ПЕТ ПРАШАЊА ШТО ЌЕ ВИ ГИ ОДГОВОРИ КЛАРА ВО КНИГАТА НА КАЗУО ИШИГУРО

ПЕТ ПРАШАЊА ШТО ЌЕ ВИ ГИ ОДГОВОРИ КЛАРА ВО КНИГАТА НА КАЗУО ИШИГУРО

Срцето на Казуо Ишигуро може да почувствува многу повеќе отколку што можеме да замислиме. Допира до други универзуми, онаму каде што науката нужно не ја негира вербата, а технологијата нужно не ја негира љубовта.

Клара и сонцето“, првата книга што извонредниот книжевник ја објави по добивањето на Нобеловата награда, веднаш ги освои срцата на читателите. Зошто? Затоа што дава одговори на вечните прашања што лежат во нас.

Читајќи ја оваа современа класика, се вљубуваме во ликот на Клара, а таа ни ги поставува овие прашања чии одговори ќе ги најдеме низ страниците на своите срца. Одговори што ќе му дадат смисла на постоењето.



  • Што значи да се биде човек?

Скицирајќи ни ја Клара, вештачкиот пријател во чудесниот футуристички свет, Ишигуро, всушност, ни ја слика душата на современиот човек. Да се биде робот е исто што и да се биде човек. Суштината на постоењето е многу подлабока од епидермот на кожата или, пак, од пластиката. И двете можат да бидат еднакво кршливи. Исто како и кај луѓето, и меѓу роботите постојат такви примероци што се издвојуваат од толпата. Клара се разликува по нејзината човечка свесност и способноста за чувствување. „Понекогаш, во посебни мигови како овој, луѓето чувствуваат и болка заедно со среќата“, така и роботите.


  • Што значи да се има свое јас?

Учењето и емоцијата се клучните компоненти на она што светот го определува како свое јас. Во мигот кога ќе умее да размислува и да чувствува, Клара не ја дели ништо од луѓето со крв и месо. Идентитетот е во постојана изградба. Ние одлучуваме колку високо ќе ја поставиме таа градба. Користејќи ја метафората на Ишигуро, Клара е како мотор, нешто што се наоѓа под хаубата. Кога ќе погледнете внатре, не само што нештата ќе станат помалку страшни, туку и ќе научите нешто ново. Нови неверојатни нешта. Затоа, не плашете се да погледнете низ очите на Клара.




  • Што значи да се има емоција?

Колку повеќе ги набљудува луѓето, толку повеќе чувствува. Клара ни покажува дека ние не сме родени разбирајќи ги емоциите, туку колку повеќе ги живееме, колку повеќе време минуваме чувствувајќи ги, толку повеќе ги сфаќаме. Клара ги разбира луѓето како куќа со многу соби. Посветено поминува низ сите тие соби, иако и во нив има други соби, но внимателно проучувајќи ги, ги претвора во свој дом, стоплен од емоции.



  • Што е верба, а што рационалност?

Артифициелното е некаде помеѓу вербата и рационалното. Верба дека постои нешто што може да се достигне и рационалниот начин за негово постигнување. Клара ја поседува таа верба. Дури и нејзиниот религиски аспект. Молејќи му се на сонцето, верувајќи во неговата исцелителна моќ, таа носи верба во срцето. Она што ќе го сфатите на последната страница од оваа книга е дека „Само оние кои издржуваат и имаат верба, на крајот победуваат“.


  • Што значи да се сака?

„До неодамна, не мислев дека човечките суштества би можеле да изберат осаменост. Дека понекогаш има сили што се помоќни од желбата да се избегне осаменоста.“ А осаменоста може да ја стопи само љубовта. Што значи љубовта? Прашање што не може да се анализира како претходните. Кога ќе ја склопите книгата и ќе ги затворите очите, за миг ќе ја почувствувате скаменетоста на своето тело и ќе останете неподвижни. Да, како робот што чувствува. Токму како Клара. Тогаш ќе сфатите дека сè дури има љубов, ќе останеме луѓе и ќе го задржиме човечкото во себе. 







Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново