ДЕТСТВОТО КАКО ЕМОТИВНА ЦЕНТРАЛА НА НАШАТА ЛИЧНОСТ

ДЕТСТВОТО КАКО ЕМОТИВНА ЦЕНТРАЛА НА НАШАТА ЛИЧНОСТ

Пишува: Ана Јовковска
Инспириранa од Детето во тебе мора да си го најде својот дом од Штефани Штал

Денес Фејсбук ме потсети дека пред четири години сум трчала маратон со моето дете (тогаш шестмесечно бебе во количка). Да не се лажеме, повеќе беше пешачење со туркање количка отколку вистинско трчање, но доживувањето беше незаборавно и заврши со зацрвенети образи од радост. Ова искуство ме натера да помислам колку е важно децата уште од најмала возраст да ги вклучуваме во нашите процеси што ни носат задоволство. Децата се како сунѓери и ги впиваат сите наши емоционални состојби. Кога родителите се среќни, зрачат со позитивна енергија што ја пренесуваат на своето потомство. Кога сме тажни, децата го чувствуваат тешкиот темен облак над нашите глави. И сите состојби во кои влегуваме и излегуваме влијаат врз нашето однесување, кое пак е во директна корелација со вредносниот систем што се гради кај личноста.

Емотивната централа на нашето чувство за сопствена вредност, коешто најинтензивно се гради во првите години од животот, е мој потесен интерес за овој текст. Главна инспирација за темата ми е книгата Детето во тебе мора да си го најде својот дом од Штефани Штал, германски психолог и авторка на неколку бестселери. Поради успешниот пристап со кој книжевно ја сумира психологијата и психотерапијата, не само како наука составена од правила туку и како субјективна перцепција, Штал ужива голема популарност. Нејзините наративи секогаш се повикуваат на мотото: „Мора да ја слушнете другата страна“. Па, да ја слушнеме и другата страна...

На секој човек му е потребно место на кое се чувствува заштитен, безбеден и добредојден. Секој копнее по место каде што смее во целост да биде она што е. Чувството од детството, дека сме прифатени и добредојдени, го усвојуваме како основно позитивно чувство на животот што нè следи и како возрасни. Тоа е еден од начините со кои се стекнува самодоверба, а со тоа можеме да им подариме доверба и на другите. Прадовербата е како дом внатре во нас. Ни дава внатрешна потпора и заштита. Кога мајката му се насмевнува на детето, за детето тоа е како некој да му покажува огледало во кое гледа дека мајка му се радува на неговото постоење. Сите кои сме родители многу добро го знаеме ова прекрасно чувство. А чувството за сопствена вредност е епицентарот на нашата психа! Од него се напојуваат сите други психички ресурси. Прашањето што го поставува Штефани Штал е: како да го зајакнеме сончевото дете и да го утешиме детето на сенката?

Дете на сонцето е терминолошка кованица во која се вљубив на прва. Често и на моето дете му велам дека е дете на сонцето. Но со читањето на книгата Детето во тебе мора да си го најде својот дом појасни ми станаа многу работи кои се однесуваат на градењето на „убави луѓе“ или, ако сакате, квалитетни личности. Да почнам од корените...

Во 1960-тите години во психолошката и педагошка наука бил застапуван ставот дека детето доаѓа на светот како „табула раза“, т. е. неиспишан лист хартија. Научниците биле уверени дека карактерот на човекот и неговиот развој можат да се објаснат исклучиво со влијанието на воспитувањето и на средината. Ова мислење суштински се промени во текот на изминатите децении благодарение на резултатите од невробиолошките и генетичките истражувања. Денес знаеме дека гените пресудно одлучуваат за карактерните особини, па и за интелигенцијата на одделен човек. Така, на пример, постојат генетски утврдени предуслови за личноста како што се интровертноста и екстравертноста. Интровертната личност своите батерии ги полни додека е сама. Меѓучовечкиот контакт ја исцрпува побрзо отколку екстравертната личност. Екстравертните луѓе, пак, сакаат контакт со надворешниот свет. Тие најчесто избираат професии што самите по себе ја исполнуваат таа потреба за контакт. Исто така, човек кој има екстравертна структура побрзо почнува да се чувствува осамен и да се досадува ако е сам отколку човек што е интровертен. Со ова сме сите согласни, но што е со сите други услови кои влијаат врз градењето на личноста, а кои не се запишани во нашиот генетски код?

Зигмунд Фројд бил првиот кој личноста ја поделил на различни инстанци. Она што во модерната психологија се означува како внатрешно дете, или како детско јас, кај него се нарекува тоа (id). Возрасното јас Фројд го означил како јас (ego). Покрај тоа, го опишал и таканареченото повисоко јас (super ego). Тоа е некој вид морална инстанца во нас, која во современата психологија се означува и како родителско јас, или „внатрешен критичар“. И Штефани Штал зборува за делот од личноста кој во психологијата се означува како „внатрешно дете“. Тоа е збир на доброто и лошото што во детството нè обележало, а што сме го искусиле од своите родители и од другите важни личности од кои сме зависеле. Внатрешното дете е суштински дел на нашата потсвест. Научно е докажано дека потсвеста е многу моќна психичка инстанца, која насочува осумдесет-деведесет проценти од нашите доживувања и постапки. Значи, „внатрешното дете“ е матафора. Тоа се стравовите, болката, грижите и неволите што сме ги доживеале од мали нозе. Во исто време, тоа е и сето позитивно што го носиме од детството. Возрасното јас, пак, се означува како „внатрешен возрасен“. Оваа психичка инстанца го опфаќа нашиот рационален и разумен ум, значи нашето мислење. Во режимот на возрасниот јас можеме да преземеме одговорност, да планираме, да дејствуваме со предвидување на идните околности.

И познатиот хамбуршки психолог Шулц фон Тун разликува цела низа подличности што живеат во човекот и за нив го составил поимот „внатрешен тим“. Во тој тим живеат „повредено внатрешно дете“, „радосно внатрешно дете“ и „бесно внатрешно дете“. Исто така и „добронамерно родителско јас“ и „казнувачко родителско јас“. Ако ги замениме поимите со „сончево дете“ и „дете на сенката“, тогаш полесно ќе го разбереме толкувањето на Штал дека принципиелните уверувања што ги стекнуваме во детството се нашиот психички погонски систем што нè следи понатаму во животот. Сте се прашале ли од каде потекнуваат длабоко вкоренетите уверувања што го изразуваат нашиот став кон себе или кон меѓучовечките односи?

Кај повеќето луѓе првите сеќавања почнуваат од третата година, т. е. од возраста кога се тргнува во градинка, или дури и подоцна. Низ невробиолошките студии е докажано дека децата кои во првите години на животот доживувале голем стрес, поради тоа што кон нив се постапувало без љубов, цел живот излачуваат повеќе хормони на стрес. Ако таткото му вика на детето, или дури и го тепа, детето не мисли: „Тато не умее да излезе на крај со својата агресивност и потребна му е психотерапија!“, туку тие удари ги поврзува со тоа дека самото тоа е „лошо“ и „никакво“. Детето на сенката ги опфаќа нашите негативни уверувања и чувства што нè оптоваруваат, како што се тагата, стравот, беспомошноста или гневот. Типични заштитни стратегии кај луѓето кај кои доминира детето на сенката се: повлекување, стремеж кон хармонија, стремеж кон совршенство, напад и агресивност, или стремеж кон моќ и контрола.

Од другата страна е сончевото дете кое претставува: спонтаност, желба за авантури, љубопитност, способност нешто толку да нè преокупира за да се заборавиме, порив за дејствување и животна радост. Деловите на личноста што ги означуваме како сончево дете и дете на сенката се формираат во првите шест години од животот. Овие први години се многу важни за човековиот развој затоа што во тоа време се обликува структурата на мозокот, со целокупната мрежа на невроните и нивните меѓусебни врски. Имено, начинот на кој мама и тато постапуваат со нас претставува некој вид проект за сите врски и односи во нашиот живот понатаму. Чувството за сопствена вредност се создава токму во тие први години од животот, а парелелно со него и нашата доверба во другите луѓе.

Постојат четири основни психички потреби: потреба за врзување и поврзување, потреба за автономија и контрола, потреба за пријатност, односно за избегнување на непријатности, потреба за зголемување на сопствената вредност, односно за признание. Потребата за поврзување нè следи од раѓање до смрт. Без поврзаност едно доенче не би преживеало. Многу мали деца умираат ако им се ускрати телесниот контакт. Нашата потреба за поврзаност е исполнета кога се состануваме со пријатели, разговараме преку Интернет, минуваме пауза со колегите, одиме на јавни настани, пишуваме на социјалните мрежи... Но детската потреба за поврзаност родителите можат да ја осуетат со запоставување, отфрлање и малтретирање. Или, како што вели Штефани Штал: „Оној кој минувал низ вакви фази во детството, како возрасен човек може да одбегнува блиски врски или постојано ќе ги раскинува таквите врски, или напротив ќе биде склон кон преголема поврзаност и со тоа себеси ќе се направи премногу зависен од партнерот/партнерката и од другите луѓе“.

Детето има вродена потреба за истражување. Децата, всушност, имаат голема склоност да постапуваат самостојно штом тоа ќе им го допуштат нивните способности. Автономијата значи контрола, а контролата значи сигурност. „Ако речеме дека некој е опседнат со контрола, тоа го опишува однесувањето на човек кому му е многу важна сигурноста зашто длабоко во себе (поради начинот на кој се оформило неговото дете на сенката) се чувствува несигурен“ (Штал). Родителите често грешат кога ја спречуваат потребата на децата автономно да се развиваат. Претерано заштитнички настроените родители, кои спроведуваат строга контрола и кои пропишуваат многу тесни граници, неповолно влијаат врз развојот на автономијата. Постои нешто што се создава во спрегата меѓу конфликтот на автономијата и зависноста. Сепак, ако родителите со вистинско чувство и љубов ги исполнуваат телесните и душевните потреби на детето, во мозокот на детето ќе се формираат споеви кои со зависноста не поврзуваат само нешто негативно туку и една состојба на заштитеност. Тоа значи дека детето развило безбедна врска со личноста што го негува. Но ако внатрешната атмосфера е нарушена во корист на автономијата, таквиот човек подоцна има претерана потреба да биде слободен и независен.

Имено, како се чувствуваме и кои чувства во себе можеме да ги забележиме, односно од кои чувства сме лишени, битно зависи не само од нашиот вроден темперамент, туку и од искуствата што сме ги стекнале во детството. Многу луѓе ги потиснуваат своите внатрешни повреди. Многу луѓе ја имаат потиснато својата ранливост. Некои луѓе не се ни свесни дека во детството интензивно чувствувале дека се одговорни за лошото расположение на својата мајка, на пример, односно за расположението на родителите, и оттаму ги развиле своите внатрешни принципиелни уверувања. За жал, некои деца често чувствуваат дека се на товар на своите родители. Некои се чувствуваат беспомошни. Некои се толку често критикувани што постојано мислат дека ги разочаруваат своите родители. Сите овие навидум безначајни турбуленции во детството нè доведуваат до емотивни ќор-сокаци понатаму во животот.

Затоа, оваа статија ќе ја завршам со едно потсетување до сите родители: „Ако можам да го сакам само она што е совршено, тоа не е вистинска љубов“!

Да ги сакаме своите деца и кога грешат и да направиме од нив деца на сонцето!

За Приказни.мк АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa, писателка и менторка за личен развој

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново