СОВЕТИ ОД СВЕТСКИ АВТОРИ ЗА РАБОТА ОД ДОМА

 

Како да се облечете, да бидете физички активни и да ги избегнете вестите кои знаат да го одвлечат вниманието додека се приспособувате за работа од дома

За луѓето кои се навикнати на строгоста и рутината на работењето во канцеларија, помислата за работа од дома на подолг временски период знае да биде застрашувачка. Штом ќе помине првичната возбуда (Ќе носам пижами! Ќе готвам сложени ручеци! Ќе си ја слушам омилената музика!) се јавуваат можноста од болка во грбот поради неправилното седење пред импровизираното биро, осаменоста поради немањето со кого да се направи муабет на пауза и немирот што сме ја претвориле дневната соба во канцеларија.

За среќа, можете да направите некои работи кои ќе ви ја олеснат ситуацијата – а повеќето се мошне едноставни. Проследете неколку совети од неколкумина автори како да го направите работењето од дома поефикасно.

ПОДГОТВЕТЕ СЕ

Еве неколку совети кои ќе ви помогнат да внесете ред додека работите од дома и кои ќе ви помогнат да се чувствувате поспокојно, посреќно и попродуктивно:

Испланирајте. Земете молив или пенкало. Испланирајте го денот! Размислете во која просторија од домот ќе работите.

Рутина. Одржувајте рутина колку што можете повеќе. Навијте го алармот. Штом ќе станете, истуширајте се, појадувајте, испијте го утринското кафе, облечете се и почнете го денот.

Вежбајте. Правете редовни паузи кои ќе ги пополните со кратки вежби за раздвижување или пак искористете ја можноста да повежбате 20-30 минути гледајќи некое видео за вежбање дома на Јутјуб.

Оценете кои задачи ќе ви бидат приоритет во текот на денот. Немојте да бидете претерано амбициозни задавајќи си премногу обврски. Што треба навистина да завршите денес?

Избегнувајте да гледате или да читате вести кои најверојатно ќе ви ја зголемат нервозата или несигурноста што ги чувствувате и ќе ви го одвлечат вниманието од работата.

Контактирајте со колегите. Одредете време кога ќе стапите во контакт со колегите. Можете да им се јавите, да одржите телеконференциски состанок или да имате виртуелен ручек преку камера на Скајп.

Јадете здраво и пијте многу течности. Погрижете се редовно да правите мали паузи, да јадете разновидна храна и да внимавате колку кофеин внесувате во текот на денот, особено во текот на попладнето и вечерта.

Сара Вохра, автор на „Лекар на умот“

БИДЕТЕ КРЕАТИВНИ

Најдете безбедни, весели места на Интернет што можете да ги посетите. Јас ја направив „Хепи плејс“, страница полна со можности за бесплатни симнувања на содржини, видеа со упатства за боење и онлајн курсеви за цртање. Боењето е мошне едноставен начин да се биде креативен. Јас ги имам нацртано облиците, вам ви останува да ги обоите.

Џоана Басфорд, автор на „Како да цртате“

Дотерајте се за да се расположите

Лесно е да го поминеме цел ден во пижами затоа што секое место и секоја улога во нашите животи ја поврзуваме со одредена униформа. Знаеме дека домот нè потсетува на пижами, меѓутоа тие не потсетуваат на продуктивност.

Не мора да носите костум и вратоврска по дома, ама можете да облечете маичка по кратки ракави и џемпер. Во ред е да ги носите истите алишта од претходниот ден, особено ако сте ги носеле само неколку часа. Облечете нешто што отсекогаш сте сакале да го носите на работа, но поради правилата за облекување на работното место, не сте смееле да го облечете. Забавувајте се со облеката во овој период додека не одите во канцеларија. Верувам дека дотерувањето може да ни го подобри расположението и да ни помогне да ги истераме мрачните мисли.

Дон Карен, автор на „Облечи го најубавиот живот“

СТАНЕТЕ ДИГИТАЛЕН МИНИМАЛИСТ

„Прочитајте една статија од странски и една од локален весник. А потоа – ова е клучното – немојте да читате други вести до крајот на денот. Новостите кои бараат ваша навремена реакција веројатно ќе ви пристигнат на имејл, мобилен или во порака.

Ќе ви биде мошне тешко да го остварите овој совет, особено поради тоа што социјалните медиуми со години нè тренираат да ги прегледуваме содржините на телефонот како начин психички да се опуштиме.

Но тоа не значи целосно да заборавите на технологијата. Во периодов постојат многу начини на кои можете да ја употребите технологијата за повисоки цели. Модерните алатки ви помагаат полесно да стапите во контакт со пријателите и семејството; да откриете подлабоки теми кои немаат допирна точка со вирусот или да се поврзете со заедницата и да дознаете на кој начин можете да придонесете.

Кал Њупорт, автор на „Дигитален минимализам“

ДИШЕТЕ ПОДОБРО

Научно е докажано дека со свесното забавување на дишењето неколку минути во текот на денот го поттикнувате парасимпатичкиот одговор, кој ви помага подобро да спиете и да се чувствувате поспокојно. Со посебната техника на дишење ќе успеете да ја вратите рамнотежата во својот нервен систем. Следете ги следниве чекори:

1.Вдишувајте низ нос шест секунди.

2.Издишувајте низ нос шест секунди.

3.Повторете го циклусот најмалку три минути. Не постои граница колку долго можете да го правите тоа.

4.Доколку ви е тешко да издржите шест, намалете на пет или четири секунди. Подоцна можете да зголемите на шест секунди.

Ричи Босток, автор на „Издиши“

 

Извор: https://bit.ly/2Wrb5Pn

Сподели ја објавата на социјалните мрежи

Коментари

Напиши коментар *

Име *