НЕКОЛКУ СОВЕТИ ЗА ИДНИТЕ РАСКАЖУВАЧИ ОД ВЕНКО АНДОНОВСКИ – ПРВ ДЕЛ

 

Преку Пишувачкиот предизвик ве мотивираме да пишувате, да го отворите умот кон нови и пошироки пространства во овие тегобни мигови. А за подобро обликување на вашите мисли и текстови, секој ден ќе ви презентираме по три совети од нашиот познат писател Венко Андоновски. Преку неговите корисни укажувања, наредниве 3 дена ќе добиете целосна слика за тоа како пишувањето станува и создава нов свет.

 

НЕКОЛКУ СОВЕТИ ДО ИДНИТЕ РАСКАЖУВАЧИ 

 

1.Никогаш не пишувај за она што луѓето го знаат; и кога пишуваш за општопозната тема, кажи ми го она што не го знам, а не она што сите го знаат. Ако пишуваш за Македонија, покажи ми ја непознатата, а не познатата Македонија. Ако пишуваш за вирусот корона, на пример, интересно би било не да ми кажеш што знаеш за него, туку што не знаеш: па дури и по цена да му измислиш некои својства кои ги нема. Тука фантазијата влегува во игра: на пример, да измислиш дека секој заболен од вирусот, одеднаш, добива дарба да пее убаво, ангелски… или да множи напамет дванаесетцифрени броеви. И дека науката е збунета од тоа и нема објаснување, па го крие од јавноста.

 

2.Ако сепак пишуваш за познатото и баналното, задолжително смени ја гледната точка. Стрелата на стрелецот може да се прикаже отстрана, така што тогаш изгледа вака: →. Тоа е најчесто, но и најбанално. Сосема е поинаку ако стрелата се покаже од гледна точка на пленот: тогаш таа нема форма на стрела, туку е само точка. Врвот на стрелата во очите на жртвата изгледа само како точка. Од гледна точка на оној кој стрела, пак, стрелата изгледа како крст, зашто перките на крајот од стрелата се вкрстени, погледнато со очите на стрелецот. Додека нишани, тој гледа само мал крст. Ако пишуваш за вирусот и епидемијата, тогаш е банална гледната точка на лекарите (она што тие го гледаат ни е познато), ама гледната точка на пациентот е поинтересна. Како тој гледа на вирусот? Како на смрт? Како на казна? Како на спас? Што тој вирус нему му нарушува и прекинува? Најинтересна е замислената гледна точка на вирусот: што би ни раскажал тој, кога би можел да гледа, чувствува и говори.

 

3.Секогаш имај на ум дека расказот е мистерија. Најтешко е да се одржи мистеријата, а целта е – да трае што подолго. Најдобро е мистеријата да се открие на крајот. И тоа не целосно. Во расказот е еднакво важно и она што е премолчено, не само она што е напишано.

 

Венко Андоновски,  Март 2020 г.

 

 

Сподели ја објавата на социјалните мрежи

Коментари

Напиши коментар *

Име *