ГИ ПРАШУВАМЕ ПРЕВЕДУВАЧИТЕ: ОД ДРУГАТА СТРАНА НА ПРИКАЗНАТА СО ЕРМИС ЛАФАЗАНОВСКИ

ГИ ПРАШУВАМЕ ПРЕВЕДУВАЧИТЕ: ОД ДРУГАТА СТРАНА НА ПРИКАЗНАТА СО ЕРМИС ЛАФАЗАНОВСКИ

Едно литературно дело е како бескраен пат. Авторот чекори по него знаејќи го правецот, а преведувачот ги следи неговите стапки. Задачата на преведувачот е да стапне во истиот отпечаток оставен од чевелот на авторот, но со својот број.

Затоа, работата на преведувачот е неизмерно комплицирана. Но таа си има и свои убавини. Прочитајте како Ермис Лафазановски го следеше чекорот на Адријан Телешпан во книгата „Гробиштата“, дел од проектот „Читаме заедно“ кофинансиран од Европската Унија


Да ја замислиме книгата како една ткаенина создадена од авторот. Преведувачот ја расплеткува и потоа повторно ја создава преку сличната плетка со која била исткаена. „Гробиштата“ е извонредна ткаенина во која авторот, создавајќи ја, не се воздржал од критики ниту кон општеството ниту кон човештвото. Што ви претставуваше препрека, а што предност во ваквиот стил на пишување?

Морам да признам дека првпат преведувам ваков вид на литература која е толку слободна во изразувањето и погледите на свет. Бидејќи текстот изобилува со геј-порнографски пасуси и страници (тие во наративниот концепт имаат своја строго дефинирана функција), морав да го адаптирам текстот на нашиот уличен жаргон и термини соодветни на таквиот начин на изразување. Значи, не наидов на препрека од гледна точка што мислам дека овој дискурс спаѓа во слобода на пишувањето и слободата која ја нуди литературниот израз, која за мене е нешто свето, иако гледаме дека во светот таа слобода, особено ако допира политички или религиозни теми кои некому не му се допаѓаат, можат да бидат цензурирани. 

Како преведувач, имате ли некој ритуал или процес со кој влегувате во кожата на авторот и се поистоветувате со него? 

 Во овој случај не можев да се поистоветам, па морав да изградам еден поинаков „јас“ за да успеам во преводот. Тоа поинакво „јас“ го добивам со помош на едно покомплексно истражување. На пример, секако дека истражувам колку што е можно повеќе работи кои се однесуваат на дејството (на пример, дали е сместено во реални топографски координати, дали е или не е комплетна фикција, што е лажно а што вистинито и така натаму). Но најважно е што истражувам колку што можам повеќе за авторот кој го пишувал делото, читам книги кои ги имал претходно или потоа напишани (ако ми се достапни) и секако, ја консултирам и критиката (ако ја има). 

После сето тоа создавам една целосна слика за авторот и неговото дело и на тој начин станувам еден нов „јас“, односно „другиот“. 

Како вашето лично искуство како автор ви помага при преведувањето?

Прво го читам делото кое треба да се преведе и создавам сопствена и независна слика за него според мои лични вредносни координати. Ако делото е блиску до моето естетско и книжевно вреднување на еден книжевен текст, тоа значи дека е блиско до начинот на кој јас пишувам и тоа ми ја олеснува работата и што е најважно, се забавувам. 

Кои авторски вештини се потребни за да се преведе најблиску до оригиналот?

Јас преведувам од романски јазик и можам да кажам дека македонскиот и романскиот јазик имаат и сличности, но и повеќе разлики кога зборуваме за морфолошки и синтаксички или семантички реченички структури, па морам често да „препеам“ или да ја трансформирам реченицата или пасусот на наш идиом. Мене ми е поважно да се добие добра значенска структура во нашиот јазик отколку да биде пренесен оригиналот. Тоа е приближно како преводот на поговорките. Нивниот буквален превод од јазик на јазик не значи ништо, затоа мора да се најде соодветна поговорка во соодветниот јазик. 

Зошто авторската имагинација е толку значајна при преведувањето?

Преведувачот мора да се пренесе во еден друг свет, кој често е несвојствен за него или за околината во која живее. Тој свет може да се осмисли само со помош на силната интуиција и имагинација. Со помош на преводот ние стануваме дел од непознати земји, непознати светови и галаксии и се обидуваме да се приспособиме на тие светови за да можеме да преживееме. Заради тоа влегуваме во димензиите кои се наоѓаат зад четвртата димензија и таму го градиме нашето царство на естетското уживање во уметноста. 

Онака како што авторот остава дел од својата душа пишувајќи една книга, така и преведувачот остава дел од себеси во нејзиниот превод. Дали на преведеното дело гледате со чувства како на авторското?

Секако. Во преведеното дело вложив дел од себе, од својот поглед на свет и од својата способност да се трансформирам.

И за крај, некој охрабрувачки збор за сите кои сонуваат да бидат преведувачи.

На почетокот, кога почнав да преведувам пред неколку децении, воопшто не ми беше важно дали мојот труд ќе биде на овој или на оној начин награден. Уживав, и сѐ уште уживам во преводот и често не можам ниту еден ден без него, затоа што ме опушта психички. Тоа е како читањето. И со помош на преведувањето се префрлам на некое друго место, се исклучувам од реалноста и тоа ми ја смирува психата која често, ако не и пречесто, ми е вознемирена од секојдневните настани. Ова е една од главните придобивки што јас ја чувствувам во врска со преводот. Тоа што е можеби охрабрувачки е што во моментов во Европа преводот на литературни дела, особено од источноевропските земји, е многу баран, и доколку се најде соодветен финансиер или партнер, преводот може да биде достоинствено финансиран, многу повеќе отколку што кај нас се финансира оригиналното уметничко дело. 








Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново