак, сум сакала да ѕирнам во туѓите домови, но овој пат со една антрополошка љубопитност сакам да му се приближам на животот спроти мене. Во сите негови пори, мистерии, радости и болки. Охридското шеталиште има своја посебна убавина, а рефлексијата на езерото, што е само на чекор до мене, нуди подлабока слика.

Првата сцена што ме пресретнува на кејот ме враќа во детството. Две дечиња си играат во близина на трските. Ловат жаби. :) Прво што ми се активира е алармот за заштита на животни, па си помислувам дека не е фер да убијат невино животинче. И само што сакав да им се приближам и како некоја тетка да им поделам понекоја лекција за правата на животните, за тоа што е правилно, а што погрешно, се присетувам на нашите игри во детството. Носталгично си се насмевнувам и сфаќам дека овие две невини суштества нема да повредат ниту една жаба, само ќе си играат и ќе се преправаат дека се ловци. Не вреди да им го скршам филмот со мојот морален компас, што и онака, на нивна осумгодишна возраст, нема да го разберат. Колку ли се само задлабочени во она што го прават. :) Прекрасно е да си дете и да веруваш во чуда.

Продолжувам понатаму. На чекор од детската невиност и наивност ме пресретнува сцена на виновни љубовници. Швалерите се познаваат по бојата на гласот. Шепотат и кога викаат. Полни со очај и љубомора, двајца 40-годишни љубовници ставаат крај на својата тајна врска. Поминувам крај нив правејќи се дека не забележувам ништо, а ушите сум ги начулила како најголема озборувачка, која сака да ги слушне тајните на соседите. Жената го прекорува дека тој нема ни грам емоција дури и на разделбата, а тој неа дека одамна ѝ кажал оти нивната врска не може да има среќен крај и дека никогаш нема да ги напушти жената и децата. Ми станува непријатно што ја делат својата интима со еден случаен минувач како мене, но за миг се охрабрувам дека нивниот грев е многу поголем од мојот слушателски грев. Веднаш се ставам во кожата на нивните изневерени партнери и тоа ми дава сила да се убедам дека не правам ништо лошо, туку само регистрирам ситуација што никому не му носи среќа. Едните се дават во гризење на совеста, а другите се дават во недоверба. На ниво на опсервација, интересно е да се види како изгледа гримасата на пораз на очајни швалери кои сфаќаат дека веќе нема каде. Удавени во своите слепи надежи, со очи полни лаги, си го собираат она малку достоинство што им останало на крајот. Од лагите, ни солзите не им се гледаат. Уф, сигурно е многу мачен животот по хотелски соби и тајни рецепции, зад темни завеси што мирисаат на привремена страст, со криви клучеви кои отвораат Пандорини кутии. Сигурно е очајно чувството да шепотиш кога некому му велиш – те сакам, а притоа шепотиш не од милост, туку од страв случајно да не те чујат на соседната маса пријателите на мажот/жената кој/а го/ја изневеруваш. Тажните приказни имаат тажен крај. Тој си заминува, а таа останува сама на кејот покрај Охридското Езеро. Само брановите ѝ прават друштво на нејзината осаменост. Ја одминувам и се мислам да ѝ кажам некој утешен збор, но тоа веројатно нема да ѝ ја намали болката. На човек можеш да му го залепиш егото, но не и срцето.

Продолжувам понатаму и по само неколку чекори се разминувам со спортист кој трча на кејот. Средбата ни е кратка, оти тој ме одминува со брзина на светлината, а јас останувам зад неговата прашина да му се восхитувам на еланот. Следствено, на ум ми паѓа онаа клише мисла: „Во здраво тело, здрав дух“, ама изгледа на оваа филозофија ми текнува само кога ќе се разминам со некое вито тело. :) Телото е наш храм и треба да го чуваме. Сепак, од темата за естетика и здравје брзо се префрлив на еден друг кадар на кејот. Кадар што ме замолчи и ме замисли. Мајка туркаше количка, но во неа немаше бебе, туку возрасно момче со парализирани нозе. Инвалидска количка. Лицето со физичка попреченост во количката беше насмеано и весело. Го набљудуваше животот наоколу без трошка пизма и лутина кон сè што му е одземено и оневозможено. Колку ли треба да ти е голем духот за да не му се лутиш на своето хендикепирано тело? Колку ли треба да си пораснат во умот за да си полн со прифаќање и разбирање на неправедната судбина? И мајката беше спокојна. На нејзиното лице видов онаков вид спокојство што зрачеше со помиреност со она што ти го сервирал животот, наместо вечно лелекање над судбината. Разминувајќи се со нив срамежливо ги погледнав чувствувајќи вина што можам слободно да се движам, а за возврат од нив добив разбирање кон мојот сомнителен поглед, апсолвиран многупати претходно во сите други погледи на лицата на луѓето со кои секојдневно се разминуваат, добивајќи голо сожалување. Тогаш си помислив дека овие луѓе не заслужуваат да ги сожалуваме, оти сожалувањето имплицитно во себе содржи и омаловажување, ами да ги охрабриме дека и за нив има еднакво место под сонцето.

А сонцето си ги плакнеше своите зраци во водата на езерото што сè повеќе се брануваше од убост. Ветрот нè галеше сите нас со најразлични животни приказни што чекоревме и се разминувавме едни со други ова утро по кејот. Јас исто така туркав количка, но во неа беше моето мало бебенце и за миг се почувствував најблагодарна кон животот. Нивниот ентузијазам за мене беше голема лекција. Се поднасмевнав, го бакнав малото и продолжив да чекорам по кејот. Малку замислена, се удрив со еден бизнисмен, кој не ни забележа дека жена со количка минува крај него. Занесен беше во својот разговор на мобилниот, на кој гласно му викаше на својот работник. Такво арогантно шефување одамна немав слушнато. И додека во тие неколку минутки се изнаслушав куп навреди, не можев да поверувам дека некои луѓе немаат основно домашно воспитување за достоинството на другите луѓе. Подготвени се да газат преку трупови, само да ја добијат целта наречена профит. А за тоа што се чукна во мене, не добив ни едно извини! Човекот за кој работничките права се замислена именка беше презафатен со својот дрзок и надмен став. Во меѓуврме, брановите на езерото сè повеќе го бакнуваа брегот. Сè повисоки и поснажни. За миг станав лоша и посакав да го исплискаат неговото фирцано сиво сако, сигурно скапо платено за брендот за којшто во Кина и во Африка работат деца и сиромашни. Експлоатацијата не ја поднесувам на кое било ниво!

И додека препотентниот дечко ми се губеше од вид, во кадар се појавија две стари лица. Маж и жена во длабока старост. На нивниот животен ѓердан се беа обесиле 80-тина години, а тие си се држеа за рака. Збрчкана, но прекрасна слика. Се разнежив и си помислив дека и јас би сакала да доживеам длабока старост покрај човекот кој го сакам. Да ни се тресат рацете додека ни се допираат. А вљубените парови се држат за рака во две животни фази – кога се млади, страсни, тазе заедно и потоа повторно кога се стари и беспомошни. Првиот пат се држат од нежност, а вториот од несигурност. Ете, тоа е животот! Со сите свои мистерии помеѓу...

Денеска по кејот на прекрасното Охридско Езеро видов многу негови слики. Дури и оние што се скриени под нечие чергиче или во нечие срце. А езерото... ах, тоа денеска сакаше да биде море. Беше тиркизно сино и брануваше по сите мои пори на телото. Каква прошетка! Му залепи шлаканица на моето его!

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново