НАУЧНИ ФАКТИ ЗА ПРОЛЕТНИТЕ ЧИТАЧИ

НАУЧНИ ФАКТИ ЗА ПРОЛЕТНИТЕ ЧИТАЧИ

Ве подготвуваме за пролет! Ако спаѓате во оваа таканаречена група пролетни читачи, тогаш овој период од годината е најубавиот за вас. А ако сè уште не се пронаоѓате меѓу нив, тогаш веруваме дека ќе станете член на оваа читачка група за време на овогодишното пролетно будење.

Науката често ѝ се противи на имагинацијата, но понекогаш знае да оди рака подрака со неа во книжевноста. Прочитајте ги следните научни факти за пролетните читачи и откријте ни во кој од нив се пронајдовте. Или можеби откривате дел од себе во сите? 

  • Пролетните читачи се најдобрите луѓе во кои може да се вљубите

Едно истражување меѓу студентите од Универзитетот во Калифорнија открило дека луѓето кои читаат многу имаат поразвиени когнитивни функции. Се докажало и дека тие се поголеми романтичари, а со самото тоа знаат да ценат и сакаат. Тие копнеат по романтична љубов каква што ја наоѓаат во книгите. Романтичарите секогаш се вљубеници во пролетта, а заедно со пролетта, и во поезијата. Со оглед на тоа што во секој читател спие и писател, ако сте вљубени во некој страстен романтичен читател, тогаш оваа пролет очекувајте некоја песна посветена на вашата љубов.

  • Тие се добри аналитички мислители

Кој читател не сака да чита детални описи? Ние обожаваме да читаме за секое камче од Капали чаршијата за кое зборува Шафак, или пак, за секое зрно емоција што ја почувствувал нашиот омилен лик. Токму тоа ги прави читателите добри аналитички мислители. Го сакаат секој детаљ и сакаат да знаат сè за него. Затоа читањето е значајно дури и за оние кои своите кариери ги насочуваат кон медицината или правото. Пролетните читачи му се посветуваат на секој цвет и секое стебленце. Тие наоѓаат убавина во малите работи. Понекогаш и во само еден збор.  

  • Имаат развиено чувство за емпатија

Една студија спроведена на Универзитетот во Бафало докажала дека читателите имаат поразвиено чувство за емпатија. Тие влегуваат во една друга реалност и се внесуваат во читањето толку многу што ги чувствуваат емоциите на јунаците, ја чувствуваат нивната култура, род, боја на кожа... Сте забележале ли дека ви навираат солзи кога плаче вашиот омилен лик или, пак, дека го чувствувате мирисот на свежо печен леб што од книгата се шири и околу вас? Токму затоа овие читатели ја сакаат и пролетта. Зашто ги чувствуваат едновремено и топлото сонце и студеникавиот ветер.

  • Имаат поголема интуиција и поизострени сетила  

Реалноста е често прототип на книгите. Бидејќи го отсликуваат животот, во многу од нив се пронаоѓаме себеси. Токму затоа, колку повеќе читате толку повеќе ви се изоструваат сетилата, па сѐ полесно можете да погодувате што ќе им се случи на ликовите. На тој начин ја подобрувате и својата интуиција. Сосем е точна мислата дека човекот живее онолку животи колку што има прочитано книги. Читателите се искусни жители на оваа прекрасна сложена стварност. 

  • Имаат добра меморија

Секојпат кога читаме нашиот ум создава простор за сите нови информации. Колку повеќе читаме толку повеќе информации воспримаме, а тоа ја збогатува меморијата. А таа не само што е практично корисна или суштинска во кариерата, туку е многу важна и во животот. Моќта да се повикаме на спомените е една од најубавите способности што ги поседува човекот.




 

 





Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново