СНЕЖАНА ЏАМБАЗОВА-ПОПОРДАНОСКА: ЧОВЕКОТ МОРА ДА ПРЕСТАНЕ ДА СЕ КРИТИКУВА И ОСУДУВА СЕБЕСИ, ЗА ДА НАУЧИ ДА СЕ САКА БЕЗУСЛОВНО

СНЕЖАНА ЏАМБАЗОВА-ПОПОРДАНОСКА: ЧОВЕКОТ МОРА ДА ПРЕСТАНЕ ДА СЕ КРИТИКУВА И ОСУДУВА СЕБЕСИ, ЗА ДА НАУЧИ ДА СЕ САКА БЕЗУСЛОВНО

Неодамна во издание на „Паблишер“ излезе книгата „Да се живее поинаку“ од Снежана Џамбазова-Попорданоска, па во таа чест за PRIKAZNI.MK поразговаравме со авторката, која отворено ни раскажа за нејзините животни искуства кои ја натерале да ја напише оваа книга, за да можат и читателите да проникнат до мирот и радоста во себе.  

Доктор по медицина, психолошки советник и доктор на психолошки науки, а од неодамна и писател. Снежана, пред неколку недели од печат излезе вашата книга „Да се живее поинаку“ – неопходен животен прирачник кој ќе им помогне на луѓето да го пронајдат значењето на животот. Од каде се појави потребата да ја напишете оваа книга, дали можеби вашето искуство ве поттикна и ве мотивира да се препуштите на пишувањето? 

Во мојата долгогодишна работа како психолошки советник со пациенти од над 100 различни култури, религии и националности низ светот, со огромно трпение и емпатија го слушав плачот на нивните срца и бев сведок на нивното емоционално страдање. Во текот на многуте индивидуални и групни терапевтски сесии, со голема посветеност им помагав на луѓето да го пронајдат својот внатрешен мир и да му се радуваат на животот.  

По само неколку сесии се случуваа огромни позитивни промени во нивните животи, кои беа забележани од луѓето од нивната околина. Оттука, во мене се роди силна желба да го преточам моето практично интернационално искуство во книга која ќе им помогне на луѓето во светот да го живеат животот поинаку – да живеат живот постојано исполнет со љубов и радост. Така се роди книгата „Да се живее поинаку“, која веќе е преведена на англиски и на шпански јазик и има одлични осврти од страна на читателите од целиот свет. Пред неколку дена, англиската верзија на оваа книга беше рангирана како книга број 1 во областа на медицината и психологијата на Амазон во Америка.

Книгата им ја посветив на читателите со надеж дека ќе им помогне да ги пронајдат мирот и радоста во себе.

Каков беше патот што моравте да го изодите додека се свртувавте кон себеси со желба подлабоко да го осознаете животот?

Во 2004 година заминавме со моето семејство за Австралија. Тогаш јас морав да ја напуштам мојата работа како доктор по општа медицина, мојата танцова школа „Грациела“, како и сите мои роднини и долгогодишни драги пријатели во татковината. Заедно со сопругот Емил требаше да започнеме нов живот во туѓа земја, чија култура, начин на комуникација, систем и начин на работа мошне се разликуваа од нашата родна земја, Македонија.

Во првите месеци од нашиот престој во Австралија немав работа, а истовремено бев соочена со уште еден голем предизвик – како да ги одгледувам и да ги воспитувам нашите две мали деца во туѓа земја, без никаква помош и поддршка. Во тие тешки моменти, кога со Емил буквално се боревме за лична егзистенција, јас свесно одлучив да се свртам кон себеси и да тргнам по патот кон себеспознавањето. Во тие моменти најголем предизвик ми беше да соберам храброст да престанам да ги слушам мислењата на другите за тоа како да го живеам мојот живот и да се одлучам да го следам патот на моето срце.

Желна да си ги продлабочам знаењата во областа на психологијата, која отсекогаш ме фасцинираше, се запишав на Австралискиот институт за професионални советници и се стекнав со диплома за психолошки советник. Веднаш потоа се запишав на докторски студии на еден од најдобрите универзитети во Мелбурн, на Универзитетот „Дикин“, каде по неколку години се стекнав со титулата доктор на психолошки науки. Овде посебно сакам искрено да му се заблагодарам на мојот сакан сопруг Емил, за неговата безусловна љубов, поддршка и верба во мене, што ми овозможија да ги остварам сите мои соништа и да се реализирам себеси во областа на мојата страст – психологијата и книжевноста.

Постоеше ли некој пресуден момент во вашиот живот кога станавте свесна за потенцијалот на умот и можноста да се живее во хармонија со своето битие?

Пред неколку години доживеав сериозна повреда која значително ми го промени животот. Според мислењето на докторите специјалисти, во 90 проценти од случаите со таква повреда, луѓето се оневозможени да ги извршуваат секојдневните обврски до крајот на својот живот. Од моментот кога ми се случи повредата, јас не можев ништо самата да направам. Животот ми стана вистински кошмар. Мојата кариера, моите планови и мојата визија за иднината, буквално се срушија пред моите очи. Длабоко во себе се чувствував потиштено и изгубено...

Во тие тешки моменти, долго и длабоко размислував за мојот живот. Така дојдов до заклучокот дека мојата повреда, всушност, беше резултат на мојот неизбалансиран начин на живот. Тогаш сфатив дека имам избор: да го поминам остатокот од животот како инвалид или да го прифатам овој предизвик како можност за позитивни промени. Во следните шест месеци по повредата одлучив да ја употребам моќта на мојот ум за да ја излечам повредата.

Конечно ги собрав плодовите од мојата долготрајна ментална работа – шест месеци подоцна, се случи вистинско чудо. Имено, мојата повреда наполно се излекува, без никакви последици или физички ограничувања. Докторите кои беа запознати со мојот случај научно не можеа го објаснат моето исцелување, туку само рекоа дека сум „медицински феномен“. Јас цврсто верувам дека човечкото тело има капацитет спонтано да се излекува, доколку знаеме како да ја употребиме моќта на нашиот ум.

Нашите мисли и зборови имаат моќ да го излекуваат или да му наштетат на нашето физичко тело. Затоа, многу е важно да бидеме свесни за секоја мисла која извира од нашиот ум, како и за секој збор што го искажуваме, затоа што секоја клетка од телото ги слуша нашите пораки. Доколку суштински ја разбереме поврзаноста меѓу умот и телото, ќе сфатиме дека позитивните зборови имаат моќ да ги излекуваат сите болести и повреди на нашето физичко тело.

Велите дека најдлабоката потреба на човекот во животот е да сака, а истовремено и да биде сакан токму онаков каков што е. Иако многумина го знаат тоа, сепак мал е бројот на луѓето што чувствуваат љубов кон себе. Како човек може да се ослободи од демотивирачките мисли и едноставно да се засака себеси, со сите доблести и мани?

Најважната љубов во животот е љубовта кон себеси. Во суштина, секој од нас има изградено некаква слика за себе што сме ја формирале во раните години на нашиот живот врз основа на мислењата, осудите и субјективните гледишта на луѓето од нашата непосредна околина. На пример, многу често луѓето веруваат дека не се доволно добри, дека не се доволно паметни, дека не можат да бидат доволно сакани од другите итн. Важно е да се разбере дека ваквата слика што многумина ја имаат стекнато за себеси, не соодветствува со нашето вистинско јас, со она што навистина сме.

За да научи човек постојано да се сака себеси безусловно, треба да престане да се критикува или да се осудува, а истовремено да го насочи своето внимание кон своите доблести, таленти и позитивни особини. Исто така, важно е секоја негативна мисла или критика која можеби потсвесно сме си ја упатиле веднаш да ја замениме со позитивна и инспиративна мисла. На пример, доколку низ главата ни поминува следнава мисла: „Јас сум неспособен и затоа никогаш нема да успеам во животот“, да се обидеме веднаш да ја замениме со следнава позитивна афирмација: „Јас можам успешно да ја завршам секоја задача. Затоа, успехот ми е вечен придружник во животот.“ На тој начин, постепено ќе се ослободиме од сопствените осуди и самокритики и ќе почнеме да ја чувствуваме љубовта и креативноста кои сакаат да се изразат преку нас.

Имате одржувано терапевтски сесии во различни делови на светот, им имате помогнато на илјадници луѓе да ги надминат своите проблеми со менталното здравје. Кои се најпоставуваните прашања на сесиите и со каква стратегија им одговарате, каков практичен совет им давате?

Еден од најчестите проблеми во денешниот модерен свет е анксиозноста, која се јавува како резултат на чувството на страв поврзано со одредена несакана ситуација или непријатен настан во животот. Оттука, едно од најчестите прашања во моите терапевтски сесии е: „Како да се ослободам од стравот и да го пронајдам мирот во себе?“ Во однос на ова прашање, преку различни научно засновани техники и практични стратегии,  ги советувам пациентите како да ги заменат своите негативни мисли и погрешни верувања со позитивни и инспиративни мисли. На пример, кога ќе се соочат со некоја несакана ситуација во животот што им предизвикува чувство на страв или вознемиреност, јас им го давам следниов совет: „Наместо да мислите на најлошото можно сценарио од таа ситуација, обидете се да го фокусирате целокупното свое внимание на себеси и да го слушнете гласот на вашето срце. Откако ќе постигнете смирена состојба на умот, поставете си го следново прашање: Што може да биде најповолниот исход од оваа ситуација? Одговорот на ова прашање ќе предизвика промена на вашето гледиште. Штом ќе се промени вашето гледиште, неминовно ќе се променат и вашите мисли  во однос на таа ситуација и како резултат на тоа, ќе настане промена и на самата ситуација.“

Пандемијата што го снајде светот влијаеше врз секое човечко битие. Во тие тешки моменти голем дел од луѓето се затворија во себе намалувајќи ги или прекинувајќи ги контактите со надворешниот свет. Како да се обноват вака нарушените и прекинати меѓучовечки односи, како да се одржува позитивна врска со другите луѓе?

За да формираме и одржуваме позитивни односи со другите луѓе, неопходно е да го зголемиме нашето ниво на свест. За да го зголемиме нивото на самосвеста, во моментите на недоразбирање или конфликти, наместо да ги критикуваме или да ги обвинуваме другите, треба да си го поставиме себеси следново прашање: „Што би сторила љубовта сега?“ На овој начин, наместо да реагираме водени од своите предрасуди базирани врз страв, ќе донесеме свесна одлука да се однесуваме кон другите токму онака како што сакаме и тие да се однесуваат кон нас – со безусловна љубов и огромна почит, постојано.

За да се постигне повисока свест на светско ниво, секој од нас со личен пример треба да им влијае на другите луѓе. Сите ние треба да се однесуваме еден кон друг како да сме едно! Следствено, секое човечко суштество треба да го погледнеме со други очи, знаејќи дека секој од нас е во потрага по истите работи во животот – внатрешен мир и трајна среќа. Доколку сфатиме дека сите ние сме едно, ќе почнеме да се однесуваме еден кон друг со најголема љубов и почит. Само кога во секој од нас ќе настане позитивна промена и будење на свеста, неминовно ќе настанат и позитивни промени во светот. Затоа, бидете извор на љубов кој постојано ги напојува луѓето околу вас! И запомнете дека она што им го давате на другите, си го давате и себеси. Тоа е така затоа што сите ние сме едно! Сите ние сме создадени од иста материја, а тоа е чистата љубов. Јас цврсто верувам дека наскоро ќе дојде денот кога сите ние ќе почнеме да мислиме, да зборуваме и да се однесуваме еден кон друг како да сме едно! Силата на човештвото е во сплотеноста.

Сплотеноста носи хармонија во светот!

За крај – како современиот човек може со сите сетила да ужива во животот и како да биде среќен?

Најважна цел во животот е да се постигне потполно внатрешно задоволство, мир, радост и благосостојба. За да можеме целосно да го уживаме животот, треба да ги препознаеме нашите секојдневни потреби и да се стремиме да ги задоволиме во оној момент кога ќе станеме свесни за нив. Колку подобро ги препознаеме и успееме да ги задоволиме нашите моментални потреби, толку позадоволно ќе се чувствуваме.

Најважната работа во животот е да го слушаме гласот на нашата душа и да ги следиме нејзините мудри совети. Затоа, треба да направиме сѐ што е потребно за да бидеме постојано поврзани со мирот, радоста и љубовта кои постојат во нас – во длабочината на нашата душа. На овој начин, ќе научиме како да живееме во сегашноста и целосно да уживаме во секој момент од животот. Како што Одри Хепберн мудро изјавила: „Најважно е да се научи да се ужива животот – да се биде среќен – сѐ се сведува на тоа.“ А тоа е и суштинската порака на мојата книга „Да се живее поинаку: патување кон внатрешниот мир, неизмерната радост и вистинската слобода“.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново