САМОДОВЕРБАТА НЕ Е МИТ – ТАА Е СУПЕРМОЌ ВО СЕКОЈ ОД НАС

САМОДОВЕРБАТА НЕ Е МИТ – ТАА Е СУПЕРМОЌ ВО СЕКОЈ ОД НАС

Во тешки времиња какви што се овие што ги сведочиме, човек многу често се доживува себеси како недоволно самоуверен, уплашен, нереализиран. И тоа е нормално – се наоѓаме во една специфична колективна ситуација што кај секого предизвикува различно чувство. Нашите стравови се исконски, природни. Но кога сакаме да успееме во нешто, да се реализираме себеси, можеме да си помогнеме со менаџирање на личните цели и исфрлање на стравот.

За да ја стекнете самодовербата и лесно да „возите“ низ метежот низ животот, ви нудиме неколку интересни насоки и вежби од докажаниот мотивациски говорник Брајан Трејси.  Важно е да знаете дека супермоќите во секој од нас постојат. Само треба да им дадеме отворен простор за реализација.

Издвојуваме неколку елементи за стекнување и зајакнување на самодовербата од неговата хит-книга „Моќта на самодовербата“ кои можете да ги пробате на самите себе. Со неколку едноставни чекори, овие потврдени начини за себеразвој и вежби можат да ви го променат денот, ставот, животот. Според Трејси, овие се можеби најзначајните елементи за силна самодоверба:

ЈАСНОСТ. Дали знаете што точно сакате да постигнете? Замислете си ја сликата пред себе, кога ќе ја имате – ќе знаете дека целта веќе e пред вас и сте ја освоиле.

УВЕРУВАЊЕ. Развијте непоколебливо уверување дека можете да направите сѐ што ќе замислите. Исклучете го стравот и активирајте ја свесноста дека нештата за кои одлучувате се во ваша целосна контрола.

ОБВРСКА. Одлучете, но и обврзете се да дејствувате. Направете си план за сѐ што е потребно за секој успех што го посакувате. Бидете подготвени на ризични и предизвикувачки резултати. Тие ни носат мудрост. Водат до лична сатисфакција.

ДОСЛЕДНОСТ. Одлуката да работите на себе и своите цели не е лесна. Но потсетувајте се секој ден што сакате да остварите и менталните закони ќе ви помогнат тоа да е случи. Кога ќе се остварат, светот што го замислувате – е ваш.

 

Во животот не постојат нереални цели, само реални временски рамки во кои вие одлучувате да дејствувате. Пробајте да ги запишувате своите цели и да создадете ментална матрица која ќе ви го гради патот до личниот врв. Самиот чин на пишување предизвикува да се случат три нешта: се подобрува себесфаќањето, се развива самодовербата и си создаваме обврска кон остварување на целта.

Кога зборува за самодовербата, Брајан Трејси зборува и за насочувањето на нашиот ум кон вежби за зајакнување на тоа што сакаме да го оствариме. За пример, ќе ви посочиме  начини на кои ќе го ориентираат вашиот ум кон реализација. Запишувајќи ги овие сценарија, вие ќе знаете точно кон што се стремите. Потенцијалот на запишаните цели еден ден може да стане реалност. Пробајте:

Вежба 1. Запишете ги сите свои грижи или проблеми со кои се соочувате. Кога го запишувате проблемот, веќе сте тргнале и кон патот до решението. Ако ве загрижуваат парите, напишете цел со која ќе одредите јасно колку сакате да постигнете финансиска сигурност во наредните три години. Запишете си и реална бројка – самоуверено, без да се плашите дека тоа е невозможно.

Вежба 2. Запишете го својот омилен животен стил. Каков дом сакате да имате? Слободно напишете список со омилени нешта што сакате да ги имате. Да возите подобар автомобил, да живеете крај море. Запишувањето ќе ве охрабри.

Вежба 3. Дефинирајте каква личност сакате да бидете. Замислете си ја главната цел и промена што сакате да ја постигнете кај себе. На пример – подобро здравје, подобри односи со семејството/партнерот/ката. Или, запишете си ги сите цели кои ќе ви помогнат во оформување како целосна личност. Кога им се восхитуваме на другите, не треба да заборавиме да се восхитуваме и самите себеси. Дајте си поддршка, влејте си самодоверба.

Никогаш не откажувајте се од можноста да станете подобра личност! Слушајте ги важните лекции на големите умови и мотивациски говорници и бодрете се себеси во настојувањето да бидете самоуверени. Читајте ги професионалците во оваа област каков што е Брајан Трејси, следете ги патеките и советите, вложувајте во својот емотивен и интелектуален капацитет и будете ја сопствената моќ, за да бидете пример за другите, но и за себе!



Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново