ВЕНКО АНДОНОВСКИ НА ГОЛЕМИОТ ШКОЛСКИ ЧАС: „ИЗРЕШЕТАНИ ДУШИ“

ВЕНКО АНДОНОВСКИ НА ГОЛЕМИОТ ШКОЛСКИ ЧАС: „ИЗРЕШЕТАНИ ДУШИ“

Интервју на Венко Андоновски за српскиот портал „Нови магазин“. 

„Се прашав со што ќе се појавам пред дедо во Шумарицe“, вели македонскиот книжевник Венко Андоновски, автор на драмата „Изрешетани души“, претставена оваа година на Големиот школски час во Крагуевац

На овогодишниот Голем школски час, традиционална антивоена манифестација посветена на цивилните жртви на фашистичката војска на почетокот на Втората светска војна во Крагуевац, изведена е драмата „Изрешетани души“ на македонскиот книжевник Венко Андоновски. Најпопуларниот, најчитаниот и најнаградуваниот книжевник на Северна Македонија на овој начин се најде во друштво на Душко Радовиќ, Милован Витезовиќ, Љубивоје Ршумовиќ, Мира Алечковиќ, Видосав Стевановиќ, Миркo Демиќ, Ричард Бернс, Андреј Базилевски, Ана Сантоликвидо и други домашни и странски автори кои со своите дела го креваат угледот и значењето на Големиот школски час.

Андоновски е професор на Филолошкиот факултет во Скопје, каде предава Светска книжевност, Јужнословенски книжевности и Теорија на книжевноста. Неговиот роман „Папокот на светот“ е отпечатен во мошне добар тираж за балканскиот простор – во 14.000 примероци, „Вештица“ во 10.000, а романите „Азбука за непослушните“ и „Ќерката на математичарот“ исто така во тираж од близу 10.000 примероци. Неговите претстави веќе со години се најгледаните на македонската театарска сцена. Делата му се преведени на 12 јазици.

Поканата од Крагуевац да напише драмски текст за овогодишниот Голем школски час го изненади, но тој на крагуевчани им приреди уште поголемо изненадување.

„Пред сѐ, ми укажаа огромна чест со тоа што во мојата книжевност препознале пораки и ставови за мир и што ми овозможија да бидам дел од светски познатиот Голем школски час. Тоа за мене беше големо и пријатно изненадување. Но и јас ги изненадив членовите на Советот на Големиот школски час кога им открив дека и мојот дедо од мајкина страна е стрелан во Шумарицe“, вели Андоновски за „Нов магазин“. Тој додава дека на почетокот имал трема пред големиот книжевен предизвик, која подоцна се претворила во силно чувство на лична одговорност кон крагуевската трагедија и „луѓето кои тогаш ги испуштиле своите души“.

„Се прашав со што ќе се појавам пред дедо во Шумарице и почнав да го пишувам она што го носев во срцето“, вели Андоновски.

Драмата „Изрешетани души“ излезе од печат непосредно пред изведбата на Големиот школски час и во неа веднаш се препознава вашата поврзаност и блискост со сите лица во неа, освен со злогласниот мајор Кениг. Невозможно е да се одреди процентот неавтентичност на ликовите и настаните наспрема уметничката фикција, но вие знаете со што излеговте пред дедо Бранко стрелан во Шумарицe?

Оваа приказна бараше минимум фантазија и фикција, бидејќи животот веќе го изрежирал сето она што се случило тие денови во 1941 година во Крагуевац. Мојата мајка тогаш имала само четири и пол години. Тоа утро од татко си побарала да ѝ купи кифла за појадок и тој, и покрај предупредувањето на Германката Елза која живеела во нивната куќа, да не излегува бидејќи фашистите веќе почнале со рации во кои собирале луѓе и со камиони го носеле во Шумарице, излегол до пекарницата на аголот на улицата. Купил кифла и леб, бил уапсен пред пекарницата и следниот ден бил стрелан.

Животот веќе напишал таква драма во која ниту најдобрите драмски писатели не би имале многу интервенции. Така мене ми остана да напишам што му поминувало на мојот дедо низ главата и како ги поминал тие дваесет часа од апсењето до стрелањето – што и не беше толку тешко, бидејќи за што би можел да размислува човек чија сопруга починала и кому за неколку часа му следува сигурна смрт освен за четири и полгодишната ќерка која ќе остане сама?

Дали оваа семејна трагедија од тоа време беше отежнувачки или олеснителен факт за време на творечкиот процес и колку „изрешетани души“ во Шумарицe, а пред сѐ на вашиот дедо поради болното семејно сеќавање, чекаа да ги оживеете во драма изведена на местото на нивното стрелање?

Злосторството во Крагуевац и сите луѓе кои страдале во него го набљудувам низ судбината на својот дедо. Дедо во мојата драма ги обедини сите тие трагични судбини на невините страдалници. Писателот мора да има посебен пристап кон своето дело, секогаш мора да има некоја индивидуална нишка, а уште кога се работи за вистинска приказна, тогаш таа нишка е болна жица која го олеснува пишувањето бидејќи тука нема што да се додаде. Може само да се толкува судбината, да се бара симболика, и јас токму со тоа се занимавав во драмата, но веќе ја имав основата на драмското дејство. Неа ми ја подари – мојот дедо Бранко.

Сите ликови во драмата се мажи и жени кои биле современици на тоа страшно злосторство и негови директни и индиректни жртви, како и војниците кои ги стрелале, бидејќи сметам дека во некоја небесна сцена и душите на војниците, кои по наредба морале да пукаат во невини луѓе, ќе бидат жртви на своите наредбодавци. Таков е случајот и со мојата мајка Верица, која по татковата смрт ја одвеле во дом за сираци. Таа никогаш повеќе не изела кифла и денес живее со вина на совеста дека таа е виновна и дека таа го испратила сопствениот татко во смрт.

По завршувањето на Средната учителска школа во Крагуевац, студирала во Скопје. Таму го запознава мојот татко, новинарот Верољуб Андоновски, се мажи за него и до денес живее во Скопје.

Како уметникот од оваа историска дистанца во светлината на крагуевската традиција гледа на воените злосторства кои не толку одамна се случуваа на просторот на бивша Југославија и дали тоа „брзо повторување на историјата“ можеше да се спречи?

Многу сум разочаран од денешниот свет, бидејќи злосторството стана нормално. Не можам да сфатам како онаа држава во која живеевме заедно западна во вителот на војни и злосторства, и што е најстрашно, како ние се однесуваме кога ги толкуваме тие ужасни настани што се случуваа не толку одамна.

За мене е фрапантно дека во тие толкувања не се разликува доброто од злото, ниту џелатот од жртвата. Денешниот свет си дава за право да ја толкува историјата како француска симболистичка песна, па секој ја толкува на свој начин. Мислам дека тоа не е здраво, бидејќи историските факти не можат да се толкуваат – а ако се толкуваат, тоа најчесто значи да се биде на страната на лагата. Истото се однесува и на злосторствата. Тие се симболи на смртта и несреќата на нашите балкански народи и не смееме да си дозволиме да ги толкуваме произволно. Мојата порака до сите политичари на Балканот и до сите кои се обидуваат да ја прекројат историјата, зашто гледам дека тоа е во мода, гласи – не посегнувајте по историјата, зашто ќе се избришете себе самите.

Со распадот на Југославија исчезнаа многу значајни културни манифестации, кои беа организирани од Вардар до Триглав. Што остана од некогашниот заеднички културен простор, има ли заеднички книжевни проекти како оние во филмската индустрија и воопшто каква било институционална соработка?

За жал, нема. Јас до пред два месеца бев надворешен соработник на нашата влада за култура. Се обидовме да отвориме Македонски културен центар во Белград и не успеавме, бидејќи културата на Балканот секогаш е на последно место. Многу сум разочаран. Но ако веќе не постои институционална соработка на некогашните братски култури – се сеќавам дека сите македонски поети прво беа преведувани на српски јазик, па на хрватски и словенечки, и дека беа хит во тогашна Југославија – зошто не постојат лични врски? Моите колеги  македонски писатели одвај знаат еден или двајца писатели од современата српска книжевност. Верувам дека е така и со српските писатели. И се прашувам, ако не постои таа соработка, зошто ние не се дружиме меѓу себе?

Во Македонија единствено останаа да се одржуваат Струшките вечери на поезијата, но оваа година ги уништи пандемијата, па немавме гости од странство, туку се одржаа онлајн.

Во Европа обично се мисли дека балканските народи се свртени кон минатото и кон митовите. Многу ваши дела се базирани врз спојот на митското и современото поимање на светот. Како Балканот може да излезе од неосветлените и нерасветлените лавиринти на митското минато и да се вмрежи на 5Г технологијата на 21 век?

Не сум баш убеден дека сме примитивни племиња кои живеат во митовите. Секогаш тргнувам од тоа дека уметноста е убава ако е во исто време и локална и универзална. Не спаѓам во групата писатели, а нив ги има сѐ повеќе, кои по секоја цена сакаат да бидат писатели на бестселери. И пишуваат по тој шаблон и дејството се случува во Брисел, Париз и Минхен, а не во Крагуевац, Скопје или во некое село во околината. Локацијата нема да му даде вредност на вашето дело, иако така мислат младите писатели, имитатори на западните бестселери.    

Ние имаме силна балканска и национална книжевна традиција, а се сеќавам и на Маркес, кој секогаш пишуваше за своето село. Не сметам дека треба да се прикачиме на 5Г технологијата, бидејќи ние сме златен рудник на архетипови и симболи и сигурен сум дека многу писатели на светски бестселери би дале сѐ за да припаѓаат на такви богати култури какви што се балканските. Ние не знаеме да ја пласираме својата книжевност, да ја преведуваме, да излеземе на пазарот и да го претставиме квалитетот. Ќе напишеме фантастични романи, ама не ги преведуваме. Тоа е нашата трагедија.

Благодарение на спојувањето на митското и современото, ја освоивте публиката и успеавте да остварите тиражи кои се високи за балкански услови. Во тој контекст морам да ве прашам дали во Северна Македонија може да се живее од книжевност, дури и да е закитена со многу награди, како вашата?

Од книжевноста, за жал, не може да се живее. Јас сум професор на факултет. Отсекогаш сум сонувал да бидам само писател и да можам да живеам од тоа. На запад тоа е можно, но од друга страна, го прифаќате таканаречениот книжевен шаблон. Јас ја нарекувам „Мекдоналдс книжевност“. Можете да живеете од книжевност и да пишувате романи и филмски сценарија, но често морате да го работите тоа што не е ваша уметничка преокупација. Јас едноставно го пишувам она што го мислам, и не можам да го правам тоа.

Човек не треба да бега од себе.

За крај, и едно задолжително прашање: на што работите сега?

На новиот роман кој се вика „Папокот на светлината“. Романот „Папокот на светот“, кој е наградуван и на исток и на запад, го напишав кога имав 35 години и го објавив во 2001. Сметам дека по временска дистанца од 20 години „Папокот“ заслужува повторно да биде напишан, овој пат со мое искуство, посебно со духовното искуство кое го имам со моите 56 години. Темата е слична, не е идентична, но мојот интерес се движи од светот кон светлината, од материјалното кон духовното, од земското кон небесното царство.

ПРОМИСЛА И ВКРСТЕНИ СУДБИНИ

Мирко Демиќ во рецензијата за „Изрешетани души“ напиша дека сте успеале колективната крагуевска трагедија да ја вткаете во единечна, во трагедијата на вашето семејство, и да ја избегнете патетиката, да ја потиснете личната болка и морализирањето давајќи ѝ универзален печат. Во драмата се најде и поетот Блаже Конески, кој се смета за татко на македонскиот јазик. Тој бил ученик во Првата крагуевска гимназија. Дали и неговото појавување во драмата се базира врз вистински настан?

Секако. Тој ѝ предавал на мојата мајка на факултетот во Скопје, а од Крагуевац и Првата крагуевска гимназија заминал во 1939 година. По стек на околности мојата мајка била пратена на студии во Скопје, каде што тој бил професор. Но тоа не е крајот на судбинските српско-македонски приказни кои веројатно ги смислува мојот дедо. Тој бил Србин оженет со Македонка од околината на Штип. Нивната ќерка, мојата мајка, се омажила за Македонец и отишла да живее во Македонија, јас пред неколку години се оженив со крагуевчанка, така што сега во мојата биографија пишува „живее и работи во Скопје и во Крагуевац“.

Како дедо ми да ме повика да го затворам тој круг. Јас сум сигурен дека тој пред стрелањето не можел да замисли дека еден ден неговиот внук ќе дојде во Крагуевац и дека ќе му биде доделено да напише сценарио за Големиот школски час. Тоа не е моја имагинација, тоа е, според мене, Божја промисла. 

Интервјуто е преземено од следниов извор

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново