Јувал Ноа Харари за ковид-19: „Вирусот не е најголемата опасност“

 

 

Кризата може да биде пресвртна точка за општеството. По кој пат ќе се движиме сега? Професорот Јувал Ноа Харари, чијашто компанија донираше 1 милион долари на Светската здравствена организација, објаснува како одлуките што ги носиме денес за ковид-19 ќе ја сменат нашата иднина.

 

Професоре Харари, се наоѓаме среде глобална пандемија. Што најмногу ве загрижува во однос на тоа како се менува светот?

– Мислам дека вирусот не е најголемата опасност. Човештвото ги има сите научни сознанија и технолошки алатки за негово совладување. Вистинскиот проблем се нашите внатрешни демони, нашата омраза, алчноста и незнаењето. Се плашам дека луѓето на оваа криза не реагираат со глобална солидарност, туку со омраза, обвинувајќи ги другите земји, етничките и верските малцинства.

Но се надевам дека ќе успееме да развиеме сочувство, а не омраза, да реагираме со глобална солидарност, која ќе ја развие нашата великодушност да им помогнеме на луѓето на кои тоа им е потребно. И дека ќе ја развиваме својата способност за распознавање на вистината, а не да веруваме во сите тие теории на заговор. Ако го сториме тоа, не се сомневам дека можеме лесно да ја совладаме оваа криза.

Како што кажавте, соочени сме со изборот меѓу тоталитарниот надзор и моќта на граѓаните. Ако не сме внимателни, епидемијата би можела да биде пресвртница во историјата на надзорот. Но како можам да бидам внимателен со нешто што е надвор од мојата контрола?

– Тоа не е целосно надвор од вашата контрола, барем не во демократијата. Гласате за одредени политичари и партии кои го прават тоа. На тој начин имате одредена контрола над политичкиот состав. Дури и ако сега нема избори, политичарите и понатаму реагираат на притисокот на јавноста.

Ако јавноста се плаши од епидемијата и сака водството да го преземе силен лидер, тогаш ова му олеснува на диктаторот да ја преземе власта. Од друга страна, ако имате отпор од јавноста кога лидерот ќе отиде предалеку, тоа може да ги сопре и најопасните настани.

Како можам да знам кому или во што да верувам?

– Првенствено го имате претходното искуство. Ако имате политичари кои ве лажат веќе неколку години, тогаш имате и помалку причини да им верувате во оваа вонредна ситуација. Понатаму, можете да поставувате прашања за теориите за кои ви зборуваат луѓето. Ако некој ви изнесе некоја теорија на заговор за потеклото и ширењето на корона-вирусот, замолете го да ви објасни што е вирусот и како предизвикува болест. Ако не знае да ви одговори на тие прашања, тоа значи дека нема основни познавања, па според тоа не верувајте и во ништо друго што ви кажува за епидемијата на корона-вирусот. Не ви треба докторат по биологија, ви треба основно познавање на сите овие работи.

Последниве години видовме разни популистички политичари кои ја напаѓаат науката прикажувајќи ги научниците како некаква елита одвоена од народот и тврдејќи дека климатските промени се само измама. На тие луѓе не треба да им верувате. Во овие кризни моменти во целиот свет гледаме дека луѓето веруваат во науката повеќе отколку во што било друго.

Се надевам дека на тоа ќе се сеќаваме и после оваа криза. Да се погрижиме на учениците во училиштата да им дадеме добро образование, научно објаснување за вирусите и теоријата на еволуција. Исто така, кога научниците ќе нѐ предупредат за некои други работи, освен за епидемија, како климатските промени и еколошкиот колапс, нивните предупредувања треба да ги сфаќаме исто толку сериозно колку што е денес случајот со корона-вирусот.

Многу земји користат механизам на дигитално следење за да го спречат ширењето на вирусот. Како да се контролираат тие механизми?

– Кога ќе го зголемите надзорот на граѓаните, тоа секогаш треба да оди рака подрака со засилен надзор на владата. За време на оваа криза владите лесно трошат пари. Во Соединетите Држави две милијарди долари, во Германија стотина милијарди евра и така натаму. Како граѓанин, сакам да знам кој ги носи одлуките и каде завршуваат тие пари. Се користат ли за спасување на големите корпорации кои западнале во проблеми и пред епидемијата поради погрешни одлуки на своите менаџери? Или се користат за помош на малите претпријатија, ресторани, продавници и слични објекти на кои во оваа ситуација им е потребна помош?

Ако владата толку сака голем надзор, тогаш тоj треба да биде обостран. Ако владата каже „ама тоа е премногу комплицирано, не можеме едноставно да ги отвориме сите финансиски трансакции“, тогаш кажете „не, не е премногу комплицирано, исто како што воспоставивте огромен систем за следење за да видите каде одам секој ден, можете да воспоставите и систем кој покажува што правите со парите на даночните обврзници“.

Тоа функционира така што моќта се распределува на повеќемина не дозволувајќи да се концентрира кај една личност или една власт?

– Токму така. Една од идеите што се разгледува е дека сакате да ги предупредите луѓето кои се наоѓале во близина на заразен со корона-вирусот. Постојат два начина: едниот е да имате централна власт која собира податоци за вас, а потоа открива дека сте биле во близина на некој кој има ковид-19 и ве предупредува, а другиот метод е телефоните директно да комуницираат еден со друг, без никакво посредно тело кое ги собира сите тие информации. Ако поминам близу некој што има ковид-19, нашите два телефона меѓусебно ќе си разменат информации и јас потоа добивам предупредување. Во тој случај ниту едно централно тело не ги собира тие податоци и не ги следи нашите уреди.

Можните системи за следење на моменталната криза одат чекор потаму, според она што вие би го нарекле поткожно следење. На тој начин кожата, како недопирлива површина на нашите тела, пука. Како можеме да го контролираме тоа?

– Би требало да бидеме многу, многу внимателни. Следењето преку кожата надгледува што правите во надворешниот свет, каде одите, кого сретнувате, што гледате на телевизија или кои веб-страници ги посетувате на Интернет. Не влегуваат во вашето тело. Додека слдењето под кожата следи што се случува во вашето тело. Почнува со работи како температура, но може да помине и на вашиот крвен притисок, на отчукувањето на срцето, на мозочните активности. А со тоа можете да дознаете многу повеќе за луѓето од кога било претходно.

Можете да создадете тоталитарен режим кој никогаш претходно не постоел. Ако знаете што читам или што гледам на телевизија, тоа ви дава некаква претстава за моите уметнички вкусови, моите политички погледи, мојот карактер. Сега замислете дека, всушност, можете да ја следите мојата телесна температура или крвниот притисок и отчукувањата на срцето додека читам некој напис или додека гледам некоја програма на Интернет или на телевизија. Тогаш можете да знаете што чувствувам во секој момент, а тоа би можело да доведе до создавање дистописки тоталитарен режим. Тоа не е неизбежна ситуација, бидејќи сѐ уште можеме да спречиме да се случи. А за да ја спречиме, мораме да бидеме свесни за опасноста и да бидеме внимателни што дозволуваме во овој итен случај.

Ве тера ли оваа криза да ја смените сопствената слика за човештвото во 21 век?

– Не знаеме, бидејќи тоа зависи од одлуките што ги носиме сега. Опасноста од „бескорисната класа“, всушност, драматично се зголемува поради моменталната економска криза. Сега гледаме зголемување на автоматизацијата. Роботите и компјутерите ги заменуваат луѓето на сѐ поголем број работни места, бидејќи луѓето се затворени во своите домови, а за разлика од луѓето, роботите не можат да се заразат. Можеме да видиме дека некои држави ќе се одлучат да вратат некои индустрии во своите земји, наместо да се потпираат на фабриките на друго место. Тоа би можело да се случи и поради автоматизацијата и деглобализацијата, особено во земјите во развој кои се потпираат на евтина работна сила, каде одеднаш постои огромна „бескорисна класа“ на луѓе кои ги загубиле своите работни места затоа што тие се автоматизирани или преместени.

Сето тоа може да се случи и во богатите земји. Оваа криза предизвикува огромни промени на пазарот на трудот бидејќи сега луѓето работат од дома, преку Интернет. Ако не сме внимателни, тоа би можело да резултира со колапс во организирањето на работната сила, барем во некои сектори на индустријата. Меѓутоа ни ова не е неизбежно, тоа е политичка одлука. Можеме да донесеме одлука за заштита на правата на работниците во нашата земја или низ светот во оваа ситуација. Владите даваат поддршка за индустриите и корпорациите. Тие можат да гарантираат и заштита на правата на работниците. Значи, се работи за одлуките што ги носиме.

Што би рекле идните историчари во овој момент?

– Мислам дека идните историчари во ова ќе видат пресвртница за 21 век. Но на која страна ќе се свртиме, зависи од нашите одлуки. Уште не е одлучено.

 

Преземено од „Дојче веле“

Сподели ја објавата на социјалните мрежи

Коментари

Напиши коментар *

Име *