ШТО ЌЕ ЧИТАМЕ ОВОЈ НОЕМВРИ?

ШТО ЌЕ ЧИТАМЕ ОВОЈ НОЕМВРИ?

Овој ноември поставете си задача секој ден некому да донесете насмевка. А не заборавајте дека и вие ја заслужувате! 

Ако имате план Б, тогаш шансите за остварување на планот А се многу помали. Избришете ги сите резервни планови и обрнете внимание на примарните. Тие се вашите соништа. Остварете ги – ноември е вистинскиот месец за фаќање соништа пред крајот на едно годишно и животно поглавје.

Затоа, резервирајте го за популарна психологија, а зачинете ги плановите и со малку белетристика и понекој силен и нежен поетски збор. Одберете со која книга ќе ја затворите ноемвриската ноќ, а со која ќе се разбудите од годишниот сон!

„Манифест на секојдневниот херој“ од Робин Шарма

Име кое ни одѕвонува во ушите! Зошто? Зашто е еден од најпопуларните гласови на промената. Со гласот на Шарма ќе го разбудите херојот во себе. Потребни сте му на светот. Знаете ли дека светот буквално зависи од сечиј чекор? Пробајте – затресете го тлото со вашиот несебичен успех. Тргнете кон победите и поведете ги и другите со себе. Успешните знаат дека на подиумот има место за сите херои!

„Победување“ од Тим Гровер

Внимание – на корицата на оваа книга треба да стои предупредување дека е наменета само за храбрите. Ако сте еден од нив, тогаш влезете во оваа трка со себеси. Можеби е беспоштедна, но само со таква книга можете сигурно да стигнете до величественоста. Од човекот кој им ги промени животите на Мајкл Џордан, Коби Брајант, а наскоро и вашиот!

„Кафе-муабет со себеси“ од Кристен Хелмстетер

Вие самите сте своето прибежиште од светот, а истовремено и својот најдобар советник. Во вашата потсвест не постои неодговорено прашање, но процесот до пронаоѓање на одговорот знае да биде макотрпен. Колку и да е длабоко, секогаш нуркајте длабоко во себе. На дното на душата, исто како и на дното на шолјата по утринското испиено кафе, пишува: уште едно!

„Можеби треба да разговараш со некого“ од Лори Готлиб

Откако ќе го испиете кафето со себеси, тогаш ќе сфатите дека вие сте си својот најдобар психотерапевт! Не плашете се од разговорот со себе. Тој треба да трае. Колку е подолг, толку е поефективен. Сакајте се себе по малку секој ден. Од огледална сесија до успешна самотерапија!

„Проект Автентичност“ од Клер Пули

Ајде на работа на проектот „Јас“! Нека не фаќаат прашина книгите како оваа, а ни вашите идеи. Дувнете во кориците и забележете дека тоа се магични прашинки инспирација! Оваа книга ќе ви ја преслика реалноста што ја гледате секој ден и ќе ви ја покаже среќата која ви е пред носот! Влезете во клубот на странците кои стануваат најдобри пријатели. Ако чувствувате дека сте странец на самиот себе, време е за запознавање!

„Медитации“ од Марко Аурелиј

Тајните на достојниот и успешен живот од историски размери запишани во една книга! Книга полна со вредни размисли од владетелот филозоф Марко Аурелиј. Мудростите стануваат мудрост во вистинската смисла на зборот само тогаш кога ќе се применат. Дајте им значење на мудростите собрани во оваа книга – применете ги во своето секојдневие. Од минатото ковајте си ја иднината и не заборавајте на сегашноста!

„Возбудливи времиња“ од Ниша Долан

Додека сте во екот на самосоветувањето, вие ѕиркате во својата интимна реалност. Ако ја споредите со интимната реалност на протагонистите од романот „Возбудливи времиња“, и вашето време ќе ја добие придавката од овој наслов. Среќата не е прототип, мора да ја пронајдете сами, но со книжевен лик како пример, тоа оди несомнено полесно!

„Гробиштата“ од Адријан Телешпан

Сите се стремиме кон свет без стереотипи и предрасуди, зар не? Но ретко кој има храброст да истапи и да ги сруши. Телешпан ги руши со длабока искреност, здрав хумор, иронија и сатира. Оваа книга ќе ви изнуди насмевка, но зад пријатното расположение ќе ви посее многу прашалници. Насмевката е најсилното оружје против грдите работи – оставете ја насмевката, а симнете ја неправдата!

„Избрани песни“ од Ана Ахматова

Поезија за лечење на душата и за нејзин вознес. Во секоја празнина сипете понекој убав збор од руската поезија. Во бунтовните пукнатини вметнете револуционерен лирски крик. Во белините на хартијата на оваа книга, создавајте песни. На сликите пронајдете го жарот во очите на Ахматова и откријте ја сопствената рефлексија. Во секој од нас спие поет!

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново