„КАФКА НА БРЕГОТ“ – НА КЛАТНОТО НА ЕКСЦЕНТРИЧНОСТА

„КАФКА НА БРЕГОТ“ – НА КЛАТНОТО НА ЕКСЦЕНТРИЧНОСТА

Човекот е сурогат на своите стравови…

„Она на што вистински вреди да се посветиш е тоа што секојдневно го сретнуваш во огледалото, но со кое заспиваш стуткан и зависен како ембрионот од папочната врвца.“

Во „Кафка на брегот“ Харуки Мураками гостопримливо ни нуди влез во кожата на секој од ликовите, зашто само така читателот ќе се чувствува пријатно и заштитено од постојаните налети на контемплациите кои надоаѓаат како своевиден стрелачки вод.

Преплет на алтер ега, на неодредени судбини и спорадична појава на ликови, патување кон созревањето на умот распнат помеѓу растењето и заблудата. Зошто петнаесетгодишникот Тамура го позајмува името Кафка? Заглавен ли е во процес на апсурдно бегање од лицето на правдата, од немоќност да ја пречека вистината како апсолутно и непоимливо зло? Или оваа етимологија содржи подлабок, понорен мотив?

„Кафка на брегот“ е една алегориска грамада за созревањето, за преминот од детското мечтаење кон возрасната безнадежност, за неконтролираниот раст на асоцијациите и волјата, за јагмата и копулацијата на природата како средство за празнење на фрустрациите и спиритуалниот погром.

Тамура, јадрото на романот околу кој констелираат останатите ликови, носи стара душа во своето младо и пропорционално тело, исклучен од физичката реинкарнација, но со остро набаждарена доза на интроспективни црти.

Едиповиот комплекс, инцестуозното проклетство во својство на абриб, да ги измазни оние недостатоци кои напукнале од обемно натежнатото дело на мајсторот на надреализмот Мураками, го окоравува и минерализира сексуалното будење.

Во херметички затворениот свет на Кафка Тамура суштествуваат две паралели: површната – наивноста на согледба, всушност, алегорија на општеството; и јадрената, која е вистинската почва на случувањата, предизвикателот на севкупноста од паранормални сеизмологии. Но исто така, кога би ги споредувале Наката и Кафка, ќе забележиме дека не случајно Мураками ги оптегнал како два реципиента на жичена врска. Возрасниот Наката е екстремно инфантилен, сензитивен и непромислен, не само како последица на својата умствена нарушеност, додека Тамура е предвреме пораснат, со неверојатна вигилност во осознавањето и размислувањето. Би можело да се каже дека тие се спротивни како две месечеви мени, но дел од истиот процес на рамнотежа и живот.

Душевната обрежаност на Тамура е уште еден сексуален симбол кој преминува на следното ниво, односно се апстрахира во спиритуален повик кој, вообичаено, тинејџер не би го препознал како таков. Затоа намерната извештаченост на ликовите, кои добиваат нереално изместени карактеристики, е она што го издвојува Мураками од секој друг раскажувач на Земјината топка. Забележливи се неговата цврстина и настојчивост да ги прикаже ликовите во стивната светлина, при што низ неговиот книжевен објектив ќе се оцртаат сите несовршености. Мураками не ги поправа, напротив, дозволува да испливаат низ неговиот буквар од настани, такви, сурово обработени и незаштитени во светот на литературата.

Овој роман, зажеднет за утопистичка симптоматологија, отвора бездни исполнети со прашања за идентитетот: Кои сме; Кон што тежнееме; Дали врвот за некого не е дно; Што кога ќе ја достигнеме крајната цел; Го имам ли она што е потребно да се декларирам како искрено човечко битие...

Филозофијата на Мураками е далеку од структурата на совршена грчка трагедија. Наликува на хаотична дифузија, привлечена од неговото перо, атоми кои кохезивно се обидуваат да се спојат во онаа точка каде што магнетното поле е најсилно, а тоа во случајот на јапонскиот „кингу“ е расплетот. Бурлескна парада на лековерно вдаховени ликови: библиотекар хемофиличар, проститутка филозоф, фризерка одметничка, скулптор садист, композиторка педофил, ментално попречено лице со натприродни моќи, мачки кои зборуваат и едно апокалиптично небо како предвесник на смрдливоста на светот.

Метаморфозата во романот е претставена како парапсихолошки феномен, завеса на трансцендентално преслекување кожувки. Ова тактирачко и синхронизирано дејство e предодредено да се вкрсти во книжевна клучка со експлозивна средба на патувачките протагонисти.

Последната реченица го дефинира дискурсот под напластените слоеви на постмодернистичка прашина, која оддувана го отскрива сензибилитетот и инкубацијата, зачетничкиот омот „Си станал дел од нов свет.“

Смртта, не само како физичка димензија, е шифриран мотив кој се влече од родилиште, амблемиран како несвесна честичка на спротивставеноста на светот. Колку бизарности може да претрпи човекот кој ги дисекцира на живо своите бубачки и фикс-идеи, силните пламтежни верувања кога тие не соодејствуваат со замислата на светот за човечкиот его-опис? Може ли да се живее животот во потполна тишина додека разгневената толпа во глава ги каменува мислите, сакајќи да покаже дека внатрешниот глас е посилен од исфрлањето на ракетниот погон? Колку навистина го слушаме себебудењето и колку сакаме да го чуеме?

Живееме во фалсификуван свет создаден од бариери, како да сме мравки на коишто еден човек им нацртал граница со креда, за да ги ограничува умствено и физички да излезат надвор од неа.

Јована Матевска Атанасова

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново