Фестивал на европска литература ЕВРОПСКИ ПРИКАЗНИ – Приказни вредни за раскажување

24.09.2019

  Најдоброто од „Европски приказни“ го оставивме за крај – од 25 до 27 септември, во Јавна соба, го одржуваме Фестивалот посветен на оригиналната едиција на книги која донесе вистинска свежина на нашата книжевна сцена. Гостување на две големи авторски имиња, изложба на дизајнерски решенија на корици, предавања, дискусии и работилници посветени на книжевниот превод ќе бидат во центарот на случувањата на „ЕВРОПСКИ ПРИКАЗНИ – приказни вредни за раскажување“ – фестивал преку кој ќе се потрудиме да ви го доближиме најдоброто од европската литература и да ви понудиме поинакво книжевно искуство. Препознатлив со внимателниот избор на наслови, врвниот превод, оригиналниот дизајн и реализација, со честите гостувања на автори, како и со сопствениот информативен блог-канал (prikazni.mk) – овој проект, со помош на програмата „Креaтивна Европа“ на Европската Унија и Министерството за култура, воведува нови практики и поставува повисоки стандарди во издаваштвото во нашата држава, со кои се задоволуваат очекувањата на љубопитната публика и се привлекуваат нови читатели. Проектот го заокружуваме со ТРИ централни фестивалски настани: – 25.09. (среда), 20 часот – Изложба на сите графички решенија за објавените книги и запознавање со актуелните имиња на уметничко-дизајнерската сцена. – 26.09. (четврток), 19.30 часот – Гостување на АФОНСО КРУШ и промоција на неговиот роман „Да купиме поет“. Промотори: Владимир Мартиновски, Наташа Сарџоска (преведувач). – 27.09. (петок), 19.30 часот – Гостување на КАЛИЈА ПАПАДАКИ и промоција на нејзиниот роман „Снегулки“ (добитник на Европската награда за литература). Промотори: Елизабета Баковска, Емилија Мајсторова-Стојановска (преведувач). Дополнителни настани – Работилница за превод и толкување со Наташа Сарџоска, на 26.09. – Работилница за превод и толкување од француски јазик во соработка со проф. д-р Ирина Бабамова, на 27.09. *Настаните се посветени на книжевниот превод, спецификите и предизвиците во преведувањето на книжевни дела на македонски јазик и се насочени кон преведувачката заедница, јазичните редактори, уредниците, како и сите заинтересирани за оваа професија.