БИСТРА ГЕОРГИЕВА: „ДОБРА ПРИКАЗНА Е ТАА ШТО ИМ ГО ЗАДРЖУВА ВНИМАНИЕТО НА ДЕЦАТА И ИМ ЈА БУДИ ЉУБОПИТНОСТА“

БИСТРА ГЕОРГИЕВА: „ДОБРА ПРИКАЗНА Е ТАА ШТО ИМ ГО ЗАДРЖУВА ВНИМАНИЕТО НА ДЕЦАТА И ИМ ЈА БУДИ ЉУБОПИТНОСТА“

Бистра Георгиева со задоволство одговори на нашите прашања во ова кратко интервју, а секојдневно им одговара безброј прашања на децата кои ги читаат нејзините сликовници. Со нејзините сликовници светот се гледа со очи кои веруваат во магија, а само оние кои веруваат во неа – и навистина ќе ја пронајдат.

Со над 10-годишно искуство во областа на сценарио, копирајтинг, координација и уредување на најразлични ТВ и филмски проекти, од минатата година се појавивте и како автор на едицијата сликовници „Стела и Сани“. Каква е одговорноста на еден автор да „оживее“ ликови што треба да постојат во детскиот свет?

Одговорност е голем збор, за мене тоа е цел концепт на однесување. Однос кон животот, кон себе и сопственото здравје, кон тие со коишто живееме, однос кон работата, кон пријателите, кон децата.  Отсекогаш сум се трудела да бидам одговорна кон она што го работам и творам, така што не е поразлично ниту во случајот со „Стела и Сани“. Тоа што се детски ликови само дополнително ме обврзува да ми се очите ширум отворени и да внимавам и на најмалиот детаљ.

По „Сани и Стела и еден чорап со боја бела“, „Во овој балон нема место за еден слон“, „А зошто?“, „Зградата на Сани и Стела“ и новоотпечатената сликовница „1 облак бел и 12…“, веќе сосема сте навлезена во светот на овие херои. Бистра, кажете ни како вие ги доживувате ликовите на Стела и Сани?

Тие се две многу мили суштества, добри се, отворени се за многу различни средби, патувања и блесавења. Ја сакам Стела дека има бушава коса, розова, и има љубопитни очиња. Сани, пак, е прекрасен другар, онаков како што во детството секој би посакал. Ми се допаѓа дека можат да уживаат и во балон со слон, и на облак бел. А тек што ги чека допрва! Средба со едно непознато суштество, патување на мистериозниот остров, разделба од една фамилија фламингоси. Уште пет нови сликовници со нив.

Писателите кои се зафаќаат со пишување на литература за деца треба да бидат многу внимателни во пренесување на пораките што треба да допрат до најмладите. Колку сликовниците за Стела и Сани успеаја да допрат до детето што секој од нас го носи во себе?

Мислам дека успеваат. Искрено, иако сум прилично самоуверена кога станува збор за пишување за деца, сепак никогаш до крај не можам да бидам сигурна колку и како една книга ќе биде прифатена од децата. Затоа многу ми се важни реакциите кои ми ги пренесуваат родителите и многу сум им благодарна за тоа. Многу често добивам видеа од нивните деца како реагираат на сликовниците, или едноставно само ми пренесуваат. И тогаш сфаќам дека работата е успешно завршена. Исто така, имам среќа па опкружена сум со внуци на сите страни, и тие се секогаш најискрената тест-публика.

Сите генерации си имаат препознатливи ликови со кои растат и носталгично се сеќаваат на нив во новите животни моменти. Карактерите на Стела и Сани ќе бидат дел од многу прекрасни мигови на дечињата кои сега поминуваат незаборавни моменти со нив. А со кои ликови пораснавте вие?

Со Томи Џери (така мислев дека се викаат), Брзата птица итрица и којотот, Мечето Ушко кое прерано си легнуваше... И секако, со ликовите од измислените приказни за добра ноќ на мајка ми.

Како за крај, што ја прави една приказна добра?

За вакво тешко прашање, одговорот би бил банален. Добра приказна е таа што кога се чита и (пре)раскажува им го задржува вниманието на децата и им ја буди љубопитноста. 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново