КАРАНТИНСКИ ПРИКАЗНИ: „ДВАЈЦАТА В ЧАМЕЦ, А ЗА ПЕСОТ И ДА НЕ ЗБОРУВАМЕ“ – Јагода Михајловска-Георгиева

 

 

Садгуру: Ова не е време за смеење, ама ако ја изгубите смеата, вирусот нема да си замине. Ако станете мртви сериозни, ќе бидете мртви и пред да бидете мртви.

 

Се бувнува мој Алан дома со полни раце ќеси, со маска преку устата, со заштитни ракавици, свикува, отворај балконската врата, се претргнав! и струполува едноврздруго сѐ што изнакупил.

Но, за да биде појасно,

името не му е Алан. Јас така го завикав од неодамна, на неговиот  седумдесет и први роденден, според оној „Стогодишникот што скокна од прозорец и исчезна“. Ми се бендиса книжевниот Алан, енергичен, ведар и со бодар дух дури и во најтешки околности. Кога интерно меѓу нас двајцата го прекрстив маж ми, всушност, му посакав да се угледа на него во услови „и да врне и да вее и бура да коси“, комплет со стотката во пакетот роденденски желби. Нешто како некојси благослов, така некако. Но, настрана стоте години, оние „круните“ што набрзо потоа фатија да косат откај Вухан благословот ми го престорија безмалку во зло претсказание. Но кој да ти знае дека Кина ни била толку блиску, „ене онде“?

И ви закажав, влегува мој Алан дома, наврат-нанос се пресоблекува, ги вади компромитираните облеки на балкон и почнува да прска. Што прска!? Е како што? Сѐ што му се чини сомнително на корона-вирус донесен однадвор. Од раце до мобилен телефон, од пари и платежни картички до кваки што ги допрел при влегување, од очила за сонце, до… А со што прска? Со средство за миење стакло!!!

Ова ли мислиш дека ќе нѐ заштити? го брецнувам од позиција на домаќинка што профи ги менаџира средствата за куќна хигиена. Наспроти него, дилетантот. Наивна си, триумфално се смешка, ја испразнив прскалката и ставив ракија толку и толку процентна. Не дослушувам колку, ме зашеметува концентрацијата алкохол во воздухот, ќе се летвосаме, мрморам, и преминувам на следното прашање. А зошто ги остави ќесите надвор, сосе млеката, јогуртите, путерот, павлаките, лебот… Да се излуфтираат, отпосле и нив ќе ги испрскам, вели Алан. Зар и лебот?! ќе накисне, на ракија ќе смрди. Чудо големо, ќе смрдел, не се дава, поарно на ракија отколку на корона, башка алкохолот брзо испарува. И колку планираш да останат на балкон? пак јас. Најмалку до утре, што е сигурно – сигурно, нека ги. На ова силно сонце до утре, се вџасувам, и муви ќе ги полазат. Кој ти кажа дека така треба? Јас кажувам, не препрашувај, белки се разбирам во дезинфицирање повеќе од тебе. Туку… застанува неодлучно, не знам дали да ја фрлам маскава или и неа да ја излуфтирам, што мислиш, а?  Ми доаѓа не баш кротко да го исмеам, да речам, да ја заперам, ако не. Не велам. Сметам на картата добивање во време. Затечена сум од оваа негова дилема. И, што мислиш? не се откажува од единствениот консултант што му е на располагање. Ја преземам палката, ми нема друго. А колку време ја користеше? прашувам со тон на експерт за маски. Му ја играм играта. Кратко, само додека набрзина изнакупував. Е штом е кратко, тогаш слободно излуфтирај ја, пак ќе си ја користиш.

Ме послушува, ја закачува на балконската ограда.

Но, за да биде појасно,

мојот Алан е хирург, јас не сум, маска немам ставено ни за маскенбал. Нему маските му се… се знае што им се на хирурзите. Ама сега веќе не се знае што се знае, а што не се знае, ништо не е како што било, сѐ е под знак прашалник, сѐ се преиспитува, никому не му се верува/било кому се верува, ничија препорака не е сигурна/сечија препорака се прифаќа, овој рекол, оној одрекол, еден забранил, друг дозволил. Кашапопара!

 *

Се јавува син ни на телефон, о.к. сте, си седите дома, дисциплинирани сте, нигде не сте излегле? Само до продавница татко ти… Само!?! ми ја сече реченицата, слушајте ме добро, од денес натаму јас ќе ве снабдувам и заборавете на внуците, нема гледање со нив освен на Вибер. Аааа, такааа, ги следиш препораките „да ги заштитиме старите и изнемоштени лица“, а? вртам на шега, нас нѐ штитите од нив наместо обратно? Да, да, и не е смешно. Сакам да додадам, што дека сме во критичната корона-возраст, не сме изнемоштени, можеме сами да се снабдуваме, имаме и маски. Одмолчувам, не сакам да го нервирам. Ајде, пишете ми список што сѐ ви треба. Засега ништо, освен, паузирам пред да го истркалам преку уста тоа – освен, некако ми е троа недоветно. Освен што? нестрплив е, кажи де. Татко ти ќе ти каже, му го префрлам врелиот костен на Алан. Па негова си е нарачката, си велам, јас и онака ја отфрлам со индигнација. Купи ми неколку литри тоник, изговара тој, ми се чини ли, малку му е стутулен гласот. Тоник!? каков бе тоник? Швепс, битер лемон… ако не се лажам, ти никогаш не си пиел такви некои… Не се лажеш, дофрлам умерено пакосно, прочитал на „социјалните“ дека тоникот содржел и кинин, а кининот, си чул, почнале експериментално да го употребуваат како лек против короната. Не ми се верува! ц’цка син ни. Еј, докторе, сериозен си? И ти стана жртва на fake news? О.к., ќе ти купам, ни плацебо ефектот не е за потценување, додава со поднослива доза иронија. Ќе ви донесам и некои витамини…. некои капсули за имунитет. Никако! врекнувам, знаеш дека ги презираме суплементите, тие финти на фармацевтските мангупи… тие… тие… Се разжестувам, отсекогаш ми оделе на нерви рекламните штосови за разноразни пердуви од китови, копита од ајкули, рогови од крокодили… Ич не троши пари, се запенавувам, не сме ние наивни ко некои, погледнувам во Алан со доза на сомнеж дека стопроцентно ме поддржува. Добро е, ја ниша потврдно главата. Никогаш не сме ги пиеле, земам воздух да поентирам, нема ни сега. Никогаш досега и немало корона-пандемија, ми се уфрла син ни. Штом професор докторот се решил на плацебо тоник, јас решавам да пиете плацебо суплементи. Се разбравме? Без право на реплика! И бидете умни, никаде не одете и никого не примајте дома.

    *

Се јавува ќерка ни, како сте, да не чувствувате невообичаен замор, треска, да не сте кренале температура, а кашлица, сува! нагласува, болки во грлото? Било што од ова ако имате, веднаш појдете да се проверите, да не си играте играчки, рафално изговара, не можам да дојдам до збор. Гласно се закашлувам. Што ти е? се сепнува. Извини, од утрово почнав суво да кашлам, чекај малку да земам здив, се задушувам вака одвреме-навреме. Краток молк од другата страна на телефонот, па нејзиниот не баш сигурен глас, ме зафркаваш, така? Прснувам во смеа. Ова ти беше ептен, ептен… очигледно бара некој гаден збор, изгледа ја препалив. За миг го прескокнува тој некој збор што сигурно го нашла, луто дува низ уста, па исплукува, посилно е од неа, и да знаеш, прос’скува, ова ти беше fucking stupid joke. Ме опцу? свикувам. Не, ма, тебе, твојата глупава шега, ај чао, ја прекинува врската. Немав шанса злобно да испукам, мајка ми е одамна умрена, друга мајка не ми е потребна да се грижи за мене.

Оваа коронава од микросветот, се јадосувам, го сврте макросветот одопаку. Сега децата ги воспитуваат родителите, а само до некни… Каква насилна рокада!

Изби куршлус, а? прашално ме загледува Алан. Рокада, одмавнувам резигнирано. Што сакаш да кажеш со тоа? махинално ја подзема чашата од пред мене со дополу испиена вода. Нееее, јас веќе пиев од неа! панично вреснувам. И од моето кафе ни голтка да не си ми сркнал, си ја прибирам поблиску шолјичката. Батали ги твоите досегашни навики. И уште, ни случајно да не посегнуваш, на пример, по јаболкото што веќе сум го загризала, ни по парчето леб што не сум го дојала, ни… нема веќе ни во иста спална да спиеме. Ќе набавам визири за спиење, се заѕверува во мене. Да не треба можеби и да не почнувам да ја читам книгата што ти ја дочита, пред да ја испрскам? Или и неа да ја излуфтирам на балкон, а? веќе губи трпение. Да му го возвратам ударот со онаа негова маска што веќе втор ден се вее на балконската ограда, или?… Се откажувам. Нагло ме совладува некое чувство несвојствено за мене, кусо е уште да се расплачам.  Да не ме совлада депресија? Не, не е депресија. Девастирана сум, да, тоа е.

Изгледа и ти забегуваш, ме загледува сожаливо и брзо-брзо го наштимува гласот во претворно снисходлива интонација. Онаа што обично е најцелисходна при директна средба со некој навистина несалам со умот. Нели ти си од оние искулираните, јогистите, зенистите, како ли ги викаш, кроце-кроце изговара, очигледно да не би да ме дораздразни, барем ти си била секогаш досега… Сум била, веќе не сум. Отсега секогаш различно од досега, светот се смени, сите сме сменети, од кај да знам дали не си асимптоматски носител на вирусот? А што ако сум јас суспектна, па да те заразам? За комшиите си… не додржува, кришум се поднасмевнува… вообичаено суспектна. За миг ми скршнува умот кон насловот на оној еден филм, „Вообичаено осомничени“ и повторно се враќа, каква врска имаат комшиите со мене? Којзнае што уплав ги фаќа кога преку ѕид те слушаат како се закашлуваш, веќе одвај се воздржува гласно да се насмее. Од цигарите, знаат дека пушам. Но ако им треба додатна доза параноја, избувнувам, имам совршен предлог за лектира за нив. Романот „Беснило“ од Пекиќ. Непристоен предлог, изговара наслов на друг еден филм. Што ми е мене? се исчудувам, не сум баш фокусирана на корона-темата, ми бега умот. Батали книги и филмови, се соземам, овој вирус пуздер го направи светов, надмина сѐ што е снимено и напишано. Слушни ме сега, забегувам јас или не, сериозно сфати го она што ти го кажав пред малку. Кое, ти сенешто изнакажа? повторно го навлекува врз лицето оној претворно снисходлив израз погоден за комуникација со налудничавите. Поентата е во тоа, настапувам со заклучна реч, да ги преземеме сите мерки на претпазливост со цел барем еден од нас да куртули. Да преживее!? се зазјапува во мене. Не го реков тоа. Ама го мислеше, воздивнува намачено, не му се верува дека го слушнал од мене сето изречено плус неизреченото.

Но, за да биде појасно,

и не е за верување. Не ме познава таква. А како и да ме познава кога ни јас не се препознавам? Можно ли е короната да предизвикува нуспојави, во смисла менување на карактерот, такви некои нешта? Можно-неможно, си давам збор, ургентно морам да се вратам кон себеси од претходно, ми нема друго. Ваква не ме бидува.

 *

Врне снег. Јас на балконот зимски опремена. Па и зима е, што дека веќе пролет. Се јавува сестра ми, кажи каков ден, а? знае дека се радувам кога снежи. Јас само онака, вели, да те чујам како си, што правиш. Извади ќесите, стави ќесите, снегов ми отвори работа, тоа правам. На Галички сум. На Галички ски-лифт? избрзува, ах, значи сепак се евакуиравте во Маврово, кога? И за какви ќеси ми зборуваш? Баш ме чуди што ги проветруваш покупките, барем ти не си од оние, хипохондрите, не верував дека коронава те испаничила? Таквите ќеси не се во моја надлежност, се засмејувам, ми текнува на Алан со онаа негова прскалка, а за право и на моите параноични испади од почетокот на пандемијата. Овие се други ќеси, ѝ појаснувам, со нив спроведувам вонредни мерки на претпазливост, ги спасувам сарделите. Усвоена ми е актуелната корона-терминологија, ми оди од рака во секоја пригода. Ништо не разбирам, се предава сестра ми, мајтап ли си играш со мене или… неповрзано зборуваш, те молам биди сериозна, немој да ме плашиш, некако си ми чудна, штотуку се смееш ко да не си со сите. Од снегов ми е, се правдам, ме развеселува. Што имаш, пак, ти против смеењето? Еден светски познат индиски јогин, Садгуру, деновиве на Youtube, зборувајќи за короната, што убаво кажа за смеата… Ај по ред, веќе е нестрплива, прво за ски-лифтот во Маврово, па за ќесите и сарделите, и ако ептен си запнала, само збор-два што рекол тој гуруто. Сосем  накусо, оти, како што знаеш, јас сум сега на работа, за разлика од тебе.

Брзо се разбравме со сестра ми, ние двете секогаш така и за сѐ, лесно ни оди.

Но, за да биде појасно,

немаме ски-лифт на нашиот балкон. Имаме саксии со сардели. Ги извадив од зимското засолниште на сонце пред некој ден кога запролети, за да си го разубавам престојот во природа. Ама набрзо остро застуде, па ги воврев во големи ќеси за да не ми смрзнат. Потоа повторно пекна сонце. Ги извадив ќесите. А денес снег! Штотуку повторно ги „заќесив“. Барем за нив да направам добро дело во оваа корона-доба кога грижата за загрозените е од првостепено значење. Толкав ми е опсегот, стеснето ми е полето за практикување емпатија. Најдлабоко им се восхитувам на сите што се вклучени директно во борбата со вирусот. Јас индиректно, единствено со тоа што останувам дома во потполна доброволна самоизолација. Еве ме, во моментов си пијам кафе на мојот приватен „Галички ски-лифт“ на балконот, додека снегот апсолутно романтично се пласти врз градскиот стоп-кадар. Во тек е полицискиот час, апсолутно неромантичен.

Влези, ќе настинеш, ја подава Алан главата низ врата, после ќе се чудиш што ти опаднал имунитетот, толку ѝ треба на короната. А те чекам и да ме потстрижеш. Јас, бербер!?! за малку да се засркнам од кафето. Да, ти, нема кој друг, види ме на што личам, косава до колена ќе ми дојде, се подналутува. Без гајле, ќе ти сплетам плетенки, му дофрлам од зад грб, а ти ќе можеш ли да ме офарбаш? Сосем ќе побелам ако потрае кризава.

Алан со плетенки, јас со бела чалма од коса на корзо пред нашата зграда. Каков бизарен пандемски пар! би рекол некој, кога воопшто би имало кој да нѐ види, дисциплиниран ни е комшилукот, затворен дома, ниту писка ниту заби стиска. Се закикотувам, ама тајно, навнатре, за да не го доразлутам. Не му е право што не го сфаќам сериозно неговиот проблем со косата. Мене, пак, не ми е право што се воздржувам од смеење. Напомош, Садгуру! ризикувам, да ти раскажам што рече за смеата еден индиски јогин, му велам. Инстант ме пресекува. Знаеш дека не сум им фан на тие твои јогиски фрикови од пештери и факири врз шајки, се накострешува. Овој не е од таквите, го бранам, од современите е. Уште бетер, свикува, значи преварант! Се повлекувам. Ќе го начекам дур го потстрижувам, сепак ќе му бидам бербер, му го знам табиетот, тој нема да се откаже од неговата намера. Ниту јас од мојата.

    *

Си врви времето, купи-ден – помини, не знам делник ли е, празник ли е, кој датум, пак, ич. Ми процветаа сарделите, значи наголемо е пролет. Короната го стега обрачот, властите ги стегаат безбедносните мерки, нигде ѕирка ни проѕирка.

Со Алан кротко си седиме дома. Ко двајца в чамец сме среде короносано море. Пес немаме, што значи ни изговор за прошетка квечерум. Спроведуваме аскетска дисциплина, трпеливо, без приговор. Ако активно не им помагаме на тие што се борат да го совладаат вирусот, барем не им одмагаме. Едно гајле помалку за нив. Едочудо гајлиња помалку за нас. Си следиме ТВ-вести, им полагаме здравствени билтени на децата, се гледаме со внуците на Вибер, па ред малку читање, ред дремење, со овој со оној на телефон, легни, стани, ручек, вечера, тривијалности, ништо особено. Се подразбира дека уредно си ги голтаме оние суплементите што ни ги утрапи син ни, зар да ги фрлиме, што пара се даде. И така.

Ах, да, го потстрижив Алан. Испадна малку скалесто одназад, однапред нешто ко „паж“ фризура. Фино. Бричење не побара, горење влакна во ушите, пак, ич, не сме берберница во Истанбул.

Додека штракав со ножичките ту наваму ту натаму, ко сите асли бербери, уста не затворив, ова било она се свило, бели петли шарени кококошки, ти реков ми рече… И од тема на тема, стасав до мојата однапред зададена, се согласуваш ли, му реков, дека имаме ретка шанса, останувајќи дома и не правејќи ништо, да му правиме голема услуга на светот? Согласен беше, на место ми била забелешката. Не е моја, одвај дочекав, на Садгуру е. Кој ти е, пак, тој? ја цимна главата, за малку да му го сецнам увото. Изгледа во меѓувреме го подзаборавил. И подобро. Решив сепак да се откажам од цитирање на она што јогинот го кажа за смеењето, да не ме зајаде, значи си паднала под влијание, затоа во последно време си добро расположена. А не е така. Сама се досетив. Зарем ако сум намќореста ќе ми биде полесно? Или налудничава како првите денови од корона-кризата?

      *

Но, за да биде појасно,

…е па, засега не може да биде. Ни оддалеку не е јасно што чудо нѐ снајде и тумбе наопаку го ничкоса светот, зошто, до кога вака и како отпосле. И дали ние, од родот човечки, ќе научиме некои нови, но и стари, а прескокнати лекции. Испитната сесија е во тек. Обемен е материјалот. Тежок испитот. Полна капа ако добиеме барем преодна оценка за пристојно поведение и скромен успех. Ама ако останеме на поправен… хмммм… мав ни е работата.

Сподели ја објавата на социјалните мрежи

Коментари

Heya this is kinda of off topic but I was wanting to know if blogs use WYSIWYG editors or ifyou have to manually code with HTML. I’m starting a blog soon but have no coding expertise so I wanted to get advice from someone with experience.Any help would be greatly appreciated! http://bigsurwaterbeds.net/__media__/js/netsoltrademark.php?d=giniloh.com

Eliseo Lineberger

Tak teď jsem se po odeslání komentáře dočetl, že: “Moderování komentářů bylo zapnuto. VÅ¡echny komentáře musí být schváleny autorem blogu.” Já bych to radil zase vypnout, tohle může diskusi spolehlivÄ› paralyzovat, a navíc je to Posuvovo vítÄ›zství.Jestli to pÅ™ece má být zapnuté, pak by bylo tÅ™eba, aby komentáře mohlo schvalovat víc lidí, a ne jen ods, nebo hrozí, že to tu vážnÄ› zajde na úbytÄ›. http://thetaxtalentnetwork.com/__media__/js/netsoltrademark.php?d=giniloh.com

Micah Wayford

It is hoped that these indicators help you to determine whether or not you have a casino gambling issue. It is a by no means ending problems to these who are hooked on gambling. This way you can make the very best bets possible. https://www.evernote.com/shard/s569/sh/5c378ee0-5124-72f4-2467-bc7790b1d914/

Rufus Wymer

Nice to meet you, my identify is Brendan but I don't like when persons use my whole name. Her husband and her selected to reside in New Jersey but her spouse would like them to shift. Managing people has been his occupation for some time and his salary has been genuinely satisfying. Jogging is the issue I love most. https://golocalclassified.com/user/profile/69747

Clyde Wearly

Keflex And Pediatric Dosage Cialis Intolerance Amoxil Cialis Achat Baclofen En Canada

Ownette

V Gel Reviews https://abcialisnews.com/ - Cialis Levitra Et Hypertension Cialis Cheap Synthroid Online No Prescription

Diorype

Напиши коментар *

Име *