ШЕСТ УТРИНСКИ НАВИКИ ШТО ЌЕ ВИ ГО ПРОМЕНАТ ЖИВОТОТ

 

Замислете си да се разбудите едно утро и вашиот живот – е просто променет? Што би било поинаку?

 

Сите ги посакуваме симболичните категории за убав живот: здравје, среќа, успех, радост, добро тело, енергија… Сите овие нешта бараат различен влог, а многу често некаде губиме од овие нешта, некаде добиваме. Животот го живееме брзо, во силно темпо, не застануваме, понекогаш забораваме дека треба правилно да дишеме и издишеме, да се радуваме на утрото што нѐ разденува.

Токму затоа, во оваа статија сакаме да ви препорачаме 6 техники со кои можете да се „спасите“ себеси, ако се обидете да ги практикувате барем 6 минути дневно. Според книгата на Хал Елрод, „Чудесното утро“, човекот има навистина полн потенцијал секое утро да открива неисцрпна внатрешна енергија. Треба само да се усвојат одредени навики што ќе ви одземат незначителни 6 минути од денот, а значително ќе ви го подобрат животот. Пристапот кон создавањето ритуал за секое утро – е ослободувачки.

Свесни дека времето секому му е драгоцено, а животот интензивен и полн со телесни и умствени барања и предизвици, ви ги претставуваме шесте „спасувачи на животот“ (SAVERS), како што ги нарекува Елрод, или шесте техники за подобар живот.

1.Tишина (Silence) – да ја слушнеш внатрешната тишина значи да станеш свесен дека светот е во силна врева, а ти си во мир со самиот себе. Медитација, молитва, гласот во нас е оној кој го буди духот. Оваа техника е поврзана со будењето на утрото во самите нас.

 

2.Потврдување (Affirmation) – да се видиш и себепотврдиш, дека си присутен, буден, разбуден. Да си кажеш позитивна мисла, да си испратиш внатрешна порака. Да се охрабриш.

 

3.Визуализација (Visualization) – кој сум јас? Кои се моите соништа и цели? Како да ги остварам? Едноставно, замислете се и видете се себеси такви какви што сакате да бидете. Без страв поставете си го тоа прашање, без очекувања во мигот. Едноставно, бидете.

 

4.Вежба (Exercise) – активирајте го телото, истегнете се. Ако практикувате јога, направете ја омилената вежба. Размислете за себе внатрешно, какво е вашето тело кога е раздвижено кон светот надвор.

 

5.Читање (Reading) – прочитајте неколку страници од омилената книга, статија од весник, песна, нешто што ќе ви го осветли утрото и ќе ве ослободи. Зборови на утеха, охрабрување, нешто што ќе ви го одржи духот силен.

6.Запишување (Scribing) – водете личен дневник, блог, ваша зачувана страна од размислувањето, а може да создадете дури и влог. Бележете ги идеите и целите за денот што стои пред вас, како и проблесоците од изминатиот ден.

 

 

Со овие шест дела од секојдневната рутина, вашата физичка, емоционална и духовна сила стануваат поголеми. Се работи за мал отсечок од вашето време кој може да ве одведе до вистинскиот начин на размислување за убав ден.

Затоа што секое утро кога се будиме здрави и живи – е навистина чудесно. Пробајте! Создајте го животот што заслужувате да го живеете и помогнете им на други луѓе да го направат истото.

 

Сподели ја објавата на социјалните мрежи

Коментари

Напиши коментар *

Име *