Од Сапиенс до Хомо деус – деконструкција на визионерскиот опус на Јувал Ноа Харари

Јувал Ноа Харари е еден од најпознатите современи автори визионери чии дела несомнено разбудија огромен интерес и станаа едни од најпродаваните книги на денешницата. Пораснат во секуларно еврејско семејство, д-р Харари денес работи како професор на Историскиот факултет при Еврејскиот универзитет во Ерусалим, држи редовни предавања низ светот за темите што ги обработува во своите дела, а пишува и за „Гардијан“, „Фајненшал тајмс“, „Тајмс“, „Волстрит џурнал“ итн. Член на Израелската младинска академија на науките.
Неговата прва книга „Сапиенс: кратка историја на човечкиот род“ беше објавена во 2011 г., а во 2014 г. излезе и на англиски јазик. Оттогаш е преведена на речиси 50 јазици и продадена е во осум милиони примероци, освојувајќи ги симпатиите и на личности како Барак Обама, Бил Гејтс и Марк Закерберг. Во 2016 година излегува „Хомо деус“, во која ги разгледува големите проекти со кои ќе се соочи човечкиот род во 21 век. Во 2018 г. ја oбјави книгата „21 лекција за 21 век“, во која се занимава со глобалните климатски проблеми. Предмет на неговите најнови истражувања се светската историја и макроисториските процеси.
Добитник е на повеќе награди, меѓу кои е наградата „Полонски“ за креативност и оригиналност, во 2009 и во 2012 г., наградата „Монкадо“ за 2011 г. на Здружението за воена историја и др.

Харари пленува со својот препознатлив стил, со испреплетувањето на науката, историјата и филозофијата, јасно истакнувајќи дека не може да се занемари огромната моќ на човековата имагинација. Најдобриот начин да учиме од историјата е да се ослободиме од минатото, да го ослободиме нашиот ум од минатите настани, идеологии и процеси. Зашто предизвиците со кои се соочува човештвото се исти како и секогаш, но начинот на кој одговараме на нив може да влијае врз нашата и врз промената на светот.

Колку добро ја познаваме историјата на нашиот вид? Дали клучните настани – револуциите – навистина ја менуваат нашата судбина кон подобро? И кои се перспективите што технологијата, поточно вештачката интелигенција, му ги носи на човештвото?…
Јувал Ноа Харари со своите книги „Сапиенс“, „Хомо деус“ и „21 лекција за 21 век“ нуди ново гледање на историјата, сегашноста и иднината на човекот, со тези кои на моменти зазвучуваат застрашувачки. Пред 100 000 години најмалку шест човечки вида живееле на Земјата. Денес има само еден. Човекот успеал да завладее со Земјата и да ја скроти природата, да ги победи гладот, заразните болести и војните, а сега верува и дека ќе може да ја победи смртта. Иако во моментов можеби се наоѓа на врвот на својата моќ, дали сме навистина свесни за идните проблеми на човештвото?
Харари длабоко ги анализира можните проекти, соништа и кошмари кои ќе го обликуваат 21 век. Отвора многу прашања на кои мораме да дадеме одговори: во кој правец ќе се движиме понатаму? И како ќе го заштитиме овој кревок свет од сопствената деструктивна моќ?

За да ги доближиме најважните аспекти од САПИЕНС и ХОМО ДЕУС, на 10 декември, од 18 часот, во Јавна соба дискутираме со компетентни соговорници и го разложуваме делото на Харари со една единствена цел – да ги отвориме нашите умови за нови, поголеми вистини. Ќе се разговара за многу општествени, филозофски и научни прашања – човечкото искуство, религијата, човечките емоции, свеста, револуциите и сè друго што би можело да ве интересира.

Говорници:

Д-Р НИКОЛА СТИКОВ, професор по биомедицински инженеринг на Политехничката школа при Универзитетот во Монтреал, експерт за медицински имиџинг и неговата примена во областа на психологијата и неврологијата. Дипломира на Електротехничкиот факултет при Универзитетот Станфорд, каде што и магистрира и докторира. Од 2010 до 2014 г., како постдокторанд на Невролошкиот институт во Монтреал, ја истражува микроструктурата на белата маса во мозокот и развива нови технологии за неинвазивно мерење на дебелината на миелинската обвивка. Во 2014 г. е избран за помлад истражувач на Меѓународното здружение за магнетна резонанца во медицината, а во 2015 се придружува на уредничкиот одбор на истоименото списание и ја промовира иницијативата „Хајлајтс“ (Highlights). Како етаблиран промотор на науката, во 2016 година станува гостин уредник на престижното научно списание „Неуроимиџ“ и го основа официјалниот блог на Организацијата за мапирање на човечкиот мозок. Неговите написи се пренесени на „Хафингтон пост“ и цитирани во „Њујорк тајмс“.

Д-Р ГОРДАН ГЕОРГИЕВ, доктор по политички науки, вонреден професор на Правниот факултет при ФОН Универзитетот во Скопје. Дипломира и магистрира политички науки и меѓународни односи на  Институтот за политички науки во Париз, а магистрира и на Европски студии на Кралскиот колеџ во Лондон. Тој е експерт на Фондацијата за демократија „Вестминстер“ (WFD), а работел и како експерт и независен консултант за Швајцарската агенција за соработка и развој (SDC), како и во други меѓународни тела. Неговата експертиза вклучува истражувања и теренски проекти кои се однесуваат на демократска стабилизација, помирување, меѓуетнички односи, политички реформи и консолидација на политичките партии, регионална политичка соработка, меѓународни односи и регионални безбедносни прашања, реформа на парламентарните практики, децентрализација и реформа на локалната самоуправа. Има објавено свои трудови во многу регионални и меѓународни списанија. Георгиев е дел од авторите на делата „Проблемите на репрезентативната демократија во Европа“, приредено од Јан Мариус Вирсма (2014, Vangennep Amsterdam), и „Преобликување на имиџот на политичките партии во ЈИЕ“, приредено од Георги Карасимеонов (2007).

ОТЕЦ Д-Р МИЛАН ЃОРЃЕВИЌ, вонреден професор при Богословскиот факултет по предметите Философија, Психологија, Православно богословие XV – XIX век и Православно богословие XX – XXI век. Додипломските студии на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје ги завршува во 2005 година. Магистерските студии на Философскиот факултет при Софискиот Универзитет ги завршува во 2007 година, а докторира на Институтот за средновековна философија „Томас“ при Универзитетот во Келн во областа на византиската философија, во 2011 година. Во 2016 година е назначен за продекан за наука и меѓународна соработка на Факултетот.  Автор е на монографијата „Nikolas Kabasials – ein Weg zu einer Synthese der Traditionen“, објавена за престижната издавачка куќа Peeters. Има објавено над 40 научни трудови од областа на философската и теолошката византологија, патрологијата, христијанската етика и аскетското богословие, пастирската психологија и книжевноста, на германски, англиски, бугарски, српски и македонски јазик, во стручни и научни списанија и зборници во САД, Германија, Белгија, Бугарија, Србија и Македонија.

СОЊА АНДОНОВА, преведувач на делата на Харари на македонски јазик.

 

 

Сподели ја објавата на социјалните мрежи

Коментари

Напиши коментар *

Име *