ПЧЕЛАТА ВО ТВОЕТО СРЦЕ

ПЧЕЛАТА ВО ТВОЕТО СРЦЕ

Пишува: Ана Јовковска
Инспирирана од Пчеларот од Алепо од Кристи Лефтери

„Афра сакаше, мразеше и го вдишуваше светот како да беше роза. Заради сето тоа ја сакав повеќе од животот. Уметничките дела ѝ беа неверојатни. Освои многу награди за нејзините слики на урбана и рурална Сирија. Во Сирија има една поговорка што вели: Во личноста што ја познаваш има и една личност што не ја познаваш“. – Овие се зборови на Нури, сопруг на Афра и татко на загинатoто момче Сами. Овие се сеќавања на еден човек со скршен дух на ситни парченца кристали од болка. Ова е бледа меморија за тоа каков им бил животот некогаш пред бруталноста на војната. Сенка од спомени на еден човек кој се прашува каде исчезнала сладоста на семејниот живот. Во слепилото на неговата жена, во војната во Сирија, во смртта на нивното дете или, пак, по патот на бегалските искушенија... Овие се зборовите на пчеларот од Алепо кој ме расплака додека ги читав неговите животни перипетии.

Пчеларот од Алепо од Кристи Лефтери е роман во кој се вткаени многубројни вистински човечки судбини. Роман кој ми влепи шлаканица освестувајќи ме колку сум среќна што имам мирен живот, дом, семејство, сопруг со две очи кој сѐ уште може да ме гледа, живо и здраво дете, спокојство и љубов. Потресна книга која е сведоштво за триумфот на човековиот дух. Длабока животна приказна за една мајка ослепена од трагедиите што ќе ги види, и татко кој се бори да преживеат на бегалскиот пат од Сирија до Европа. Ова не е само приказна за издржливата љубов на пчеларот Нури и уметницата Афра, туку крвава сторија за болката од загубата на нивното дете и опасниот и неизвесен пат од Алепо до Велика Британија. Со цел еден свет скршен под нозе, овие две души се обидуваат да се пронајдат повторно и да го задржат инстинктот за живеење.

Но, како ли се бришат глетките од животот што ти прават црна дупка во мозокот? Како луѓето чии синови се убиени можат да продолжат да живеат? Таква судбина го снаоѓа и Мустафа, братучедот на Нури со кој заедно одгледуваат пчели, којшто набрзо по загубата на неговиот син Фирас потресно раскажува во своето писмо до Нури: „Излегов да прошетам крај реката и гледав како четворица војници редеа група момчиња. Им ги врзаа очите и ги стрелаа, еден по еден, а потоа им ги фрлија телата во реката. Стоев настрана и го гледав тоа и си го замислував Фирас меѓу нив, стравот во неговото срце, сознанието дека ќе умре... Слушнав како плаче едно од момчињата. Викаше по татка си. Другите момчиња молчеа, премногу исплашени да испуштат каков било звук. Секогаш има еден во групата што е похрабар од другите. Потребна е храброст да се заплаче, да се ослободи тоа што го чувствуваш во душата. Тргнувам накај Англија, да си ги најдам жената и ќерката. Оди си одовде, Нури, ова место повеќе не е дом. Алепо сега е како мртво тело на најблизок, нема живот, нема душа, полно е со гнила крв“. Ова, за жал, е судбината на огромен број бегалци изминативе години.

Реално, станува збор за 70 милиони присилно раселени лица низ светот, раселени не по своја волја, ниту по своја вина, а принудени да ги напуштат сопствените домови за да се спасат себеси и своите деца. Од нив, речиси 26 милиони се бегалци. Од нив, половина се деца. Оваа бројка е двојно повисока од онаа од пред 20 години. Еве, да не зборуваме со бројки, иако зад овие голи бројки се кријат човечки судбини. Да се обидеме на ниво на емоција… Затвори ги очите и замисли го целиот твој живот спакуван во еден куфер. Како се чувствуваш? Сега отвори ги очите и види ја картата на светот. Голем е и убав и има место за сите, нели? Но 67 % од сите бегалци во светот доаѓаат од само пет земји. Што ни кажува тоа? – Јасно кажува дека се работи за сиромашни земји во коишто со години царуваат војни и конфликти. Тие се луѓе за кои мирот е интервал помеѓу две пукања. Замисли како е да се живее 35 години во војна, што би значело целиот твојот живот, да речеме... Немаш пристап до образование, немаш работа, немаш иднина. Некои деца се раѓаат во војна и никогаш не го виделе небото слободно. И ако секој втор бегалец во светот е дете, тоа се 13 милиони деца! 13 милиони украдени и заробени насмевки, 13 милиони кукли и кадифени мечиња оставени на подот во сопствениот напуштен дом, 26 милиони очиња полни со солзи...

Таква е судбината и на седумгодишниот Мухамед, сираче кое своите родители ги загубил во војна, со кој Нури и Афра се сретнуваат на нивното бегство по засолниште. „Во неговите очи имаше трага од нешто друго, една темнина што препознав дека припаѓаше на неговото срце од детството“... Во 2018 година 111.000 деца биле сами без своите родители. Отворам и Интернет за да ја проверам официјалната статистика, па читам дека само Уганда пријавила 2.800 деца бегалци на возраст до пет години (некои дури и помали) сами или раздвоени од нивните семејства. Страшно! Во едно од тие деца, во малиот Мухамед, Нури како да го препознава својот син, сеќавајќи се на неговите последни зборови полни со надеж за подобро место, непосредно пред неговата сурова смрт: „’Таму нема да има бомби, тато. И куќите нема да се рушат како овие.’ Не знаев дали мислеше на лего-куќите или на вистинските куќи и потоа се растажив кога сфатив дека Сами е роден во свет каде сѐ може да се скрши.“ 

И додека низ нивната родна земја се палат цели села, реки луѓе се обидуваат да побегнат, жените живеет во страв од раздивената паравојска плашејќи се дека ќе бидат силувани, во еден миг Нури вели: „Tаму, до мене, имаше грмушка дамаскинска роза во полн цут. Кога ги затворив очите и го вдишував мирисот, на момент можев да се преправам дека не сум ги видел нештата што ги бев видел. И потоа ми надојдоа спомени, расцутија како соништа во најраскошни бои. Животот пред војната. Афра во зелен фустан, држејќи го Сами за рака, само што беше почнал да оди и се нишкаше покрај неа“... Читам и не можам да ги запрам солзите.

Неверојатно добра метафора се и пчелите како симбол на ранливоста, на животот и надежта. За нив главниот лик во романот вели: „Пчелите беа совршено општество, мал рај меѓу хаосот. Научив како вистински да ги слушам пчелите и им зборував како да беа жив организам со срце, зашто, знаете, пчелите работат заедно. Дури и кога, на крајот на летото, пчелите работнички ги убиваат трутовите за да заштедат на храна, сеедно работат како едно битие. Комуницираат меѓу себе преку танц. Луѓето не се како пчелите. Ние не работиме заедно, немаме чувство за општо добро“.

А таму каде што има пчели, има и цвеќе. Таму каде што има цвеќе, има нов живот и надеж!

Ова е книга за надежта која извира од скршените срца. За процутувањето и покрај внатрешната црна темнина. Ова е книга поттикната од волонтерската служба на писателката Кристи Лефтери во Прифатниот центар на УНИЦЕФ за бегалци и мигранти во Атина. Како што ќе рече и самата авторка: „Луѓето сакаа да ги раскажат своите приказни, наспроти јазичните бариери, сакаа да зборуваат, да слушнат, да видат. Децата цртаа цртежи. Цртаа балони и дрвја, а под нив шатор и мртво тело“. Навистина моќно ги опишала сите детали на страдањето. Еден таков пример е и моментот кога Нури се обидува да допре до неговата тажна и депресивна жена, ослепената Афра, мајка чиј живот веќе нема смисла по смртта на нивното дете. „Секој ден чепкав и барав храна под урнатините и се враќав со подарок за неа. Наоѓав разни необични предмети, скршени и нескршени парчиња од нечиј живот: детски чевел, кучешки околувратник, мобилен телефон, ракавица, клуч. Интересно е да се најде клуч кога нема врати за отворање. Кога подобро ќе размислам, уште почудно е да се најде чевел или ракавица кога повеќе нема нога или рака да ги пополни. Тие беа тажни подароци. Да можев да ѝ дадам клуч што отвораше порта кон друг свет, тогаш ќе посакав да прогледа. Но тој свет треба да биде многу поразличен од овој.“

 ...Да, тоа е истиот свет во кој живееме и јас и ти. За некои луѓе екстремно суров. Болен до коска. Искршен од бруталност. Разурнат од бомби. Раскрварен од омраза и фанатизам. Тоа е свет во кој некои луѓе се лишени од достоинствен и мирен живот. Некои немаат ни леб ни вода, некои го загубиле својот дом, некои своите најблиски... Свет во кој е тешко да се сонува додека надвор пукаат бомби и се слушаат чекори на војници. Свет на криумчари и разбранувани мориња по кои пловат човечки судбини. Свет на борба и надеж.

Кога припаѓаш некому и тој некој повеќе го нема, тогаш кој си ти?

За Приказни.мк АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa, писателка и менторка за личен развој

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново