ЉУБОВТА Е ЧОВЕЧКА МОЖНОСТ

ЉУБОВТА Е ЧОВЕЧКА МОЖНОСТ

Пишува: Ана Јовковска
Инспирирана од книгата Внатрешен инженеринг од САДГУРУ

Ќе се согласите ли дека ние сме генерација што живее најкомфорно на оваа планета досега? И покрај софистицираната технологија и многуте алатки што ни го олеснуваат животот, и покрај мноштвото избори и слободи, не сме ни најрадосните, ни најсаканите, ниту, пак, најспокојните. Нема да ми биде чудно ако сме најосамените. Планетата е преполнета со седум милијарди луѓе, а луѓето често се осамени. Современите состојби на умот и разните духовни вртлози нè тераат да се повикаме на методите на популарната психологија. Еден од нив е „позитивното мислење“. Но, како што вели еден од највлијателните современи духовни учители, хуманитарец и модерен јогин, Садгуру – уште една фраза што се претвора во клише е „позитивно мислење“. Кога е премногу поедноставено и употребено како некаква брзопотезна мантра, позитивното мислење почнува да прилега како да ја варосувате или да ја валкате во шеќер својата реалност. Во неговата моќна и трансформативна книга Внатрешен инженеринг тој зборува за дестилираната мудрост и за револуционерниот начин на размислување што нè води до порадосен и поисполнет живот. Има ли некој што не сака живот со повеќе смисла?

Гуру буквално значи „разбивач на теминината“. Па, дали гуруто постои за да им даде светлина на димензиите надвор од нашата сетилна перцепција? Дали е тука за да ја олесни нашата психолошка драма? Да фрли светлина врз вистинската природа на нашето постоење? Не знам. Никогаш не сум запознала гуру. Никогаш не сум била во Индија, во родната земја на Џаги Васудев, мистикот кој е познат како Садгуру. Но си велам сигурно има што да нè научи човекот кој има посебен консултативен статус во Економскиот совет на Обединетите нации, некој кој е избран за еден од 50 највлијателни луѓе во Индија. Решив да ја прочитам неговата книга и сама да се уверам во неговите зборови.

Од телесното до космичкото, од верувањето до потрагата, од љубовната мантра до технологијата на трансформација, оваа книга ми отвори многу нови размислувања. Една од работите што „ме купи на прва“ е делот: „Да се одбегне минатото и да се занемари иднината значи да се обезвредни прекрасна моќ“. „Да се биде во моментот“ станува парализирачко психолошко ограничување – ја негира нашата егзистенцијална реалност. „Прави само една работа во определено време стана друг популарен слоган за самопомош. Зошто да правиме само една работа кога умот е феноменална мултидимензионална машина, способен одеднаш да се справи со неколку нивоа на активности?“ Книгата ми отвори сосема нови димензии...

Јога практикував неколку години, но последниве, откако имам повеќе работа и мало дете, се вадам на тоа дека немам време. Се разбира, ова ми е само алиби и сè повеќе сум свесна дека се лажам себеси. Но, ако некогаш повторно ѝ се вратам на јогата, ќе се сетам на она што зборува Садгуру – дека да се сведе една софистицирана наука, каква што е јогата, на обична доктрина е исто толку трагично колку што е нејзиното претворање во кардиоваскуларен тренинг. Внатрешниот инженеринг на трите димензии на себството – телото, енергијата и умот – е мајсторија до која секој од нас доаѓа сам. Затоа, не ви откривам повеќе, уживајте во дестилираната мудрост на Садгуру!


Љубовта е човечка можност.

Вистината е безвременска, но технологијата и јазикот секогаш се современи.

Никогаш во животот не сум размислувал што сакам да станам. Размислував за тоа како сакам да го живеам својот живот.

Свртувањето кон внатре е првиот чекор од пасивноста кон дејствувањето – од тоа да се биде жртва до тоа да се стане господар на својата судбина.

Дали сакате да бидете човек со полно или со скратено работно време? Да се биде човек со апсолутно полно работно време значи да се биде во секое време подготвен енергично да се одговори на сè.

Човечките суштества се во непрестајна состојба на поплаки. Ги носат поплаките со себе како беџ за својот идентитет.

Одговорноста не е компулсивна реакција. Таа ви нуди избор на дејствување.

Да се живее во емпатија не е некој езотеричен принцип.

„Не знам“ е влезната врата кон потрагата и знаењето.

Ниту една традиција, без оглед колку е почитувана и колку се докажала во времето, не заслужува да живее како нешто повеќе од музејско парче ако ја надживеала својата релевантност.

Човековата природа е таква што сите копнееме да бидеме повеќе од она што сме во моментот.

Слободата или мукти или мокша се доживува како природен стремеж на секое човечко суштество и како наше крајно одредиште.

Јогата е систем што ќе ви овозможи во исто време да бидете и алхемичар и експеримент, едновремено и субјект и објект. Јогата не е за тоа како да се биде натчовек, туку за тоа дека е прекрасно да се биде човек.

Од што и да се чувствувате лишени во животот, се чини како најголема аспирација.

Судбината стана популарно жртвено јагне, начин да се справиме со неуспехот, фаталистичка итрина да се помириме со сите видови непријатни ситуации.

Квалитетот на нашиот живот е определен од нашата способност да одговориме на различни сложени ситуации со кои се среќаваме.

Да се биде целосно одговорен е да се биде сосема свесен.

Кога некој непрестајно се вложува стопроцентно, доаѓа моментот кога ги надминува сите граници и постигнува ослободување од секаков напор.

Кога пред некоја година бев во Тел Авив, ми рекоа дека шалом е највисоката можна форма на поздрав. Прашав зошто. „Затоа што значи мир“, ми одговорија.

Да научиме да го слушаме животот е есенција на интелигентното живеење. 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново