ТРИ прашања сo Катерина Ангеловска

ТРИ прашања сo Катерина Ангеловска

Таа е авторка на книгата „333 афирмации“, која постигна голем успех во Македонија, по што беше преведена на албански и на англиски јазик. „Будење на свеста“ е нејзина втора книга, која ја издаде заедно со Радован Витошевиќ.

Оваа книга водич за потрагата по вистината и духовната преобразба наиде на огромен интерес кај читателите. Доказ за тоа е нејзиното четврто издание кое излезе во април годинава. Нека ви биде разубавен понеделникот со духовната и свесна мисла на авторката!

 

1.Во вакви тешки времиња, колективната преобразба може да ја постигнеме единствено со…

Колективната преобразба може да ја постигнеме со индивидуално будење на свеста. Будењето на свеста е вистинскиот патоказ за колективна преобразба и за еволуција на свеста во спиритуална или духовна свесност. Колективните парадигми влијаат врз колективната свест, а колективната свест влијае врз менталниот склоп на секоја индивидуа. Луѓето најчесто имаат ограничени верувања за себе и за другите и тешко прифаќаат сѐ што е спротивно на нивните верувања. Од друга страна, пак, секој индивидуалец поседува потенцијал да има отворен ментален склоп. Потенцијал да се отвори за нови можности, нови искуства и предизвици, за учење и холистичко развивање, и истовремено да ги поттикне сопствените потенцијали за нови креации. Само така можеме да придонесеме за позитивни промени врз колективната свест и да создадеме поинаква реалност. Процесот е обратен, не можеме да очекуваме промена на колективно ниво и после ние да се менуваме. Ние сме промената која сакаме да ја видиме во светот. Светот е наше огледало, ако ние се менуваме, и светот околу нас се менува.

2.Кога сте во својот интимен простор и свет, најмногу сакате…

Кога сум во својот интимен простор најмногу сакам да читам. Го сакам мирисот на книгата кога е нова, шушкањето на страниците и она нетрпение во мене да ја прочитам што е можно побргу. Тоа е така за секоја книга. Читањето книга е волшебна магија која само вистинските љубители на книгата може да ја разберат. Секој збор во книгите е како нуркање во најдлабоките и најмагичните тајни на постоењето.

3.Омилена духовна терапија?

Омилена духовна терапија ми е медитацијата, која ја практикувам со години и која ми помогна да се осознаам себеси вистински. Медитацијата ми овозможи длабоко да навлезам во своето бескрајно јас, да се разбудам, да доживеам чиста свесност. Ми помогна да го слушнам внатрешниот глас и да ги добијам вистинските одговори. Благодарение на медитацијата станав успешна во соочување со најтешкиот соперник, со самата себе.  Едноставно кажано, ми овозможи да ја пронајдам, да ја прифатам и да ја афирмирам својата божественост, својата суштина. Медитацијата е есенцијална, затоа што патот кон просветление е внатрешно патување.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново