КАРАНТИНСКИ ПРИКАЗНИ: „СНЕГ ВО МАРТ“ – Виолета Танчева-Златева

Одеднаш нешто му ги засени очите.

Веќе имаше и заборавено кога Мајката го седна пред прозорецот. Одвреме-навреме излегуваше од замелушеноста и ја слушаше како се војва низ собата и поткашлува. Како ја пушта водата во ѕиданиот мијалник во аголот и тропка со садовите од скудниот појадок. Големиот ѕиден часовник злокобно го одбројуваше времето. Надвор ништо не се случуваше.

Како што настапуваше пролетта така замираа надворешните звуци. Необјасниво исчезнуваа, еден по еден. Џагорот беше одамна замрен. Се изгубија веселото дангара-дунгара на камиончињата и количките од пред маалските продавнички, довикувањето на соседите, тропањето на прозорците. Детето не знаеше каде се изгубија децата со нивните викотници. Бабата од најдолниот кат одамна ја немаше да списка. Зашто веќе не се слушаше ни звукот на скршено стакло и пискотливото разбегување на децата. Го нема да излезе отспротива и чичкото пекар опашан со белата престилка, да плесне силно со рацете и да свика со својот весел глас: Ајде народе, од благо до солено – за здраво и разболено! Детето со нетрпение го чекаше тој негов грлат извик. Зашто беше знак за почеток на малиот уличен театар што секој ден се одвиваше на улицата и му го скратуваше времето до доаѓањето на Мајката. Пекаровиот сосед, берберот со раскоштравени веѓи, брзо ќе излезеше по тој распеан извик и ќе почнеше да го кара за последниот кажан збор. А чичко пекар громко ќе се насмееше и ќе почнеше со певлив глас да ги реди вкусотиите на својот дуќан: фокача топла и мирислива, со сирење и босилек посипана, панцероти сусамлии, форнети со сирење и пршути, па кроасани и бриоши, кростата со ленти фини, кифлички и мафини, и каноли крцкави, панетоне со овошни зачини…

Детето многу се радуваше кога го слушаше неговиот весел глас и го гледаше намуртеното лице на неговиот сосед, кој секогаш истрчуваше пред излогот штракајќи со своите ножици. Но сега со денови ги нема. Ни берберот ни пекарот. Затоа Мајката престана рано наутро да му носи топли кифли, „меки како твојата душичка“, така му велеше кога го хранеше со нив. Сега најчесто му дроби сув леб во длабокото чиниче и му го потура со малку жешко млеко. Веќе не го зачинува ни со какао. Му го дава такво, бело. Бело како овие белинки што одеднаш му ги засенија очите.

Трепна еднаш-двапати. Се обиде колку што можеше да ја подзаврти главата и да ѕирне над прозорската рамка. Доаѓаа одозгора. Меки, како мали перничиња. Како бели ружини ливчиња за Палешка. Да можеше, ќе станеше и ќе го отвореше прозорецот. Ќе ја подадеше раката. За да ги пречека. Да се ракува со нив и да им посака добредојде. Тие сигурно ќе го скокотнат за поздрав. О колку сакаше да ги почувствува на својата дланка! И потоа да ја принесе кон усните. Да ги вкуси. Сигурно се многу слатки, си мисли Детето. Благи и меки. Можеби малку лепливи. Како онаа белина намотана на стапче што ја продаваше чичкото со мустаците во паркот.

Детето радосно крикна. И потоа продолжено, силно писна. Мајката само лесно ја сврти главата кон него. Последниве месеци беше радосно. Речиси постојано лиценцето му беше искривено во насмевка. Мајката цело време беше дома. Не брзаше да излезе наутро повторувајќи му дека ќе гледа денес да си дојде порано од работа. Не одеше да купува во саботите. Одамна ја немаше видено да се враќа натоварена со торби од пазар. По цел ден седеше дома, со него. Честопати, кога ќе го преместеше од количката, замислено седнуваше до него на креветот. Го милуваше по ретката косичка и му шепотеше зборови што тоа не ги разбираше.

Во првите денови кога почнаа цело време да остануваат заедно дома, Мајката често му читаше. Ќе потфатеше некоја книга со сказни од долната полица, ќе се наместеше до него и почнуваше да ја одмотува нишката на приказната со својот топол глас. Откако ќе ја свртеше страницата, го фаќаше за рачето. Детето ќе ѝ го ставеше едното прсте – единственото што му мрдаше – врз нејзиниот прст и подзинато ја слушаше.

Еден ден Мајката зеде една помала книга од погорните полици. Детето зачудено ја погледна. А? ја праша. Ах, рече таа како да му се извинува, тетка ти уште пред три години ми ја подари и знаеш, а денес а утре, уште не сум седнала да ја прочитам. Си мислев сега, кога… Но ако сакаш од твоите… И повте да ја врати на полицата. А-а! ја запре. Како да ја прекори и таа се сепна. Што ако е за големи, прочита во неговите очи. Читај ми. Сакам да те слушам кога читаш.

Па, ајде да читаме, почна таа седнувајќи до него на креветот. Еве, книгава има многу убав наслов. И ова ќе помине. Така ми напишала и тетка ти како посвета: Горе главата, мила сестро. И оваа тага ќе помине… Книгава ја напишала некоја тетка Милена. Ајде да видиме што ни раскажува…

Многу одамна и многу далеку, можеби во Кина, си бил еден моќен, паметен и милостив цар, кој еден ден ги собрал сите мудреци во своето царство и им рекол: „Сакам да смислите кратка реченица која може да се употреби во сите можни околности“. Мудреците се повлекле и со месеци размислувале. На крајот се вратиле и му рекле на царот: „Ја смисливме речницата и таа гласи – ’И ова ќе помине‘.“…

Мајката никогаш толку спокојно, брз брзање не ги вртела шушкавите страници. Никогаш не му читала со таков таговен глас што напати го плашеше. И никогаш, ама никогаш во неговите 12 години не му читала толку тивко – небаре се плаши гласот да не ѝ излезе од клучалката во ходникот на замрената зграда. Но беше до него и на Детето само тоа му беше важно.

Сега ја подзаврти главата кон неа и кликна. Очудено ги гледаше малите белинки како танцуваат. Детето не можеше да ја слушне музиката од зад дебелото прозорско стакло. Ниту пак можеше надвор на улицата да види кој свири. Ама сигурно беше некој многу вешт музичар штом сите играа исто. И радосно.

Мајката благо му се насмевна. Таа ги познаваше неговите крикови. Беспогрешно ги разликуваше. Развлечените од досада. Стивнатите што личат на квичење на болно кутре поради здрвеноста на неговото телце. Високите тонови од изненаденост кога ќе ја видеше како свечено ја поставува масата за нив двајцата. Цикнувањето од восхит кога ќе го израдуваше со омиленото благо… Овој крик беше од радост. Радост што ја донесе снегот кој ненадејно почна да ги засипува на крајот од март. Бел снег што врне од небото за да ја потрупа црната чума.

Толку доцна… Откако се обезлуѓи целиот кварт. Дури сега, кога квечерум по улиците врти само зелениот камион. Секој ден доаѓа откај фонтаната тивко бучејќи и од него излегуваат луѓето со скафандери. Му ја полнат утробата со телата што нивните довчерашни блиски ги фрлаат по тротоарите под закрилата на ноќта. А потоа втрчуваат во своите студени станови и душмански се тријат со алкохол.

Претходните ноќи ги слушаше луѓето со скафандери како се качуваат тропотливо со своите скорни по мермерните скалила на старата зграда. Таму каде што немаше кој да им отвори, насилно влегуваа. Потоа шушливо ги пуштаа прскалките и од под старата врата навлегуваше смрдлива пареа.

Освен овие разиграни снегулки, Мајката и Детето до неодамна можеа да го гледаат само уште движењето на војниците. Кришум ги следеа од прозорчето на својата мансарда. Затскриени зад пердето, сами во својот дом, отсечени од својот град. Не сакаа да бидат забележани, да биде откриено нивното самотно присуство во опустениот свет. Дури и здивот го притајуваа додека ги гледаа војниците како чекорат меѓу зградите. Со пушки на готовс уплашено стиснати до колковите, претпазливо газеа нога пред нога и тревожно ги вртеа главите, да не им долета однекаде невидливиот непријател. Лево-десно, особено кога требаше да поминат покрај влезот во некое сокаче скриено меѓу старите згради, или да свртат на пустата раскрсница. Стрештено ги креваа главите кога од некој балкон ќе првнеа јато градски гулаби. И пак лево-десно, брзо, стрептосани од лаежот на некое прегладнето куче. Кутрите, си мислеше Мајката со солзи во очите, кутрите војничиња кои порано не се плашеле ни од свирежот на куршумите на стрелиштето ни од громорната бучава на силата на воените полигони…

Мајката ја преврти последната чинија врз мијалникот и уште пред да стигне да си ги забрише рацете, ја навјаса кашлицата. Ја мушна главата меѓу наборите на блузата во свитканиот лакот и долго, продолжително и остро кашлаше. Ја гребеа во грлото канџите на сите кокошки што ги имаше заклано за неделните ручеци во својата селска младост. Ја печеа по телото сите огнови над кои им ги држеше искубаните телца за да ги подгори и најситните влакненца и пердувчиња. Ја чопкаа ситно-ситно во градите нивните жолти онемени клунчиња пред да ги однесе во пространата кујна на татковиот дом, послана со груби камени плочки со зелена боја… Стежната колку од болката во градите толку и од спомените на тоа време, одвај смогна сили да ја наполни чашата и да подголтне малку вода.

Детето крикна. Остро, исплашено, со ококорени очи. Му мавна со раката: Не бој се, ете, само малку се закашлав… од водата… Се напи уште една голтка и со растреперени прсти ја остави чашата. Кроце дојде до него и трептежно се навали на инвалидската количка. Кутро, кутро мое детенце, му тепкаше милувајќи го по главчето. Само, самичко…

Надвор снегулките танцуваа. Спокоен, погребен  марш. Уште малку и ќе се стемни. А потоа ќе дојдат луѓето со скафандерите.

Сподели ја објавата на социјалните мрежи

Коментари

Very good post! We will be linking to this great content on our site. Keep up the good writing. http://healthsciencenews.com/__media__/js/netsoltrademark.php?d=giniloh.com

Soo Zehner

This blog was… how do you say it? Relevant!! Finally I have found something that helped me. Thank you! http://frankensister.com/__media__/js/netsoltrademark.php?d=giniloh.com

Isaiah Verbit

Priligy En Argentina Donde Comprar https://cheapcialisll.com/ - Cheap Cialis Buy Doxycycline Online Without Rx cialis daily Uk Express Pharmacy

Sulpima

First of all, we are speaking about two different things. They do not use straight betting with the NFL because of how lopsided some of the game can be. Look for bonuses that are realistic and not overly generous. https://aulasabiertas.congresos.unc.edu.ar/perfil/errorflute66

Kamala Trabazo

The title of the writer is Jere and he entirely digs that name. Her partner and her selected to reside in New Jersey but her partner wants them to transfer. Doing interior design is something she really enjoys doing. Hiring is how I assist my relatives and I don't assume I'll transform it at any time shortly. http://www.classifiedadsubmissionservice.com/classifieds/user/profile/83286

Horace Stottlar

Виолета, па ова прекрасно, ја имате ли книгата во Три?

Горица Попова

Напиши коментар *

Име *