НАСКОРО ВО ТРИ – „ФАКТОЛОГИЈА“

 

Десет причини зошто погрешно го гледаме светот – и зошто сѐ е многу подобро отколку што си замислуваме

Книгата на Ханс Рослинг „Фактологија“ е објавена постхумно, со помош на неговиот син Ула Рослинг и Ана Рослинг Ренлунд. За кусо време стана бестселер, претставувајќи ни го светот во кој живееме како многу подобро место за живеење отколку што си го создаваме во своите глави. Наскоро достапна на македонски јазик, во издание на TРИ!

Со оглед на огромното количество достапни податоци за речиси сѐ, колку мислите дека знаете за глобалните трендови? Дали мислите, на пример, дека просечниот животен век на човекот изнесува 40, 50 или 70 години? Колку девојчиња завршуваат основно училиште во земјите со ниски приходи – 20, 40 или 60 проценти? Што би одговориле?

Главната поента на книгата „Фактологија“ е да ги објасни огромните противречности меѓу она што луѓето мислат дека се случува и реалната состојба. Користејќи цврсти факти, Рослинг, исто така, сака да укаже дека наспроти популарното мислење, светот е во подобра состојба од кога било порано во историјата и дека постојано се подобрува. Со помош на истражувачките графикони, тој ја претставува воочливата човечка игнорантност и незнаење. На пример, само девет насто од британските испитаници имаат точен одговор на прашањето околу сиромаштијата во светот, додека шведските се нешто подобри – речиси 25 % од анкетираните дале точен одговор.
Зошто навидум добро образовани луѓе, академици, професионалци од сите области и националности даваат погрешни одговори? Можеби поради фактот дека луѓето често се „држат“ до она што го научиле во училиште или се подложни на песимистичките сценарија кои ги пласираат медиумите.

Бил Гејтс за „Фактологија“ ќе рече: „Ова е една од најважните книги што сум ги прочитал во животот, незаменлив водич за јасно гледање на светот“.

Кога авторот поставувал наједноставни прашања околу процентот на светската популација која живее во сиромаштија или зошто расте бројот на луѓе во светот, систематски добивал погрешни одговори од професори, новинари, нобеловци и инвестициски банкари. Излегува дека тестираните шимпанза кои по чиста случајност бирале од понудените одговори имале далеку подобри резултати.

За да се објасни овој тип на размислување, авторот во „Фактологија“ укажува на десетте инстинкти кои ни го искривуваат погледот на светот, од нашите склоности да се делиме во два табора („ние“ и „тие“), преку начинот на кој ги користиме содржините што ни се пласираат преку медиумите (потпирајќи се на своите стравови), до тоа како го сфаќаме напредокот (при што во голема мера веруваме дека нештата стануваат сѐ полоши и полоши).
Светот, и покрај својата несовршеност, е во многу подобра состојба одошто мислиме. Инспиративна, просветлувачка и полна со анегдоти и трогателни приказни, „Фактологија“ е суштински важна книга која го менува начинот на кој ги гледаме нештата околу себе и ни овозможува да реагираме исправно во идните мигови на кризни или добри времиња.

 

„Книгата покажува дека имаме многу голем потенцијал за напредок, ако се потпреме на фактите, а не на нашите вродени предрасуди.“ – „Нејчер“

„Рослинг докажува дека при процената на светот се водиме најмногу од чувствата, а најмалку од размислувањето.“ – „Бизнис инсајдер“

„Буклист“ за „Фактологија“ вели: „Напишана со едноставен, обичен јазик, оваа книга на Рослинг ги идентификува причините зошто многу луѓе имаат толку погрешна претстава за светот“.

Сподели ја објавата на социјалните мрежи

Коментари

Напиши коментар *

Име *