ПРОЧИТАЈТЕ ИЗВАДОК ОД ГЛОБАЛНИОТ БЕСТСЕЛЕР „21 ЛЕКЦИЈА ЗА 21 ВЕК' од ЈУВАЛ НОА ХАРАРИ

ПРОЧИТАЈТЕ ИЗВАДОК ОД ГЛОБАЛНИОТ БЕСТСЕЛЕР „21 ЛЕКЦИЈА ЗА 21 ВЕК' од ЈУВАЛ НОА ХАРАРИ

ТРИ ве инспирира и мотивира да ги читате најдобрите и најпопуларните светски изданија во моментов. Ексклузивно, само за вас, денес споделуваме извадок од „21 лекција за 21 век“.


Оваа книга е сведоштво на новото време, глобален бестселер напишан од еден од најголемите умови на денешницата – Јувал Ноа Харари.


Прочитајте го извадокот:

РАБОТА


Воопшто не знаеме како ќе изгледа пазарот на трудот во 2050 година. Генерално, постои согласност дека машинското учење и роботиката ќе доведат до промена во речиси сите сфери на работа – од правењето јогурт до држењето часови по јога. Но има различни гледишта во врска со тоа каква ќе биде природата на промената и колку е таа неминовна. Некои сметаат дека за само една-две децении милијарди луѓе ќе станат економски и технолошки вишок. Други, пак, сметаат дека дури и долгорочно автоматизација ќе продолжи да создава нови работни места и поголем просперитет за сите.

Дали сме на работ на некаков застрашувачки пресврт, или пак ваквите предвидувања се само уште еден пример на неоснована лудистичка хистерија? Тешко е да се каже. Стравовите дека автоматизацијата ќе доведе до масовна невработеност датираат од деветнаесеттиот век и досега се немаат реализирано. Од почетокот на индустриската револуција наваму за секое работно место кое се губи поради машините се создава ново, а просечниот животен стандард драстично се зголемува. Но има добри причини да се верува дека овој пат работите се поинакви, и дека машинското учење навистина ќе предизвика големи промени.

Луѓето имаат два типа на способност – физичка и когнитивна. Во минатото машините им конкурирале на луѓето главно во однос на чистите физички способности, а луѓето ја задржуваат огромната предност над машините во однос на когницијата. Така што, се автоматизира рачната работа во земјоделството и индустријата, но се јавуваат нови работни места во секторот услуги, за кои се потребни когнитивни вештини кои ги имаат само луѓето: учење, анализирање, комуницирање и, пред сѐ, разбирање на човечките емоции. Меѓутоа сега вештачката интелигенција почнува да ги надминува луѓето во сѐ повеќе вакви вештини, вклучително и во препознавањето на човечките емоции. Не познаваме трета сфера на активност, што не е физичка или когнитивна, каде што луѓето секогаш ќе можат да ја задржат предноста. Многу е важно да се сфати дека кога зборуваме за револуција на вештачката интелигенција, не мислиме само на побрзи и попаметни компјутери. Оваа револуција ја поттикнуваат пробивите во науките за животот и општествените науки. Колку повеќе знаеме за биохемиските механизми што стојат зад човечките емоции, желби и избори, толку подобро можат компјутерите да го анализираат човечкото однесување, да ги предвидуваат човечките одлуки и да ги заменуваат возачите, банкарите и адвокатите.

Во изминатите неколку децении истражувањето во областите какви што се невронауките и бихевиорална економија им овозможува на научниците да ги хакираат луѓето, и со тоа многу подобро да осознаат како луѓето донесуваат одлуки. Излегува дека изборите што ние ги правиме, било да се работи за храна или избор на партнер, не произлегуваат од некаква мистериозна слободна волја, туку од пресметките на веројатност што ги прават милијарда неврони во дел од секундата. Толку фалената „човечка интуиција“ е, всушност, „препознавање теркови“. Добрите возачи, банкари и правници немаат некаква магична интуиција за сообраќајот, инвестициите или преговорите, туку тие препознаваат теркови што се повторуваат, ги препознаваат и врз основа на тоа се обидуваат да избегнат невнимателни пешаци, платежно неспособни заемобаратели и нечесни измамници. Освен тоа, се покажува дека и биохемиските алгоритми во човечкиот мозок се далеку од совршени. Тие се потпираат на хевристика, скратеници и застарени кола приспособени повеќе за африканските савани отколку за урбаните џунгли. Не е ни чудо што дури и добрите возачи, банкари и правници понекогаш прават глупави грешки.

Тоа значи дека вештачката интелигенција може подобро од луѓето да извршува задачи за кои наводно е потребна „интуиција“. Идејата дека вештачката интелигенција треба да се натпреварува со човечката душа и нејзиното претчувство звучи невозможно. Но концептот дека вештачката интелигенција, всушност, треба да се натпреварува со невронските мрежи кои пресметуваат веројатност и препознаваат теркови и не звучи толку застрашувачки.

Вештачката интелигенција може особено добро да извршува работни задачи за кои е потребна интуиција во однос на другите луѓе. За многу работи, на пример, за возење по улици со многу пешаци, одобрување заеми на непознати луѓе и договарање деловни зделки, е потребна способност за правилно проценување на емоциите и желбите на другите луѓе. Дали детето ќе истрча на патот? Дали човекот во костум ќе ги земе парите и ќе побегне? Дали правникот ќе ги исполни заканите, или само блефира? Сѐ додека се мислело дека ваквите емоции и желби се производ на некаква нематеријална душа, било очигледно дека компјутерите никогаш не ќе можат да ги заменат возачите, банкарите и правниците. Како може еден компјутер да ја разбере човековата душа создадена од Бог? Но ако овие емоции и желби не се ништо повеќе од биохемиски алгоритми, тогаш нема никаква причина и компјутерите да не можат да ги одгатнат овие алгоритми, и тоа многу подобро од кој било сапиенс.

Возачот кој ги предвидува намерите на пешакот, банкарот кој ја проценува кредитоспособноста на потенцијалниот заемобарател и правникот кој го одмерува расположението на преговарачката маса не го прават тоа со вештерство. Без да бидат свесни за тоа, нивните мозоци препознаваат биохемиски шаблони анализирајќи ги изразот на лицето, тонот на гласот, движењето на рацете, па дури и телесните мириси. Вештачката интелигенција опремена со вистинските сензори би можела сето тоа да го прави многу попрецизно и многу посигурно од луѓето.

Оттаму, заканата од загуба на работните места не потекнува само од подемот на информатичката технологија, туку од спојот на информатичката технологија и биотехнологијата. Патот од магнетната резонанција до пазарот на трудот е долг и кривулест, но сепак може да се помине за неколку децении. Она што научниците денес го дознаваат за амигдалата и малиот мозок може да им овозможи на компјутерите да ги надминат и психијатрите и телохранителите во 2050 година.

Вештачката интелигенција не само што е во позиција да ги хакира и надминува луѓето во нештата што досега биле исклучиво во доменот на човечките вештини, туку исто така поседува и способности кои не се својствени за луѓето, поради што разликата меѓу вештачката интелигенција и работникот не е веќе само прашање на степен, туку е многу посуштинска. Две особено важни нечовечки способности што ги има вештачката интелигенција се способноста за поврзување и способноста за ажурирање.

Луѓето се поединци и затоа за нив меѓусебното поврзување и ажурирањето не е лесно. Наспроти тоа, компјутерите не се поединци и тие лесно можат да се интегрираат во флексибилни мрежи. Според тоа, денешната закана не се состои во тоа дека милиони индивидуални роботи и компјутери ќе заменат милиони индивидуални работници, туку дека поединците ќе бидат заменети со интегрирани мрежи. Затоа, во контекст на автоматизацијата, би било погрешно да се прават споредби меѓу еден возач поединец и едно поединечно автономно возило, или меѓу човек лекар и лекар-вештачка интелигенција, туку би требало да се споредуваат способностите на една група поединци со способностите на една интегрирана мрежа.

На пример, многу возачи не ги знаат сите сообраќајни прописи бидејќи тие постојано се менуваат, и затоа честопати ги прекршуваат. Освен тоа, бидејќи секое возило е самостојна целина, кога две возила во исто време ќе се најдат на иста крстосница, можно е да дојде до недоразбирање, а со тоа и до судир. За разлика од тоа, автономните возила можат меѓусебно да се поврзуваат. Кога две такви возила ќе дојдат до иста крстосница, тие не се две самостојни целини – тие се дел од еден единствен алгоритам. Според тоа, многу помала е веројатноста дека меѓу нив ќе дојде до недоразбирање и судир. А доколку Министерството за транспорт одлучи да ги смени сообраќајните прописи, сите автономни возила лесно можат да се ажурираат во апсолутно истиот момент и доколку нема некој вирус во програмата, прецизно да го следат новиот пропис.

На сличен начин, кога Светската здравствена организација ќе открие нова болест или една лабораторија нов лек, речиси невозможно е да се информираат сите лекари луѓе во светот за тоа. Наспроти тоа, дури и да има десет милијарди лекари со вештачка интелигенција во светот, по еден за сите луѓе на светот, тие можат да се ажурираат во еден дел од секундата, а можат и меѓусебно да комуницираат и да си даваат повратни информации во врска со новата болест или новиот лек. Оваа потенцијална предност од поврзувањето и ажурирањето е толку голема што барем во одредени професии ќе биде логично да се заменат сите луѓе со компјутери, дури и ако одредени поединци подобро си ја вршат работата од машините.

Можеби ќе речете дека замената на поединците со компјутерска мрежа ќе доведе до загуба на предностите што ги носи индивидуалноста. На пример, ако еден лекар човек донесе погрешна одлука, тоа нема да доведе до смрт на сите пациенти во светот, и тој човек не може да го спречи развојот на сите нови лекови. Наспроти тоа, ако сите лекари се, всушност, само дел од еден единствен систем, резултатите од една погрешна одлука може да се катастрофални. Па сепак, вистината е дека интегрираниот компјутерски систем може да ја максимизира предноста од поврзаноста без тоа да биде на штета на предностите што ги носи индивидуалноста. На една иста мрежа може да функционираат повеќе алтернативни алгоритми, со што еден пациент од некое оддалечено село во џунглата ќе може со паметен телефон да контактира не само со еден авторитетен лекар, туку со стотици различни лекари-вештачка интелигенција, чии поврзани резултати постојано ќе се споредуваат. Не ви се допаѓа тоа што ви го кажа лекарот од Ај-би-ем? Нема проблем. Дури и да сте заглавени некаде на падините на Килиманџаро, лесно ќе можете да го контактирате лекарот од Баиду за второ мислење.

Користа за човечките општества најверојатно ќе биде огромна. Лекарите со вештачка интелигенција ќе им овозможат многу подобра и поевтина здравствена заштита на милијарди луѓе, особено на оние кои сега воопшто ја немаат. Благодарение на алгоритмите со способност да учат и благодарение на биометриските сензори, еден сиромашен селанец од некоја неразвиена земја би можел да има многу подобра здравствена заштита преку паметниот телефон отколку што најбогатиот човек на светот ја добива денес во најразвиените градски болници.

На сличен начин, автономните возила би можеле на луѓето да им овозможат многу подобри транспортни услуги и да ја намалат смртноста од сообраќајни несреќи. Денес речиси 1,25 милиони луѓе годишно умираат во сообраќајни несреќи (двапати повеќе од смртноста од војна, криминал и тероризам заедно). Повеќе од 90 проценти од овие несреќи се предизвикани од човечка грешка: возење под дејство на алкохол, пишување пораки додека се вози, заспивање зад воланот и фантазирање наместо внимавање на што се случува на патот. Државната служба за безбедност на патиштата во САД проценила дека 31 процент од несреќите со смртни последици во САД во 2012 година се должат на возење под дејство на алкохол, 30 проценти се од прекумерна брзина, а 21 процент од возачи кои не биле концентрирани. Автономните возила никогаш нема да направат ниту една од овие работи. Тие не се без проблеми и недостатоци, но иако одредени несреќи се неизбежни, се очекува замената на сите возачи-луѓе со компјутери да ги намалат смртноста и повредите на патиштата за околу 90 проценти. Со други зборови, со преминувањето на автономни возила веројатно ќе може да се спасат животите на милион луѓе годишно.

Според тоа, би било лудо да се спречува автоматизацијата во областите какви што се транспортот и здравствената заштита само заради зачувување на работните места на луѓето. Во крајна линија, треба да ги штитиме луѓето, не работните места. Возачите и лекарите кои се технолошки вишок едноставно ќе треба се занимаваат со нешто друго.

Машински Моцарт

Барем во догледно време, вештачката интелигенција и роботиката нема целосно да доведат до гаснење на цели индустрии. Работните места за кои е потребна тесна специјализација со рутински активности ќе бидат автоматизирани. Но ќе биде многу потешко машините да ги заменат луѓето за работи кои не се рутински и кои бараат примена на повеќе вештини во исто време, во услови кои секогаш не можат да се предвидат. Да ја земеме здравствената заштита како пример. Многу лекари речиси исклучиво работат на обработка на информации: добиваат медицински податоци, ги анализираат и даваат дијагноза. За разлика од нив, медицинските сестри треба да имаат добри моторни и емоционални вештини за да можат да стават инјекција што е болна, да сменат завој, или да проверат одреден пациент. Затоа, многу поголема е веројатноста дека на паметните телефони ќе имаме лекар со вештачка интелигенција неколку децении пред да добиеме медицинска сестра-робот на која ќе можеме да се потпреме. Индустријата за нега на луѓето, што вклучува грижа за болните, младите и старите, најверојатно уште долго време ќе остане во надлежност на луѓето. Дури, со оглед на тоа што луѓето живеат подолго и имаат сѐ помалку деца, негата за возрасните веројатно ќе стане еден од најбрзорастечките сектори на пазарот на трудот за луѓето.

Освен негата, и творештвото е исто така особено тежок предизвик за автоматизацијата. Веќе не ни требаат луѓе да продаваат музика; неа лесно може да ја симнеме директно од продавницата на Ајтјунс. Но композиторите, музичарите, пејачите и диџеите се сѐ уште луѓе од крв и месо. Ние не само што сметаме на нивната креативност да создава нова музика, туку и да ни направи избор на тоа што го слушаме од неверојатно големиот избор на веќе постојна музика.

Па сепак, долгорочно ниедна работа нема да биде апсолутно поштедена од автоматизацијата. Дури и уметниците треба да бидат свесни за тоа. Во современиот свет уметноста обично се поврзува со човечките емоции. На уметниците гледаме како на проводници на внатрешните психолошки сили и сметаме целата смисла на уметноста е да нѐ поврзе со нашите емоции и да инспирира во нас некое ново чувство. Затоа, кога ја оценуваме уметноста, судот обично го донесуваме според емотивното влијание што го има врз публиката. Но ако уметноста ја дефинираат човечките емоции, што ќе се случи кога надворешните алгоритми ќе можат да ги разбираат и раководат човечките емоции подобро од Шекспир, Фрида Кало и Бијонсе?

Впрочем, емоциите не се некој мистичен феномен, тие се резултат на биохемиски процеси. Според тоа, во не толку далечната иднина некој алгоритам со способност за машинско учење би можел да ги анализира биометриските податоци што ги емитираат сензорите во и вон вашето тело, да го одредат вашиот тип на личност и промените во вашето расположение, и со тоа да го пресметаат емотивното влијание што одредена песна, па дури и одреден музички тоналитет, го има врз вас.

Од сите уметнички форми музиката е веројатно најподатлива за анализи на големи податоци, затоа што е можно влезните и излезните информации да се прикажат на прецизен математички начин. Влезните информации се математички модели на звучни бранови, а излезните се електрохемиски модели на невронски реакции. Можно е за неколку децении да имаме алгоритам што ќе анализира милиони музички искуства и ќе научи како одредени влезни информации резултираат во одредени излезни резултати.


Да претпоставиме дека штотуку сте имале жестока кавга со дечкото. Алгоритамот одговорен за вашиот систем за звук веднаш ќе ја забележи вашата внатрешна емотивна вознемиреност, и врз основа на тоа што го знае за вас лично и за човечката психологија општо, ќе ви пушти музика скроена да резонира со вашето мрачно расположение и ќе ја одразува вашата вознемиреност. Овие песни можеби нема да го имаат тој ефект кај други луѓе, но тие се совршени за вашиот тип на личност. Откако ќе ви помогне да стапите во допир со длабочината на вашата тага, алгоритамот ќе ви ја пушти единствената песна на светот што има шанса да ве развесели, можеби затоа што вашата потсвест ја поврзува со некое среќно сеќавање од минатото за кое дури ни вие не сте свесни. Ниеден диџеј нема шанса да развие такви вештини како вештачката интелигенција.

Можеби ќе негодувате дека на тој начин вештачката интелигенција ќе ги уништи сите случајни откритија и ќе нѐ ограничи на еден тесен музички опус одреден од тоа што ни се допаѓало и не ни се допаѓало во минатото. А што е со истражувањето на нови музички вкусови и стилови? Нема проблем! Лесно ќе можете да го нагодите алгоритамот да избира пет проценти од музиката што ви ја пушта по случаен избор, со што тој ќе може сосем неочекувано да ви пушти музика од индонезиски гамелан ансамбл, опера од Росини, или најновиот хит на корејската поп-музика. Со текот на времето, следејќи ги вашите реакции, вештачката интелигенција би можела дури и да го одреди идеалното ниво на случајност за да го подобри вашето истражување на нова музика, без тоа да ве иритира; можеби намалувајќи го нивото на случаен избор на три проценти или зголемувајќи го на осум.

Уште една нејасна работа што може да предизвика негодување е прашањето како алгоритамот ќе ја одредува саканата емотивна цел. Ако штотуку сте се скарале со момчето, дали алгоритамот треба да има за цел да ве растажи или да ве развесели? Дали слепо ќе ја следи ригидната скала на „добри“ емоции и „лоши“ емоции? Има ли периоди во животот кога е добро да се чувствуваме тажни? Истото прашање, се разбира, може да им се постави и на музичарите и диџеите. Но алгоритамот може да изнајде многу интересни решенија на оваа гатанка.

Една опција е изборот да му се остави на клиентот. Вие ќе можете да ги одредите емоциите по сопствено наоѓање, а алгоритамот ќе го следи вашиот диктат. Било да сакате да се препуштите на самосожалувањето или да скокате од радост, алгоритамот верно ќе ве следи. Тој дури и ќе научи да ги препознава вашите желби без вие и да бидете свесни за тоа.

Ако не си верувате самите себеси, другата опција е да му дадете инструкции на алгоритамот да ги следи препораките на некој еминентен психолог на кој му верувате. Ако на крајот вашето момче ве „откачи“, алгоритамот ќе може со вас да ги помине официјалните пет фази на тагување, прво помагајќи ви да го одречете тоа што се случило со песната на Боби Мекферин Не грижи се, биди среќна, потоа да ви ја разгори лутината со песната на Аланис Морисет Треба да знаеш, па ќе ве наведе да се умилкувате со песната Не оставај ме на Жак Брел и Врати се и остани на Пол Јанг, по што ќе ве фрли во депресија со Некој како тебе и Здраво на Адел, за да ви помогне на крајот да ја прифатите ситуацијата таква каква што е со песната на Глорија Гејнор Ќе преживеам.

Наредниот чекор ќе биде алгоритамот да почне да ги редактира песните и мелодиите, менувајќи ги за сосем мала нијанса во согласност со вашите каприци. Можеби не ви се допаѓа некое делче на некоја инаку одлична песна. Алгоритамот го знае тоа затоа што вашето срце прерипнува, а нивото на окситоцин малку ви се намалува секогаш кога ќе го чуете тој дел што ве нервира. Алгоритамот би можел да ги прекомпонира или редактира тие ноти што ве нервираат.

Долгорочно, алгоритмите можеби ќе научат да компонираат и цели песни, свирејќи на човечките емоции како тие да се клавиши. Користејќи ги вашите биометриски податоци, алгоритамот би можел да компонира дури и персонализирани мелодии, кои само вие на целиот свет ќе знаете да ги цените.

Честопати се вели дека луѓето се поврзуваат со уметноста затоа што се пронаоѓаат во неа. Тоа може да нѐ доведе до изненадувачки, па дури и по малку вознемирувачки резултати. На пример, Фејсбук би можел да почне да создава персонализирана уметност врз основа на сѐ што знае за вас. Ако ве напушти момчето, Фејсбук ќе ве почести со персонализирана песна токму за тоа „копиле“, а не за некој друг што им го скршил срцето на Адел или Аланис Морисет. Песната ќе ве потсети дури и на вистински настани од вашата врска за кои никој друг на светот не знае.

Се разбира, персонализираната уметност можеби никогаш нема да фати корен затоа што луѓето и понатаму ќе ги претпочитаат заедничките хитови што им се допаѓаат на сите. Како ќе може да танцувате и пеете заедно на песна која никој друг освен вас не ја знае? Можно е, исто така, алгоритмите повеќе да се извештат во создавањето светски хитови отколку во компонирањето персонализирани и уникатни песни. Користејќи ги огромните биометриски бази на податоци во кои има податоци на милиони луѓе, алгоритамот би можел да знае кое биометричко копче да го притисне за да создаде светски хит на кој сите ќе играат како луди. Ако уметноста навистина служи за инспирирање (или манипулирање) на човечките емоции, многу малку музичари, па дури ниту еден не би можел да се натпреварува со таков алгоритам, затоа што луѓето не ќе можат со иста истенченост да го манипулираат главниот инструмент на кој се свири: човечкиот биохемиски систем.

Дали тоа ќе резултира со голема уметност? Тоа зависи од дефиницијата на уметноста. Ако убавината е навистина во ушите на слушателот, и ако клиентот секогаш има право, тогаш биометриските алгоритми имаат шанси да ја создадат најдобрата уметност досега. Ако уметноста е нешто подлабоко од човечките емоции и треба да ја изразува вистината што стои зад нашите биохемиски вибрации, тогаш биометриските алгоритми нема да бидат многу добри уметници. Но тоа е случај и со луѓето. За да го освојат пазарот на уметноста и да ги истиснат луѓето композитори и интерпретатори, алгоритмите не треба веднаш да го надминат Чајковски. Доволно ќе биде да ја надминат Бритни Спирс.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново