УМЕТНОСТА НА КОМУНИКАЦИЈАТА

УМЕТНОСТА НА КОМУНИКАЦИЈАТА

Пишува: Ана Јовковска
Инспириранa од Комуникацијата како пат до успехот од Дејл Карнеги 

„Вештината на однесувањето на луѓето е исто толку барана стока како шеќерот или кафето. За таа вештина сум подготвен да платам повеќе отколку за што и да е друго под сонцето“. – Рокфелер

Колку често сте се нашле неразбрани во емотивните односи со луѓето? Веројатно исто толку пати и во деловните односи. Многу проблеми можат да се избегнат и многу време да се заштеди доколку сме сигурни дека другата страна го примила тоа што сме ѝ го кажале онака како што сме очекувале. Но тоа што се соопштува не треба да биде само разбрано, туку другата страна мора и да го прифати! Е, тука почнуваат проблемите…

Постојат четири начини на кои остваруваме контакт со светот: што правиме, како изгледаме, што зборуваме и како го доживуваме тоа. Комуникациските вештини се рендген за човековиот карактер и за човековите мисли и затоа се толку важна алатка во современото живеење. Во нашето технолошко и динамично општество, комуникацијата е клучен фактор за многу работи и професии. Истражувањата покажуваат дека возрасните луѓе најмногу ги интересира здравјето, а веднаш потоа луѓето, односно како да ги разбереме другите, како да ја добиеме нивната наклоност и како да ги привлечеме со својот начин на мислење. Како се прави ова? Со добра комуникација!

Писателката Гертруда Штајн велела дека „секој постојано добива толку многу информации што тие ја губат смислата“. Во денешно време комуникацијата – тоа што го зборуваме и начинот на кој зборуваме – е главниот фактор за успех или за неуспех. Значи, не е важно само тоа што го кажуваме, туку и како го кажуваме.

Уметноста на конверзацијата подразбира не само вештини, туку и научни теории со кои се разбира дека нема да го обременам овој текст, па би сакала само да потсетам дека голем фактор во комуницирањето се срцето и страста. Комуникацијата не е еднонасочна улица. Таа не значи само пренесување на порака. Таа значи и активно слушање, односно слушање со срце и разбирање. Кога соработувате со луѓе, имајте на ум дека не се занимавате само со суштества со логика, туку со суштества со емоции.

Денес премногу луѓе се скржави за својата срдечност. Како да е потрошлива стока. Но доколку сакаме да бидеме добри говорници, мора да негуваме срдечност. За да ви ја доловам најлесно поврзаноста меѓу комуникацијата и емоционалната интелигенција, ќе го споменам тоа дека понекогаш се случува добрата и разбирлива комуникација да биде спречена од непредвидливи бариери. Голем дел од овие пречки се од психолошка, а не од физичка природа. Па така, на пример, имаме одлична артикулација и мудро одбрани зборови, но пречката во комуникацијата се појавува поради разни претпоставки кај соговорникот, ставовите или емоционалниот багаж што секој од нас го има.

Всушност, луѓето сакаат да го слушнат тоа што го очекуваат. Пораката што ја добиваме се искривува низ сите информации што веќе претходно сме ги слушнале на истата тема. И наместо да ја слушаме новата порака, го слушаме она што ни го кажува умот. Теоретски, сите знаеме дека луѓето би требало да го држат отворен својот ум. Кога некој ќе ни каже нешто, треба да вложиме дополнителен напор за да слушнеме и објективно да ги процениме новите информации, наместо да ги блокираме. Но колку често сме подготвени за ваква отворена, флуидна и срдечна комуникација? Колку се држиме до нашите ексклузивни мислења и предрасуди?

Перцепцијата е реалност во умовите на тој што перципира, но многу луѓе не се ни свесни за сопствените предрасуди и пристрасност. Затоа, кога разговараме со некого, не само што мора да бидеме свесни за сопствената емоционална состојба туку мора да обрнеме внимание и на расположението на другиот. Имено, дури и да ги прочитате најдобрите книги за техниките за комуникација или да одите на некои од обуките за комуникациски вештини, никој не може да направи добар соговорник од вас ако не сте емпатичен!

Да не заборавиме, важни се луѓето на кои им се обраќаме. Просечниот човек има многу краток период на внимание и милион други работи на мисла, затоа треба да умееме да допреме до него низ менталната магла и да го задржиме неговото внимание. Ова се прави кога се комуницира со срце! И уште две-три важни работи за говорењето уште од дамнешни времиња:

„Целта на говорништвото е да се говори вистината.“ – Платон

„Целта на говорникот е да говори убедливо.“ – Цицерон

„Не го слушаме зборот, туку човекот кој говори.“ – Аристотел

Како што би рекол и Дејл Карнеги: „Говорот значи многу повеќе од изговарање неколку зборови. Тоа е начин на откривање и изразување на човековата личност“. Притоа, ентузијазмот е еден од најголемите фактори за успешно говорење. Ентузијазам потекнува од грчкиот збор „ен“, што значи „во“, и „теос“, што значи „бог“. Во буквален превод значи – бог во нас. Поедноставно кажано – убедлив говор е оној што доаѓа од срцето и допира директно во срцето на другите. Комуникацијата е вибрантно, пулсирачко искуство откорнато директно од градите на живот!

За нејзината моќ прочитајте повеќе во книгата Комуникацијата како пат до успехот од Дејл Карнеги. 

За Приказни.мк АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa, писателка и менторка за личен развој

 

 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново