Книжевни совети од тимот на ТРИ за 2021 (прв дел)

Книжевни совети од тимот на ТРИ за 2021 (прв дел)

Еден од успешните начини да се пронајдеш себеси е да тргнеш на патување во книжевните приказни. Кога инспирацијата ќе те заскокотка, ќе излезеш од реалноста, ќе влезеш во книгите и оттаму ќе се вратиш со куфер полн искуства.

Затоа, подготви ги куферите! Секој од тимот на ТРИ има по еден совет за твоето книжевно патување во 2021 година. Нашите совети ќе ти помогнат да го засилиш гласот на читателот во себе, да го надградиш своето книжевно и духовно јас, да се пронајдеш себеси. Тестирај ја својата креативност и истрајност. Нека новите предизвици ја одржуваат твојата мотивација. Импресионирај се од сопствената идејна експресија.

Погледни во нашето окно од совети и откривај нови пејзажи!

Да читаме поразновидно - Тања Блажовска Митевска, уредник

Отсекогаш ме привлекувала можноста да се искористи изминатата година за еден вид саморефлексија и поставување значајни цели. А една од целите за кои навистина се грижам е читањето – тоа за мене е една од најмоќните работи што носат најголеми награди.

Понекогаш е навистина тешко да најдеме книга што ни одговара, да одвоиме малку време да ја прочитаме, а потоа да го завршиме своето читачко искуство со малку проучување на темата, на писателот или само размислувајќи за зборовите што ги читаме.

Големата магија на читањето лежи во можноста да се посетат други светови и да се живеат други животи на околу 300 страници, а читањето на различен вид литература (според расата, полот, сексуалноста) извонредно го проширува тој опсег. Се разбира, не треба да читаме книги со различна тематика само затоа што е забавно, туку зашто тоа навистина го сакаме, затоа што ќе ни донесе лично задоволство. Некогаш можеби токму таа книга ќе биде книгата што долго сме ја барале. Колку поразновидна литература читаме толку ги прошируваме своите книжевни хоризонти и стануваме отворени кон нови автори. Читањето книги со разновидна тематика и од различни автори ни дава можност да ги согледаме сопствените позиции и да се соочиме со сопствените предрасуди. Сигурна сум ќе бидеме пријатно изненадени од тоа колку добро можеме да се поврземе со содржината и со карактерите кои мислиме дека не ги познаваме. 

Книгите поблиску, телефонот подалеку - Александра Филиповска - Јанковиќ, маркетинг и односи со јавност 

Во 2021 година поставете си за цел што е можно повеќе да држите корици од квалитетна книга в раце отоколку телефон или таблет. Единственото нешто за кое ќе ви послужи телефонот е да поставите аларм и да читате еден час без запирање. Потоа нема да ви биде потребен, зашто откако ќе влезете во светот на книгата, нема да сакате да го напуштите. Светлината на зборовите во книгата е многу посилна од онаа на екранот. 

Експериментирај на секое поле! - Славко Јовановски, технички уредник
 
Експериментирај со книжевниот жанр, стопи се во утопијата на автор што досега не си ја посетил, вкуси две страници одеднаш, едната проза, другата поезија, искуси две или повеќе книги одеднаш. А ако мислиш дека недостига нешто во прочитаното, тоа значи дека сè уште не е напишано. Запиши го. Зашто најопасната фраза во јазикот на битисувањето на книгата е: се знае редот. Во речникот на уметноста недостига зборот: редослед. Редот е онаков каков што ќе го направи читателот. Откако ќе завршите со ваквиот опит, ќе се уверите дека нема поизвонредно нешто од аурата на книжевен хаотичен космос. 

Тегла полна совети - Милена Сиљаноска, помошник уредник
 
Сврти се кон себе. Биди свој. Сите други се веќе зафатени.

Во секоја врска што ја остваруваме со некого едниот е цвет, а другиот е градинар. Но во врската што ја имаш со себе ти си и цветот и градинарот. За да расцветаш, потребни ти се нега и време. Дозволи ми да те посоветувам како да се погрижиш за себе, додека времето изминува. А 365 дена се доволни за цутење.

Не можеш да полеваш од празна чаша, затоа ќе ти дадам идеја како чашата постојано да ти биде полна со книжевни совети. Земи ја најголемата тегла што ја имаш и следната книга од твојот список за читање. Дали е љубовен или мотивациски роман, нечија инспиративна биографија или зборува за бизнисот – не е важно. Почни со запишување на цитатите што ти се допаѓаат и секој ден ставај по еден во теглата. Пишувај ги на разнобојни ливчиња. Црвената хартија нека биде наменета за денови кога ќе ти треба прегратка, зелената за денови кога ќе ти недостига мир, портокаловата кога ќе ти биде потребна инспирација, а сината кога ќе ти треба храброст.

Така во 2022 година ќе имаш 365 вредни совети, од себе за себе.

Ќе успееш да се прегрнеш. Зашто рацете ќе ти бидат две хемисфери кои ќе се поклопат и ќе создадат еден цел нов свет. Биди своја инспирација!


Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново