ТРИ прашања со… доктор Александар Митов

ТРИ прашања со… доктор Александар Митов

Му поставивме на д-р Митов три прашања за неговата љубов кон медицината, но и за можноста да влијае врз јавното здравје преку директна комуникација со граѓаните. Неговата посветеност, професионалноста и желбата да им помогне на луѓето да го променат својот животен стил се одлики на човек кој неуморно работи за подобрување на здравјето и подигнување на свеста за неговото значење во нашите животи.

1. Вашата максима е „Лекуваме причини, не последици“. Кој беше вашиот главен мотив да се посветите на медицината?

Медицината ми го одговара суштински прашањето кое ме „прогонува“ цел живот – како можам јас да придонесам, и за поединците и за општеството? Нека не звучи алтруистички или искажано од најсебична гледна точка, едноставно ми причинува убаво чувство кога сум во ситуација да помогнам. Медицината го дава токму тоа, бидејќи самата природа на медицинската пракса е да се помогне на друго човечко суштество. Кога веќе навлегов во медицината, сфатив дека повеќе се пронаоѓам на почетниот дел, на превентивата. Така и се роди максимата да ги лекуваме причините, а не последиците. 

2. Ве знаеме не само како стручно лице, туку и како ТВ-лик кој ревносно се посветува на јавното здравје, преку вашите емисии. Освен пред камера, кој е доктор Митов кога завршува работниот ден?

Можеби ќе се изненадите дека приватно сум интровертен човек и кога ќе заврши работниот ден сакам да се повлечам со семејството и со самиот себеси. Јавните настапи ги прифаќам како работни обврски и штом ќе ги завршам, сакам да се вратам назад и во себе. Се трудам да го живеам животот како современ христијанин, со сите тешкотии кои доаѓаат со современиот начин на живеење. Во центарот на тој живот, секако, е моето семејство. Оттука, освен како д-р Митов, себе се доживувам како сопруг и татко, и тоа ме прави неизмерно среќен и благодарен.

3. Пишувате, споделувате, ја објавивте книгата „Водич за долговечност“ во издание на ТРИ... Неуморно работите во повеќе сфери. Можете ли да ни откриете што следно да очекуваме од вас?

Го градам концептот за новата книга и наскоро ќе почнам да ја пишувам. Се подготвувам да го кренам присуството на социјалните мрежи на уште повисоко ниво. Ги завршив подготовките за настап на американскиот пазар и наскоро и тоа ќе го почнам. Ќе воведам уште еден здрав производ... и плус ќе продолжам да правам сѐ што правев досега, и за сето тоа фала му на Бога!

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново