„ДЕВОЈКАТА ОД МОЧУРИШТЕТО“ – ЗА ЧОВЕКОТ, ПРИМИТИВНАТА КРЕАЦИЈА НА ПРИРОДАТА

„ДЕВОЈКАТА ОД МОЧУРИШТЕТО“ – ЗА ЧОВЕКОТ, ПРИМИТИВНАТА КРЕАЦИЈА НА ПРИРОДАТА

За пролетта во нашите животи...

„Трилер обвиткан во лирично-научен атлас, за недопрените зеленила на Земјината топка, но и за човечките длабочини.“

Книга која е напишана да ги предизвика и примитивните емоции и човечките нагони, но која обработува и една сензитивна тема – предрасудите. И што се предрасудите ако не праисториски инстинкт, но некако подмолно вметнат во кодот на цивилизираното општество, со кое поединецот смета дека се брани од нешто кое воопшто и не претставува закана за неговиот живот?

Не знам дали некоја друга книга ќе успее да ме допре така како што допре во мене„Девојката од мочуриштето“. Можеби затоа што уживав во живописните предели на Северна Каролина, ја слушав природата зад мојот прозорец помешана со одекот на модерната инфраструктура и метежот од брзиот живот, кои колку што бледнееја надвор толку се засилуваа внатре, помеѓу страниците. Моите мисли се стопија со нежно раскажаната приказна за едно свирепо одбивање, копнеев да се телепортирам во мочуриштето, да ја слушам симфонијата на крошните распеани од стотиците видови птици кои ги населуваат, низ микроскопски зеници да го набљудувам цветот на тревата за кој не сум ни знаела дека постои, да го спојам пулсот на моето тело со пулсот на флората и фауната... зашто на крајот на краиштата, човекот е најнесовршената креација на природата. А тоа авторката се обидува да го обелодени речиси на секоја страница.

Дилија Овенс поставува релација на нескротливата природа и скротителот. На човекот како праматеријално ехо на опкружувањето, кој и покрај својата еволуција има самодеструктивна тенденција да се уназадува. На природата која била создадена пред човекот, да му служи и да биде негов дом, а копнее по рамнотежа. Таа дава, но бара за возврат – еден навидум обичен закон на кој човекот заборава откако ќе се имплантира во неа и почнува да се однесува одомаќинето, да се однесува како разорна катаклизма или нова ледена доба. Овенс ни ги претставува сувопарните и лекомислени заклучоци во резерват од контрадикторности. Човекот се плаши од пожар, не и од гнев. Човекот предизвикува лавини од покосени дрвја, а стравува од земјотрес. Човекот, а не природата, е тој што ја отфрла Каја, иако таа е негов ков и негов род, го носи истиот број на коски, истата генетска формација. Галебите и полноглавците се соучесници во злоделото на Каја да биде прифатена од општеството, мочуриштето ја крие во својата утроба кога луѓето безмилосно и срамно ја ловат како крволочен ѕвер. Без да сфатат дека ѕверот се зачнува во нивните грешни мисли.

Сте го доживеале ли чувството да не сакате книгата да заврши, зашто сѐ уште живее, прави електричен спој во вашата глава? Сакав да останам подолго во друштвото на ноќните чапји, расвирените краби и штурци, итрите пеликани и косови, да собирам школки и пердуви на крајбрежјето осветлено од огреаната месечина,  да спијам на отворено под длабоките сенки на горските јавори и северноамериканските ореви, со клунот на чамецот да го расекувам зелениот кожурок на мочуришните води, под кои се крие еден подводен гребен.

Дилија Овенс преку лиричниот стил, кој само ја доловува волшебноста на книгата, ни претставува омаж за зачуван екосистем којшто функционира совршено дури и со човечка душа всадена во неговата срцевина. Секако, зашто таа душа е кревка како и трска издвоена од снопот, без поганите намери да ја потчинува природата, туку да служи во неа како уште еден синџир кој ќе придонесува за нејзината стабилност, развој и рамнотежа. А оној што научил да ја слуша природата, го зборува и нејзиниот јазик.

Вистинска приказна за патувачите кои сакаат да откриваат магични предели преку книга. А кога на тоа ќе ја додадете и вокацијата на авторката, ви станува јасно дека сѐ што сте прочитале било претставено автентично.

Пред вас Каја станува девојчето од џунглата, со своите плашливи манири, животинска недоверба и одбранбени механизми подредени од сепак човечкото и ранливото во неа, изборот на „бори се или бегај“. Таа е оставена да се грижи за себе од седумгодишна возраст. Се крие од социјалните служби кои сакаат да ја принудат да го започне процесот на едукација, но тоа не е нејзина животна средина, како што ни слатководниот сом не би преживеал во морско пространство. Отфрлена и оттурната од цивилизираниот свет, кој само така се поима без да биде негов целисходен репрезент, Каја сраснува со атмосферата и амбиентот наоколу. Прераснува во најлесна цел како што е и еден хербивор за грабливците. Учи дека предрасудите секогаш ќе се обидуваат да го најдат нејзиното место на крајот од низата, дека таа ќе биде жртвено јагне без разлика на сѐ. Помирена дека нејзината судбина е да биде оставена, осамена, да се грижи за себе како да не постои никој друг на оваа планета, освен малиот универзум што останал недопрен од злобната човечка дланка, таа се спротивставува на билогијата, самостојно се школува и ја развива својата уметничка дарба, развивајќи ги капацитетите до академско ниво на кое ќе ѝ позавидат врвните зоолози.

Желбата за љубов ќе биде и основниот мотив Каја да ја заврти наопаку својата крута внатрешност. А кога ќе биде ослободена од своите штитници, тогаш најсилно ќе ја ранат. Вториот обид да љуби ќе заврши осуден како убиство од страст и омраза, по што одеднаш се наоѓа затворена во ќелија, поставувајќи си го прашањето кога се наметнала потребата човекот да го преименува кафезот во ќелија. Но како што приливот и одливот ја хранат лагуната, така и Каја наоѓа сила да застане простум, цврсто, гледајќи ги во очи сите што се обиделе да ја обезвреднат низ годините, додека зад обвинителната клупа ја чекаат неколкуте луѓе кои со малку успевале да направат многу за неа, и како и сега,  да ѝ го чуваат грбот од злобните, озборувачки погледи на стигма.

Каде: Северна Каролина.

Кога: 1951 – 1969.

Одлична за: читатели кои сакаат да посетат различни краишта преку книга, за вечните талкачи, за ентузијастите по естетика која се гради преку мислата.

Идеално комбинирана со: природно осветлување најпогодно за читање, излетничка сценографија – ќебенце послано крај езеро или река и леден чај во шише оросено на жештината.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново