„НА БАТЕРИИ ЛИ РАБОТИ?“ – ВСЕЛЕНСКА АВАНТУРА СО „ЅВЕЗДЕНА ЏУНГЛА“

„НА БАТЕРИИ ЛИ РАБОТИ?“ – ВСЕЛЕНСКА АВАНТУРА СО „ЅВЕЗДЕНА ЏУНГЛА“

Знаеш ли што ти треба за да стигнеш до Вселената? Прво треба да ја прочиташ „Ѕвездена џунгла“ и да знаеш да сонуваш. Тоа ти е исто како да положиш испит за космонаут. Те предизвикуваме да го прочиташ следното поглавје и не заборавај – полетувањето на ракетата е во четврток!

Мене ми беше редот да читам на глас. Само што почнав, едно девојче и едно момче од нигде никаде се појавија среде собата. Како токму во тој миг да се создале. Со подотворени усти се загледавме во нив.

– Здраво, момци, еве сме, дојдовме! – со певлив глас, весело викна девојчето.

– Што сте се зачудиле толку? Нели сношти ветивме дека на оваа страница ќе се сретнеме? – се изненади момчето. Ја галеше онаа, птицана, застаната врз неговото рамо. А таа, мангупка една, клепаше со очите божем е сосема рамнодушна на нас. Како првпат да нѐ гледа. Ја меркав подоко. Само ако пак се изглупира, ги стегнав тупаниците, овој пат нема да куртули.

– Асја, не дозволувај да те испровоцира – ме предупреди Едан. Знае дека сум понекогаш злопамтило и дека лесно можам да избувнам. И тој не е нешто поарен, ама сега беше поприбран од мене.

– Јас сум Стела – прво ни пријде девојчето. Имаше венче со ѕвездички во косата. Светеа како витински.

– На батерии ли работи? – се загледав во него.

– Кој? Венчето? – си го поднамести. – Не. Небесни ѕвезди се. Сама си ги собрав ноќва – зборуваше како да потпевнува.

– Како да не, сама си ги собрала – ѝ се потсмеа брат ми.

– Ѕвездите не се школки на плажа, па да можат тукутака да се собираат. Забележав дека е напнат. Значи, или воопшто не му се допаѓа оваа Стела или пак обратно, веднаш му се допадна и сака тоа да го прикрие. Ги познаваме ние девојчињата. Обично штом ќе сфатат дека ни се допаѓаат креваат нос, се прават важни.

– Во книгите сѐ е можно – пристапувајќи ни, момчето спокојно возврати на претходната зајадлива забелешка.

– Самите ќе се уверите. Птицата на неговото рамо сѐ уште клепаше со очите, речиси незаинтересирано, како овој разговор да ѝ е ептен здодевен. Уште што не се проѕевна. Ама јас знаев дека се преправа, итрицата.

– Невоспитан ти е папагалот. Не си го издресирал како што треба – почувствував дека мојата лутина кон птицата преминува и кон него.

– Не е дресирана и не е папагал – добронамерно се насмевна момчето.

– Тогаш кажи од кој вид е. Можеби какаду, турако, квезал, тукан, иако баш и не личи на нив, многу чудно изгледа. На која фамилија птици ѝ припаѓа? – Едан сѐ уште беше напнат.

– На ниедна птичја фамилија и на ниту еден вид. Таа едноставно е Уни.

– Демек, уникатна е? – не попушташе Едан.

– Или можеби универзална? – фрлив непријателски поглед кон неа.

– Да не е универзумска? – повторно брат ми, со подбивен тон.

– Што сте се накострешиле толку? – потпевна Стела. – Нѐ повикавте да се дружиме, а глеј како нѐ дочекувате. Луди авантури нѐ чекаат, ехеееј! – ја заниша весело главата. Ѕвездичките од венчето ѕвонливо затрепкаа.

– Си дојдовте самоповикани – не можев да премолчам.

– Во заблуда си – палаво ми го размавта показалецот пред очи. – Кој ја чита книгава, а? Вие нас нѐ читате, или ние вас? Ај размисли до следната средба.

Уни го отвори клунот да се вмеша, па се откажа. И подобро. Ќе беше беља ако пак ме нас’скаше.

– Најдобро е да размислат дали воопшто ќе има следна средба – момчето ѝ се обрати на Стела, а потоа и нам: – Единствено од вас зависи – нѐ погледна сериозно, дури и строго. – Сега само ви се претставивме. Ако ви е до дружба со нас, продолжете со читање. Си одиме! – даде знак со крената рака.

– Ч. ч., другарчиња! – гракна птицата пред да ги снема тројцата.

– Каков глупав поздрав наместо чао, чао! – профрчив.

– Кога побрзо ѝ станавме другарчиња?

– Ма пушти ја! Но оние двајца мене ми се океј. Ти што мислиш?

– Едан очигледно беше заинтересиран за дружење со нив.

– Особено Стела ти е океј, нели? – го подбуцнав.

– И тебе ти е, признај – се поднасмевна.

– Немам ништо против двајцата. Само Уни ми е проблематична. Сепак, вреди да се подружиме.

– Ако нешто запне, или ни се видат досадни, лесна работа. Полицата со книги не им бега. Ќе ги вратиме од каде што дојдоа.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново