„’Овириум’“ за мене отвори една нова димензија за она што значи да си човек, и да ја задржиш човечноста во себе

„’Овириум’“ за мене отвори една нова димензија за она што значи да си човек, и да ја задржиш човечноста во себе

Агрон Усеини влезе во научнофантастична иднина и успеа да ја спакува во зборови. „Овириум“ е неговиот прв роман кој ги охрабрува читателите да ѕирнат онаму каде што отсекогаш се плашеле да навлезат. Во продолжение следува разговор со авторот кој за ПРИКАЗНИ.МК ни го открива светот што самиот го создаде.

Веќе десетина дена твојата книга „Овириум“ си го наоѓа своето место во домашните библиотеки на читателите. За почеток на разговорот, имам едно кратко и директно прашање: што е Овириум? 

Да, десетина дена како приказната се преплетува во рацете на своите читатели, во кои сигурен сум дека ќе го пробуди чувството за она што е Овириум. Овириум е свет во кој живее необичното, свет во кој владее напредна цивилизација скоро лишена од цивилизираноста. Овириум ги допира сите други светови, и покрај сите правила кои ги има воспоставено, едно суштество од тој свет, за првпат во своето постоење, ќе ги сруши сите правила што ги познава. За да доловам што е Овириум во сета негова целина, ќе треба да раскажам сè, така што оставам на читателите да откријат преку приказната што ја раскажува мистериозниот наратор и да се препуштат на едно ново искуство кое, сигурен сум, ќе ги разбуди сите емоции во нив.

Смело заплови во научнофантастичните води, се нурна длабоко и допре до светот на Овириум, каде што случајностите се апстрактни. На што налета во тој свет? Со што прво се соочи кога „стапна таму“?

Предизвик. Тоа беше првото нешто кое ме пречека кога се најдов во длабочините на научнофантастичните води, и во тој миг ми стана јасно дека таму лежи приказна која е толку комплексна што ќе впие голем дел од мене за да ја напишам. Го прифатив тој предизвик, и од мене, експлозивно дури, изби Овириум.

Приказната во „Овириум“ е раскажана од страна на мистериозен наратор, за едно необично момче кое потонато во сопствениот свет, ја открива својата различност. На каква одисеја го прати главниот лик кој ќе се соочи со Чуварот на Преминот, познат како Смртта?

Матеј, во целиот негов бизарен комфор од она што тој знае дека е правилно, заробен во свет кој го нарекува свој дом, наидува на суштество кое со целата темнина собрана во себе, разбудува во Матеј зрак светлина. Воодушевен од новите откритија, тој зад себе ги остава сите зли мигови, и во својот нов пријател, Чуварот на Преминот, или Смртта, наоѓа мир.

Матеј ќе се соочи со вистината, и ќе стравува дека таа ќе биде негов џелат. Но ќе открие дека вистината е само корен, и колку и да е важен тој корен, од него секогаш никнуваат стебла, гранки, листови. Така, Матеј решава да ги доживее сите делови од кои е составена вистината, и да ја направи своја. Тој ќе види сосем неочекувана рефлексија од себеси, која ќе ги промени сите нешта кои ги знаел дотогаш.

Секое патување е искуство од кое растеме како личности. Дури и кога човек ќе се изгуби во приказната, на крајот, откако ќе го најде излезот, доживувањето на светот засекогаш му се менува. Што научи за себе и својот внатрешен простор додека ја пишуваше „Овириум“?

Создавањето на еден нов свет, градењето на ликовите во него, негувањето на нивниот карактер, колку и да е фиктивен – е искуство кое го менува оној кој пишува. Јас растев заедно со ликовите, плачев со нив, се смеев на цел глас кога тие требаше да се смеат, го доживеав нивниот страв, а со некои, дел од мене преминуваше кога тие требаше да преминат.

„Овириум“ за мене отвори една нова димензија за она што значи да си човек, и да ја задржиш човечноста во себе. Патешествие кое ми претстави нов бран на чудесни гледишта и светови, кои едвај чекам читателите да ги откријат.

Познато ни е дека креативните блокадите одвреме-навреме се јавуваат кај секој уметник. Како ти се справуваш во ситуациите кога зборовите никако не сакаат да излезат од тебе?

Ех, тие креативни блокади...

Има веќе долго време како што имам создадено свој режим на пишување, во кој не ја трошам креативноста, туку ѝ дозволувам да се регенерира. Пишувам во одредени саати, кога е најактивна во мене, но не се губам во неа. Многу е важно, како уметник, особено како творец, да ја негуваш креативноста која создава. Чувството на препуштање во создавањето и задоволството од тоа создавање е незаменливо, но ако се случи тоа да пресуши, има голема веројатност креативноста да се намали, или да исчезне. А секој уметник знае дека таа е скапоцена, и чувството дека ја имаме изгубено е најлошото чувство на светот.

„Овириум“ е прв дел од серијалот насловен како „Овириум – отаде Смртта“. Во колку книги ќе биде опфатената сагата за Матеј и неговите авантури? Што можеме да очекуваме во следните продолженија?

Првичниот план беше да биде серијал од две книги, но со текот на пишувањето и специфичноста на приказната, неопходно е да биде трилогија. Следните продолженија ќе опфатат светови многу поразлични од оној во кој се наоѓа Матеј во првиот дел, нашата планета. Ќе се нурнеме заедно во нови светови и авантури, со ликови од овој дел, а воедно и нови ликови кои ќе нѐ освојат еднакво како и ликовите од „отаде Смртта“.

А сега засега, останува да уживаме во првиот дел од серијалот „Овириум – отаде Смртта“, да откриеме еден нов, необичен свет, и да запловиме во него. 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново