КАРАНТИНСКИ ПРИКАЗНИ: „10 МИНУТИ“ – Александра Шаровиќ А.

 

 

Го одложувам алармот на уште 10 минути, сакајќи да го продолжам сонот. Ќе ми бидат ли доволни, помислувам. Колку далеку од реалноста можам да отпатувам за 10 минути? Ги затворам силно капаците на очите како да се ќепенци на прозорци низ кои сонцето итро пробува да го протне својот зрак. Мешавина на темни точки, кои го обележуваат отсуството на светлина, ми играат пред ширум затворените очи. Будна сум, но очајно се држам за делчиња сон кои како избркани гости ја напуштаат забавата.

Уште 9 минути.

Времето истекува. Панично мислам каде да фатам, на која страна. Замижувам уште поцврсто. Техники на медитација ми проаѓаат низ главата како сигурен пат до смирен ум кој би запловил во непознатото. Вешто ја избегнувам реалноста, но  не сум сигурна зошто. Знам само дека сонот ми дава спокој, поради што развив зависност во последните месец и половина. Ќе отпатувам некаде. Ќе се вратам на места во кои сум била и каде Јас сум Јас – без стеги и стравови.

Лондон. Воздухот таму е поинаков. Таму дишам слобода и креативност. Ќе го постелам својот беж мантил на беспрекорната зелена трева во паркот Сент Џејмс и ќе легнам. Ќе бројам верверички, ќе слушам природа помешана со разулавеност од градот. Ќе се возам во круг со метро и ќе се огледувам во ликовите на случајните сопатници.

Ги чувствувам трепките како ми се закопуваат во лице од силното мижење.

8 минути.

Лондон почнува да станува спарен. Натежнуваат облаците. Бегам оттука како дива лондонска верверичка. Се селам во Норвешка, да вдишам од нивната „ледина“. Мразулци во мозоков да наредам како сталактити во пештера… да не мисли, да се исклучи за момент. Да нурнам длабоко во морските црнила покрај фјордовите. Да се изгубам во седумте планини на Берген.

Скришум, како дете, отворам око да проверам каде сум.

7 минути.

Во спалната е тивко. Како да пропаѓам под водите на Северното Море. Ни шум, ни глас. Децата сѐ уште спијат. Ќе отпатувам со нив во Тоскана. Ќе го исклучиме ГПС-от и ќе лутаме по споредните патчиња на малите селца, како во книга на Колоди. Да ги најдеме сите 5 жители, да позборуваме на лош италијански, да се давиме во тартуфи и паста. Елени и диви свињи да ни се единствените комшии, портокали и вино единствениот пијалак, а звукот на штурците, симфонија со која како од транс ќе се будиме секое утро.

6 минути.

Го ставам мозокот во погон да вергла како по малку за’рѓана машина, како не би ме телепортирал на следната дестинација. Стискам очи. Не дозволувам да впијам од денската светлина. Таа само ја разголува кршливоста на денот. Ќе одам во некој мрачен клуб, светлата таму се само бои кои играат во ритамот на музиката. Играм и јас. Во Амстердам. Басот е моето срцебиење, а вокалите крвоток. Дишам слободно, а музиката ми го исполнува и најмалиот дел од телото. Полека се одвојувам од тлото и лебдам некаде, во некој меѓупростор. Оваа состојба на безгрижност ја прекинува наглото движење на сопругот во кревет..

5 минути.

Сонува нешто… блазе нему. Да одиме јас и тој во Истанбул?! Таму, како ретко каде, спиевме заедно, сами. Имаше нешто толку мистично во тој град. Или ние бевме сѐ уште два неоткриени света, кои се истражуваа, запознаваа, наsираа еден во друг. Сите тулумби, еклери и џамии беа во втор план во однос на нас двајцата. Се држиме за рака и со сигурен чекор ја сечеме разулавената толпа народ која извира од секое ќоше во Таксим и покрај тоа што е 4 часот наутро.

6.56 ч.

Сурфам на бранови сон, но никако да потонам во него. Ми се плива. Тоа е мојата медитација. Локалниот базен во Врачар е мојот спиритуален храм. Го има изделкано забот на времето, но маѓепсува со својот андерсоновски шмек на колорит и профил на посетители. Во соблекувалните го оставам својот мозок како да е ранче со опрема за пресоблекување. Вртам 10 долги круга во утринскиот бизнис-термин. Ѕидот од портокалови тули се огледува во водата како огромно сонце кое меѓу околните згради, приватно, ни свети само нам, неколкумина храбри ранобудници. Се туширам, два-три збора со редарот по потекло од Дебар и назад во кабината. Уредно си го земам мозокот и така препородени си одиме дома.

Дома сум, не спијам. Ја чувствувам сатенската постелнина како ме гребе.

3 минути.

Толку ми се секогаш потребни да стигнам до маалскиот парк каде што го шетам Френк. Мудрецот од Тибет. Нашиот верен пес со особини на човек. Уживам јас, ужива и тој во тишината додека чекориме заедно, несмасно, сопнувајќи се еден од друг. Тој да се испразни, а јас да наполнам батерии за исцрпувачкото темпо на денот пред мене. Како другари, стари, добри, седнуваме на клупата која ја обележува втората половина на нашето дружење. Резимираме впечатоци од средбите со остатокот од будното население. Тој незадоволен од агресивноста на некои класични животински примероци од неговата сорта, а јас задоволна што никој не е волен да отвори уста во таа доба од денот, па само со кимање на главата и питома насмевка, љубезно и комшиски се отпоздравуваме.

2 минути.

Ја пеам во себе Mystery of love зашто е последната песна со која заспав вечерта. Мислам дали името на авторот се изговара Суфјан или Суфџан. Ќе полудам од неизвесност.

1 минута.

Го земам телефонот да проверам на Гугл… и како и речиси секое утро, завршувам на Инстаграм, да видам што прави светот… во изолација.

7.00

Го гасам алармот, кој по навика го почнува денот. Станувам, но немам каде да одам. Не смеам. Дома сме, уште еден ден во низата. Неизвесноста на новите денови во новата реалност е мојата бабарога од јавето… од која сакам да се скријам во сон.

 

 

 

Сподели ја објавата на социјалните мрежи

Коментари

Напиши коментар *

Име *