ИЗВАДОК ОД „МАНАСТИР ФУЕНТЕРАБИЈА“ ОД ЈАГОДА МИХАЈЛОВСКА-ГЕОРГИЕВА

ИЗВАДОК ОД „МАНАСТИР ФУЕНТЕРАБИЈА“ ОД ЈАГОДА МИХАЈЛОВСКА-ГЕОРГИЕВА


Беше многу тивко во куќата утрото кога се разбуди. Дури ни од градината не допираа вообичаените звуци. Му се стори дека во спокојството на таа тишина слуша жуборливо струење низ своето тело. Бодро се протегна. Зошто здравјето нè радува само откако ќе одболедуваме, а отпосле не го ни забележуваме?, се прекори.

Сè му предизвикуваше радост. Им се израдува на разиграните цветни тапети врз ѕидовите и на веселите женски ситници обесени на закачалката, такви му се видоа под искривата светлина на раното утро. Го разнежи дури и розовата постелнина, па и црниот вентилатор над главата сега му изгледаше добронамерен. А ноќното масиче, тоа пак само што не почнало да танцува од радост. Чиниче со бисквити, портокал и чаша вода покриена со платнена салфетка му оставила Нара врз него. Но каде би можела да е таа? Сигурно излегла штом е вака тивко, крепко стана. Одвај забележителната слабост во телото го потсети дека долго лежел, несвојствено за него. Беше со добро здравје, ретко нешто можеше да го фрли в постела.

Широко го отвори прозорецот. Овошките во градината прилегаа на детски цртеж со  разнобојните плодови низ гранките. Утринското сонце ги допираше само врвовите на крошните, сè уште не се беше пробило меѓу нив. Овде-онде меѓу заостанатите лисја спиејаситни птици со клунчињата во пердувите. Изгледа е многу рано, си помисли, затоа ваквата стивнатост. Колку би можел да е часот?, се сети дека си го остави мобилниот во мансардата, често правеше така, а рачен часовник не носеше.

На прсти отиде до вратата, беше подотворена, ѕирна кон дневната. На софата мачкесто спиеше Нара. Колената речиси ѝ допираа до брадата, едната рака свиена под главата, другата префрлена преку градите, суканиците змиулесто спуштени кон подот. Од мекиот лак на полуразголеното рамо се наѕираше тетовираната богомолка, прв пат му се стори добронамерна, како да се моли со споените пипала, а не како да чека плен. Еден сончев зрак ѝ го шараше со светлина убавото лице, игриво префрлајќи се од усните кон носот. Ќе проблеснеше задржувајќи се кратко врз минијатурниот пирс на левата ноздра, па оттаму кон очите, преку образите низ издолжениот врат, ко да запнал да ја разбуди. Но Нара спиеше толку спокојно, толку длабоко, исто како градината надвор. А тој ја гледаше, маѓосан од таа заспана убавина, вчудовиден, трогнат... да, си помисли, ова е божествената креација наречена жена. Како да одгатнал некаков таен ракопис, нечитлив дотогаш, не се осмелуваше ни да трепне да не би да му исчезне смислата на напишаното. Жена, изговори со шепот, и одново, жена, жена, жена, воздржувајќи се да не крикне на сиот глас. Повторуваше со секој здив, го дишеше тој збор, за првпат јасно и длабоко про никнувајќи во севкупноста на неговата полнота нему непозната од манастирот. Се повлече чекор наназад, нечујно, одвај стапнувајќи. Ја затвори вратата зад себе, растреперен, и од радост и од тага истовремено. Се судираа во него, се оддалечуваа, па повторно се спојуваа во едно чувство. Разорно. Забрзано вдишуваше и издишуваше, срцето му биеше ту во градите ту во слепоочниците и во вратните жили, дури и во стомакот, долу се спушти, смири се, срце, му рече, тоа е Нара.


Не беше само Нара, тоа беа сите жени што отсуствуваа од неговиот дотогашен живот. Ја наметна јакната врз пижамите и со лесен прескок преку прозорецот се спушти во градината. Ниско беше. Да си го поврати спокојството, ништо друго не посакуваше во тој миг. Седна под едно дрво, што дека земјата сè уште не беше исушена, се потпре на стеблото, ги затвори очите и фати да пребира по бројницата околу зглобот. Се задржуваше на секое од јазолчињата толку колку што беше потребно да ја изговори Исусовата молитва, па продолжуваше, јазолче, молитва, јазолче, молитва, Господи, Исусе Христе, сине Божји, помилуј ме грешниот, повторуваше шепотливо. Во манастирот постојано на тој начин си го стивнуваа умот. А кога ќе беше особено расеан, или вознемирен како сега, и не ќе му успееше сам да се внесе во молитвата, го замолуваше Небесна да му помогне. Заседнати во градината секој под различно дрво, во еден глас изговараа, Господи, Исусе Христе... Секогаш му беше полесно да се нурне во молитвениот молк кога беа заедно.

Го повика во себе, биди со мене, придружи ми се заедно да се помолиме, оваа чудна Нара ме разнебитува. Небесна мој мил, го бараше во срцето, слушни го мојот глас, пријателе сакан, потребен си ми.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново