ТИ СИ ЅВЕЗДА, НЕ ТИ ТРЕБА ТУЃА СВЕТЛИНА ЗА ДА СВЕТИШ

ТИ СИ ЅВЕЗДА, НЕ ТИ ТРЕБА ТУЃА СВЕТЛИНА ЗА ДА СВЕТИШ

Знаеш ли зошто ноќе немаш сенка? Зашто тогаш ти сјаеш. Зашто ти си ѕвезда, а на ѕвездите не им треба туѓа светлина за да светат. Види што има тука – има писмо што Стела му го прати на Сани кога беше не ѕвезда, зашто таа е тоа секој ден, туку кога беше музичка ѕвезда. Другите писма ќе ги читаш в четврток!

Сани,

Толку многу ја чекав приредбата, но кога дојде и тој ден, сѐ ќе сторев само да не морам да застанам на сцената. Сакав да бидам во публиката. Да седам отстрана и рамнодушно да го гледам настапот на учесниците. Не можеш да претпоставиш како ми беше. Цела ноќ око не склопив, дента треперев од возбуда, залче не ставив во устата. Да не дојдеше Лара, којзнае како ќе изгледав, немаше ниту косата да си ја средам.

Кога ја видов преполната сала и сите тие очи вперени во мене, се здрвив. Не можев да се поместам, камоли уста да отворам. Леле, што ме снајде, почнав да очајувам. И тогаш некој ме фати за рака. Панајотис. Дланката му беше топла и мека, какви што му беа и очите. Ми се насмевна. „You are the best“, ми рече. Како да беа магични тие зборови, тој поглед, таа дланка. Во телото ми проструи топлина, главата ми се разбистри. Ме заплисна оптимизам. „Можам“, реков. „Можеш, и тоа најдобро“, ми одговори Панајотис.

Излеговме на сцената. Пеев како во транс. Не знам како звучев, ама знам дека имаше бурен аплауз. Видов восхит во некои непознати очи и солзи во очите на мајка ми. Татко ми задоволно кимаше со главата, а мистер Брајан, ах тој мистер Брајан... се качи на сцената и ме прегрна. Мислам дека така беше. Сѐ ми е како насон. Отпосле другарките ми раскажуваа, и интересно, сите различни нешта кажаа. Мада надолго и нашироко објаснуваше како сум изгледала, Лара како сум пеела, Муслима какво држење на телото сум имала. И сите се согласија во едно: дека сум била создадена за пејачка.

Немој да помислиш дека си увртев некој филм во главата. Во ниту еден момент не заборавив дека тоа беше само една обична школска приредба. Толку. Имам убави слики, ти ги праќам да ме видиш. Од мојата десна страна е Панајотис, без кого тој ден немаше да бидам тоа што бев. Му го кажав тоа, а тој ми одговори: Ти си ѕвезда, не ти треба туѓа светлина за да светиш. Ај сега!? Изгледа сепак имам право малку да се возгордеам, ако?

Музичката ѕвезда,

Стела

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново