ИЗВАДОК ОД „АМЕРИКАНСКА ПРАШИНА“ ОД ЏЕНИН КАМИНС

ИЗВАДОК ОД „АМЕРИКАНСКА ПРАШИНА“ ОД ЏЕНИН КАМИНС


Победа е да се излезе жив од Акапулко, Лидија го знае тоа. Да, ја поминаа првата поголема пречка. Таа би сакала да го почувствува напливот на оптимизам на нејзиниот син, но знае премногу за досегот и решеностa на хардинеросите и нивниот хефе за да може вистински да здивне и да се ослободи од својот страв. Ѕури низ прозорецот со спуштена глава.

 На почетокот на својот брак Лидија и Себастијан често одеа на викенди во Мексико Сити, како туристи. И двајцата беа на колеџ таму. И таму се запознаа и иако ниеден од нив немаше вистинска желба да живее во главниот град, уживаа во тоа што се доволно блиску за да го посетат. Во тие денови, државата Гереро беше сигурна, изолирана. Нивната земја и тогаш имаше narcotraficantes, но тоа нешто беше исто толку далечно како Холивуд или Ал каеда. Насилството избиваше во концентрирани, далечни места: прво Сиудад Хуарез, потоа Синалоа, потоа Мичоакан. Акапулко, заштитен со планински венци и морето, го задржа сончевиот заштитен балон на туризмот. Солениот морски воздух, звуците на галебите, големите сончеви очила и ветерот што дува по булеварот и си игра со косите на жените околу нивните потемнети лица, сето тоа ја интензивираше зголемената илузија на заштитеност.

Обично на Лидија и Себастијан им требаа нешто повеќе од четири часа за да стигнат од Акапулко до Мексико Сити во нивната портокалова буба, бидејќи Себастијан возеше како лудак по благите планински свијоци, нагоре и надолу по падините од автопатот. Иако неговото возење беше несигурно, патот беше широк и мазен. Лидија го гледаше пејзажот, во сончевите зраци разлеани по далечните врвови, редовите облаци напластени кон нерамната земја, покривите и кулите од селата покрај кои поминуваа, и се чувствуваше сигурно со својот нов сопруг во нивниот мал, портокалов автомобил. Често застануваа во Чилпанчинго на кафе и сендвичи. Понекогаш се наоѓаа со пријатели – цимерот на Себастијан од колеџ живееше таму со жена му и бебето кое подоцна му стана кумче на Себастијан. И по неколку часа, во Мексико Сити ќе најдеа евтин хотел и ќе шетаа низ градот со часови. Музеи, претстави, ресторани, игранки, разгледување по продавници, паркот Чапултепек. Или понекогаш воопшто не излегуваа од хотелската соба, а Себастијан, испотен, смеејќи се, завиткан во чаршафите, ќе ѝ шепнеше на својата сопруга во косата дека требале да останат во Акапулко и да заштедат пари.

Лидија ја навалува главата на седиштето. Не може да поверува дека тие спомени се од пред десет години, не може да поверува дека Себастијан навистина го нема. Чувствува страшно треперење во себе, па го допира увото на Лука додека тој спие. Сè се одвиваше толку брзо во последните години. Акапулко отсекогаш беше срцето на екстраваганцијата, и кога конечно падна во немилост, тоа се случи со спектакуларна помпезност каква што и светот очекуваше од него. Картелите го обоија градот во црвено.

Додека нивниот автобус поминува покрај дрвја и остаток од голема карпа каде што патот го сече пределот, Лидија забележува дека веќе стигнале во Окотито. Се моли да нема блокади на патот до Мексико Сити, но знае дека тоа е невозможно. Дури и пред да падне Акапулко, блокадите на патот околу Гереро, како и во поголемиот дел од земјата, станаа закана. Ги поставуваа банди на наркодилерите или полицијата (кои исто така може да бидат наркодилери) или војници (кои исто така може да бидат наркодилери) или во последните години од autodefensas – самоодбранбени вооружени групи формирани од жителите на одредени градови кои ги штитат своите места на живеење од картелите. И овие групи може, исто така, да бидат наркодилери.

Во суштина, блокадите на патиштата може да варираат од непријатни до смртноносни. Поради постоењето на посериозните блокади Лидија и Себастијан престанаа редовно да патуваат во главниот град кратко по раѓањето на Лука, затоа Лука само еднаш бил во Мексико Сити, кога беше многу мал за да се сеќава, и затоа Лидија дозволи да ѝ истече возачката дозвола пред речиси две години. Сега ретко го напуштаа Акапулко и Лидија, како и повеќето жени во покритичните држави во Мексико, веќе никогаш не патуваше сама со автомобил. Оваа вистина се повеќе и повеќе ја задушуваше Лидија во изминативе неколку години. Ја сметаше за повреда на својата женска самостојност. Но денес е реална јамка околу нејзиниот врат. Можеби досега успеа да го испланира нивното бегство од Акапулко, но знае дека сè уште се заглавени во државата Гереро и може да ги почувствува блокадите на патиштата насекаде околу периферијата на својот ум, како се приближуваат.

Без да го буди Лука, Лидија ја вади мапата и со една рака ја држи на седиштето пред себе. Ги проучува патиштата и чувствува блага бесполезност во тоа. Само кога би можеле нивните тела да поминат непречено низ овие патишта, брзо и сигурно како што таа со прстот ја поминува рутата на мапата. Да можеа блокадите да бидат претставени со симбол на мапата, тоа би бил мал калашников. Но ги нема на мапата, бидејќи постојано се преместуваат за да го одржат елементот на изненадување. Лидија знае дека на секој пат оттука до Мексико Сити ќе има барем една блокада од Лос хардинерос. Таа знае дека момчињата на тие блокади ќе ги бараат токму неа и Лука. Замислува како некои од тие момчиња, кои се и амбициозни и насилни, ќе направат сѐ за да ги препознаат. Се прашува каква награда може да добијат за тоа што ќе ја испорачаат – цела или на парчиња – на нејзиниот пријател.

Лидија се обидува повторно да ја свитка мапата, но нема трпение и ја турка во џебот на седиштето пред себе. Се обидува да го избистри умот, да ги разгледа опциите. Повеќето луѓе кај кои би се обратила за помош се мртви, а и да не беа, барањето помош е рамно на влегување во кујната на пријателот со бомбашки елек за самоубиство. Премногу себично е да размислува за тоа, знаејќи го ризикот на самото свое присуство. Иако е свесна дека Чилпанчинго е преполн со хардинероси, исто така знае дека, ако се надеваат да избегнат блокада, ќе мора да слезат таму. Само пред неколку минути качувањето во овој автобус донесе чувство на огромна победа, но тоа можеби беше грешка. Можеби забрзуваат кон стапицата. Го гледа Лука, подигнувањето и спуштањето на неговите гради додека спие, и се обидува и таа да диши со ист ритам.

 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново