КНИГИ ОД ТРИ ШТО СЕКОЈ МОРА ДА ГИ ПРОЧИТА

КНИГИ ОД ТРИ ШТО СЕКОЈ МОРА ДА ГИ ПРОЧИТА

Додека љубопитно гледате кон полиците и се прашувате: Која е следната книга што треба да ја прочитам?, ние веќе го подготвивме задолжителниот читачки список. Заокружете ги насловите што сè уште не сте ги прочитале и посетете ги нашите книжарници. Уште колку наслови од нашиот список ви останаа непречкртани?

„Пиреј“ од Петре М. Андреевски

Петре М. Андреевски е пирејот на македонската книжевност. Како сакаш читај – ништо не ја ништи таа трева од зборови. Зборовите на Андреевски се љубов, незаборав. Човек што го чита е како огледало во огледало – одрази што одат до бескрај. Оваа култна книга мора да ја има прочитано секој Македонец, треба да ја носи во умот и потсвеста, како неугаслив извор за сопственото минато и опстојот.

„Полиња со диви нарциси“ од Винка Саздова

Сто и осум жолти ливчиња со непроменлива порака: Разбуди ме се сто и осум причини за да ја прочитам оваа книга и да се разбудам од сонот на заблудите за љубовта, судбината и животот. Одлуките тежат, а правилните одлуки уште повеќе. Колку тежат одлуките на ликовите на Винка Саздова? И колку тежина ќе им дадат на вашите животни одлуки?

„Папокот на светот“ од Венко Андоновски

Оваа книга е современа класика на генијалниот македонски раскажувач Андоновски. Мултипликација на ликови, случувања, дејствија, првин во деветти век, па потоа во времето на Југославија, таа е богат колаж кој ни покажува што значи човековиот копнеж по слободата, себепронаоѓањето, бесмртноста.

„399“ од Фредерик Бегбеде

По која книга и да посегнете, овој автор ќе ве остави без здив. Буквално! Деловите од животот на Октав Паранго се како море од интересни приказни на чие дно спие вистината. За Бегбеде пишувањето треба да го прикаже животот онаков каков што навистина е. Па, каков е?

„Калуѓерот што го продаде своето ферари“ од Робин Шарма

Од спојот на источната духовна мудрост и острите западни принципи за успех се раѓа оваа инспиративна книга на Робин Шарма. Физичкото пропаѓање проследено со духовна криза не е лош знак – напротив, тоа е одговор на многу прашања. Некогаш човек треба да го допре дното за да може да се крене како феникс од пепелта.

„Четириесет правила на љубовта“ од Елиф Шафак

„Четириесет правила на љубовта“ се и четириесет правила за добар роман. Во секоја од неговите длабоки, лирски и многузначни реченици се крие цел роман. Шафак, најмоќниот женски глас на светската книжевна сцена, е фигура без која не може да се замисли современата литература.

„Внатрешен инженеринг“ од Садгуру

Животот е многу краток за да не бидеме среќни, полетни и исполнети, но доволно е долг за да посветиме време на секоја реченица од современиот духовен учител Садгуру. Овој спиритуален водич ќе ви го разбуди духот – како светилник среде разбранувана вода, ќе ви го покаже вистинскиот правец кон кој треба да се упатите.

„Снешко“ од Ју Несбе

Ју Несбе е задолжително име во вашата домашна и умствена библиотека, на полицата каде што се сместени крими романите. Кога се зборува за трилери, невозможно е да не се спомене името на фикционалниот детектив Хари Хуле, омилен лик на многу генерации. Вклучете се во неговите возбудливи потраги!

„Кафка на брегот“ од Харуки Мураками

Метафизичко патување до брегот на значењето на животот, и назад! Мураками е на самиот врв на пирамидата на најзначајни автори на денешницата. Изберете го овој, или некој друг роман од него, и впуштете се во гимнастика на умот тргнувајќи кон брегот на духовното созревање!

„Сапиенс“ од Јувал Ноа Харари

Книга што јасно ќе ви ја отслика историјата на човечкиот род. Пред 100.000 години живееле најмалку шест човечки вида. Денес има само еден – ние. Хомо сапиенс. И од сите хомо сапиенси, еден остава вечна трага во книжевноста објаснувајќи како овој вид се изборил за доминација – Јувал Ноа Харари.

 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново