ТРИ прашања со… Радица Никодиновска

ТРИ прашања со… Радица Никодиновска

Во нашата рубрика „ТРИ прашања со...“ ги вклучуваме и нашите преведувачи, кои имаат за раскажување интересни аспекти низ искуствата со преведувањето.
Нашата преведувачка и пријателка на ТРИ, проф. д-р Радица Никодиновска, со радост ни одговори на поставените три прашања. Бевме љубопитни за нејзината љубов кон италијанскиот јазик, за професорската дејност, но и за директниот контакт со јазикот и игрите со преводот, а добивме одлични одговори.

1. Преведувачката дејност е како откривање нов терен во јазикот. Вам италијанскиот ви е „како дома“. Како започна љубовта токму кон тој јазик и преведувањето?

Уште како мала имав склоност кон странските јазици, но и желба да патувам и да запознавам различни култури и традиции. Со текот на времето таа моја страст ме доведе да студирам француски и италијански јазик на Филолошкиот факултет во Скопје. Почнав да преведувам уште за време на студиите, бев член на преведувачката лабораторија „Мартеди“ („Вторник“), основана од тогашниот италијански лектор Аугусто Фонсека, кој нѐ воведуваше во таинствената моќ на зборовите, чувари на клучот на портата која води во други непознати светови. Италијанскиот јазик плени со својата милозвучност, хармоничност, мелодичност; дури и Томас Ман, вљубеник во овој јазик, ќе рече преку неговиот јунак Феликс Крул: „...за мене не постои никакво сомнение дека и ангелите зборуваат на италијански јазик. Невозможно е да се замисли тие небесни суштества да се изразуваат на друг помалку мелодичен јазик“.

И така, низ годините, паралелно со мојата професионална професорска определба, се нижеа преводи од италијански јазик кон македонски, но и обратно. Секој превод нов предизвик, нова приказна, инспирација, тешкотија, потрага по успешни решенија. 

И точно е тоа дека италијанскиот ми е „како дома“, меѓу другото и благодарение на мојот шестгодишен престој во Италија, каде што предавав на Универзитетот „Ориентале“ во Неапол, несомнено најубав начин за запознавање на културно-историското наследство и вредностите на Италија. Впрочем, преведувачот не е само јазичен туку и културен медијатор, а за тоа е потребно одлично познавање како на јазиците така и на културите. 

2. Предавате на УКИМ. Што значи за вас да се биде професор во вакви предизвикувачки времиња?

Имам среќа да се занимавам со најблагородната професија според мене. Се надевам дека во текот на моето долгогодишно искуство позитивно сум влијаела врз животниот пат на моите студенти, дека дел од моите добри намери допреле до нив и дека барем за дел од нив сум ја заслужила квалификацијата „животен учител“.

Сега, начинот на изведување настава се смени прекуноќ и на почетокот нѐ затекна сите збунети. Никој не беше подготвен за еден ваков потрес, ни професорите ни студентите, но моравме да се приспособиме. Во ова ново време-невреме повикани сме да го прифатиме двојниот предизвик: од една страна да ја изведуваме наставата со примена на нови технологии и платформи кои претходно не сме ги користеле, но од друга страна, и да ја задржиме улогата на едукатори, да им дадеме поддршка на студентите која оди подалеку од наставната димензија, да им помогнеме да се справат со новата ситуација и на психолошки план. Сепак, душата на наставата е во човечките релации. Во текот на моето многугодишно искуство видов колку на студентите и на учениците воопшто им е важен директниот контакт со професорот. Сега ми недостига одењето меѓу клупи, следењето со поглед за да сфатам дали и колку го разбрале она што сум го објаснувала. Точно е дека наставата на далечина ја анулира таа конкретна директна врска, но и нѐ тера да бидеме покреативни за да ја надоместиме празнината предизвикана од немањето директен контакт.

3. Преведувајќи ја Елена Феранте, имавте можност одблиску да ја запознаете нејзината интригантна, но природна нарација. Каков ви е впечатокот за последната книга „Приказна за оние што заминуваат и за оние што остануваат“?

Среќна сум и благодарна што Издавачки центар ТРИ ми го довери преведувањето на оваа книга, бидејќи се работи за една навистина многу моќна, длабока и уверлива приказна. Приказна која раскажува за потрагата по среќа на двете пријателки Лила и Лену, која нема да ја најдат ниту во богатството ниту во славата токму поради неможноста да ја пресечат папочната врвца што ги држи врзани за маалото од нивното детство и младост, кое како некакво проклетство ги запира времето и страстите. И во ова трето продолжение од Неаполската сага, пријателките го задржуваат нивниот амбивалентен однос на љубов и омраза, докажувајќи си ја една на друга сопствената среќа за потоа секоја во својата осаменост да размислува за сопствената несреќа. И секого ќе можат да го измамат освен себеси, како комплементарни и сродни души кои во огледалото ќе си го видат сопствениот обратен одраз.  Впрочем, често во литературата, како што е случај со Елена Феранте, амбивалентноста е вистинскиот мотор на нарацијата.

Од преведувачки аспект гледано, би напоменала само дека текстот изобилува со културо-специфични елементи кои најчесто претставуваат ‘камен за сопнување’. Сепак, се надевам дека, благодарение на моето преведувачко искуство, но и на неколкугодишниот престој токму во Неапол, градот во кој се наоѓа маалото во кое се израснати двете протагонистки во романот, сум успеала да понудам успешни решенија.

Сѐ на сѐ, навистина прекрасна книга.

 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново