ЧУДНА, МОРНИЧАВА ПРИКАЗНА ОД ПОЧЕТОК ДО КРАЈ – „ЦРНОТО КУЧЕ“ ОД НИЛ ГЕЈМАН

ЧУДНА, МОРНИЧАВА ПРИКАЗНА ОД ПОЧЕТОК ДО КРАЈ – „ЦРНОТО КУЧЕ“ ОД НИЛ ГЕЈМАН

Црното куче

Десет јазици имаше во една глава,

а еден јазик отиде да донесе леб,

со него да ги нахрани и живите и мртвите.

СТАРА ЗАГАТКА

I

Гостин

            Пред пабот врнеше силен дожд.

            Шедоу сè уште не беше сосем сигурен дека навистина се наоѓа во пабот. Секако, тука беше малиот шанк на крајот од просторијата, со шишиња на ѕидот и неколку огромни славини и рачка за точење пиво, како и неколку високи маси, па и луѓе кои пиеја, седнати околу нив, но нему сето тоа му личеше на соба во нечиј стан. Кучињата само го засилуваа тој впечаток. На Шедоу му се чинеше дека тој е единствениот во пабот кој нема куче.

            „Какви се овие кучиња?“ љубопитно праша Шедоу. Кучињата го потсетуваа на сиви ’ртови, но беа малку помали и изгледаа понормално, поспокојно и помалку невротично од сите ’ртови со кои се имаше сретнато во текот на годините.

            „Демначи“, рече газдата на пабот, доаѓајќи од зад шанкот. Носеше кригла пиво што ја имаше наточено за себе. „Најдобри кучиња. Кучиња на ловокрадците. Брзи, паметни, смртоносни.“ Па се наведна и го почеша зад увото костенливо-белото свиено куче. Кучето се протегна, уживајќи во чешкањето. Не изгледаше особено смртоносно, па Шедоу наглас го кажа тоа.

            Газдата, човек со црвена коса што веќе беше почнала да побелува, замислено се почеша по брадата. „Воопшто не си во право“, рече. „Минатата недела со братот на ова куче одев по улицата „Кампси“. Таму сретнавме лисица, голема црвена лисица, ни на дваесет метри од патот, ѕиркаше од оградата, а потоа, среде бел ден, си прошета по патот. И тогаш Нидлс ја здогледа, па в миг потрча по неа. Дури да трепнеш, Нидлс ги зари забите во вратот на лисицата, ја стегна, ја протресе и – готово.“

            Шедоу го одмери Нидлс, сиво куче што дремеше покрај малечкото огниште. И тоа изгледаше сосем безопасно. „А каков вид се демначите? Тоа е некој англиски вид, нели?“

            „Па, тоа и не е баш вистински вид“, најпосле одговори една белокоса жена без куче, која се потпираше на блиската маса. „Нив ги вкрстуваа поради брзината и издржливоста. Кучиња водичи, ’ртови, шкотски овчари.“

            Човекот покрај неа го крена прстот. „Мора да сфатите“, почна тој весело, „дека порано постоеја закони кои одредуваа кој смее да поседува чистокрвни кучиња. Селаните не смееја, но можеа да чуваат мелези. А демначите ти се подобри и побрзи од куче со педигре.“ Со врвот на показалецот ги намести очилата од врвот на носот. Имаше костенливи бакенбарди прошарани со бели влакна.

            „Ако ме прашате мене, секој мелез е подобар од какво било суштество со педигре“, рече жената. „Затоа Америка е толку интересна земја. Преполна е со мешани раси.“ Шедоу не можеше да процени колку години има таа. Беше белокоса, но изгледаше помладо од својата коса.

            „Всушност, мила“, со нежен глас рече човекот со бакенбардите, „мислам дека на Американците многу им се помили кучињата со педигре отколку на Британците. Запознав една жена од Американскиот кинолошки сојуз и, да ви кажам, ме исплаши. Бев преплашен.“

            „Не мислев на кучиња, Оли“, му одговори жената. „Мислев на... Ах, не е важно.“

            „Што ќе пиеш?“ го праша газдата.

            На ѕидот зад шанкот се наоѓаше залепен лист кој на гостите им кажуваше да не нарачуваат светли пива, „освен ако не сакаат тупаница в лице“.

            „Што имате, а да е добро и локално?“ праша Шедоу, кој научи дека тоа е најмудриот одговор на тоа прашање.

            Газдата на пабот и жената имаа бројни предлози за добри локални пива и сајдери. Нискиот човек со бакенбардите ги прекина за да им го сврти вниманието на тоа дека, според неговото мислење, доброто не е чисто избегнување на злото, туку нешто многу попозитивно: нешто што светот го прави подобар. А потоа се закикоти, за да им покаже дека само се шегува и дека знае дека разговараат за пијалак.

            Кога газдата на пабот му го наточи пивото, тоа беше темно и многу горко. Шедоу не беше баш сигурен дека му се допаѓа. „Што е тоа?“

            „Се вика ’црно куче‘“, рече жената. „Сум слушнала дека е наречено според тоа како се чувствуваш кога ќе испиеш премногу.“

            „Како оној познат опис на Черчил за мрачните расположенија“, рече ситниот човек.

            „Всушност, пивото го добило името според едно локално куче“, дофрли една девојка. Носеше маслинестозелен џемпер и стоеше потпрена на ѕидот. „Но не вистинско, туку полуизмислено.“

            Шедоу го спушти погледот кон Нидлс, колебајќи се. „Дали е безбедно да го почешкам по главата?“ праша, потсетувајќи се на судбината на лисицата.

            „Се разбира“, му одговори жената со бела коса. „Тој го обожава тоа. Зар не е така?“

            „Па, најчесто. На оној бедник од Глосоп за малку не му го одгриза прстот“, додаде газдата на пабот, со мешавина од восхит и предупредување во гласот.

            „Мислам дека тој беше некој функционер од локалната власт“, рече жената. „Никогаш не ми пречело кучињата да ги гризат таквите луѓе. Или оние од даночната инспекција.“

            Жената во зелениот џемпер му се приближи на Шедоу. Не носеше пијалак во раката. Имаше темна, кратка коса и цело соѕвездие од дамки по носот и образите. Таа погледна во Шедоу. „Ти не си од локалната власт, нели?“

            Шедоу одмавна со главата. Рече: „Јас сум еден вид турист.“ Тоа и не беше неточно. Во секој случај, патуваше во овие краишта.

            „Ти си Канаѓанец?“ праша човекот со бакенбардите.

            „Американец“, одговори Шедоу. „Но веќе долго време сум на пат.“

            „Тогаш“, почна белокосата жена, „не си вистински турист. Туристите доаѓаат, ги гледаат атракциите и си заминуваат.“

            Шедоу ги крена рамената, се насмевна и се наведна, па го почеша демначот на газдата по темето.

            „Ти не си баш некој голем љубител на кучиња, нели?“ го праша девојката со темна коса.

            „Па, баш и не сум“, рече Шедоу.

            Да беше некој друг, некој што има обичај да го кажува наглас тоа што му минува низ главата, Шедоу ќе ѝ раскажеше дека неговата жена имала кучиња во младоста, па затоа понекогаш на Шедоу му се обраќаше со кутре, зашто сакаше куче кое не можеше да го има. Но Шедоу сè потиснуваше во себе. Тоа беше една од карактеристиките што ги ценеше кај Британците: дури и кога сакаат да знаат што се случува во тебе, нема да те прашаат. Внатрешниот свет ќе остане внатре. Неговата жена беше мртва веќе три години.

            „Ако ме прашуваш мене“, рече човекот со бакенбардите, „луѓето се делат на кучкари и мачкари. Значи ти сакаш мачки?“

            Шедоу се замисли. „Не знам. Немавме домашни миленици кога бев мал, зашто постојано се селевме. Но...“

            „Ова го спомнувам“, продолжи човекот, „затоа што нашиот домаќин има и мачка, која исто така можеби сакаш да ја видиш.“

            „Порано беше овде, но ја преместивме во задната собичка“, дофрли газдата од другата страна на шанкот.

            Шедоу се запраша како тој толку лесно го следи разговорот додека прима нарачки за храна и точи пиво. „Дали мачката ги нервираше кучињата?“ праша тој.

            Надвор дождот уште посилно почна да врне. Ветерот почна да фучи, да свири, а потоа и да завива. Дрвото што гореше во малиот камин почна да искри и да потпукнува.

            „Не онака како што мислиш ти“, рече газдата на пабот. „Ја пронајдовме откако го пробивме ѕидот до соседната соба, кога требаше да го прошириме барот.“ Широко се насмевна. „Дојди да видиш.“

            Шедоу тргна со него во соседната просторија. Човекот со бакенбарди и белокосата жена отидоа заедно со нив, неколку чекори зад Шедоу.

            Шедоу се сврте кон барот. Жената со темна коса го набљудуваше и топло му се насмевнуваше кога им се сретнаа погледите.

            Соседната просторија беше поголема, подобро осветлена и личеше на нечија дневна соба. Луѓе седеа околу масите и јадеа. Храната изгледаше добро, и уште подобро мирисаше. Газдата го поведе Шедоу до една прашна застаклена витрина во задниот агол од просторијата.

            „Еве ја“, со гордост рече газдата.

            Мачката беше кафена и на прв поглед изгледаше како да е создадена од жили и агонија. Длапките во кои некогаш ѝ се наоѓале очите сега беа полни со гнев и болка; устата ѝ беше ширум отворена, како суштеството да врескало во моментот кога било препарирано.

            „Обичајот на заѕидување животни во ѕидови на згради е сличен на обичајот на заѕидување живи деца во темелите на куќите ако сакате куќата да не се урне“, му објасни човекот со бакенбардите кој застана зад него. „Иако мене мумифицираните мачки секогаш ме асоцираат на оние мумифицирани мачки што ги наоѓале околу храмот на божицата Баст во египетскиот град Бубастис. Таму имало толку тони мумифицирани мачки, што ги донесле во Англија за да ги сомелат и да ги просеат по полињата како евтино ѓубриво. А викторијанците правеле и боја од мумии. Мислам дека била некоја кафена нијанса.“

            „Изгледа измачено“, рече Шедоу. „Колку е стара?“

            Газдата се почеша по образот. „Се чини дека ѕидот во кој се наоѓала бил подигнат некаде помеѓу 1300 и 1600 година. Ако треба да им се верува на парохиските списи. Овде во 1300 година немало ништо, а во 1600 година тука се наоѓала куќа. Сè помеѓу тие два датума е изгубено.“

            Влакнестата и исушена мртва мачка како да ги набљудуваше од стаклената витрина со своите празни црни длапки.

            Јас имам очи секаде каде што одат моите луѓе, прошепоти познат глас во умот на Шедоу. Тој во истиот миг помисли на полиња наѓубрени со сомелени мумифицирани мачки и се запраша какви ли чудни посеви никнале тука.

            „Некој ја заѕидал во ѕидот од старата куќа“, рече човекот кого го викаа Оли. „Во неа живеела и во неа пцовисала. И никој не се смеел ниту плачел. Умееле сешто да соѕидаат, за да ја обезбедат и да ја сочуваат градбата. Понекогаш и деца. Па и животни. А во црквите тоа го правеле задолжително.“

            Дождот аритмично удираше по стаклото од прозорците. Шедоу му се заблагодари на газдата на пабот што му ја покажа мачката. Се вратија назад во барот. Шедоу за момент се натажи кога забележа дека девојката со темна коса си замина. Изгледаше толку пријателски. Шедоу нарача пијалаци за човекот со бакенбардите, за белокосата жена и за газдата на пабот.

            Газдата се провлече под шанкот. „Ме викаат Шедоу“, им кажа Шедоу. „Шедоу Мун.“

            Човекот со бакенбардите воодушевено ги спои дланките. „О! Па, тоа е прекрасно. Кога бев мал, имав германски овчар што се викаше Шедоу. Дали тоа ти е вистинското име?“

            „Така ме викаат“, одговори Шедоу.

            „Јас сум Мојра Каланиш“, рече жената со бела коса. „А ова е мојот партнер Оливер Бирс. Тој знае многу нешта, па вечерва, додека се дружиме, несомнено ќе ви раскаже многу.“

            Се ракуваа. Кога газдата се врати со пијалаците за нив, Шедоу го праша дали во пабот има соби за издавање. Планираше таа ноќ да продолжи да пешачи, но дождот звучеше како да нема намера да престане наскоро. Имаше издржливи и длабоки чизми за пешачење и водоотпорна наметка, но не му се пешачеше по дожд.

            „Порано имав една соба, но синот се врати и се всели таму. Понекогаш ги советувам гостите да преспијат во шталата додека да се отрезнат, но ништо повеќе од тоа, барем не во последно време.“

            „Може ли некаде во селото да изнајмам соба?“

            Газдата одмавна со главата. „Многу е лошо вечерва. Но Порсет е само на неколку милји по патот, а таму имаат вистински хотел. Можам да ѝ се јавам на Сандра и да ѝ кажам дека доаѓаш. Како ти беше името?“

            „Шедоу“, повтори Шедоу. „Шедоу Мун.“

            Мојра погледна во Оливер и рече нешто што звучеше како „се шегува многу?“ а Оливер за момент си ја гризна за усната, па потоа енергично кимна. „Дали би сакал да ја поминеш ноќта кај нас? Гостинската соба ја користиме како магацин, но има кревет. Освен тоа, топла е. И сува.“

            „Ќе ми биде многу мило“, рече Шедоу. „Ќе ви платам.“

            „Не биди смешен“, возврати Мојра. „Баш ќе биде убаво да имаме гостин.“

 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново