„Жесток современ роман“ – Венко Андоновски за „Вилино“

 

 

 

Зошто остануваш во зандана

кога вратата е ширум отворена? – Руми

Винка Саздова напишала сјаен, актуелен и современ психолошки роман за нашето доброволно ропство во брачните и семејните односи (односот сопруг – сопруга и односот родители – деца). Централното прашање што се поставува е: каде исчезнува онаа вселенска љубов откако ќе се оформи семејството? Како се случува оние што се љубеле верно како дрвото и сенката, како дрвото и огнот – да станат туѓинци во иста постела и дневна соба?

Жесток роман за повикот на слободата и стравот од неа, како и за нашето доброволно ропство во „сигурните“ брачни стереотипи. Мотото на романот, мисла од Руми, кажува сè: „Зошто остануваш во зандана кога вратата е ширум отворена?“ Видан – Огнена – Тони: семеен триаголник на двајца отуѓени сопружници и нивниот син. Потресна приказна за тоа како најблиските што се сакале влегуваат во магичниот круг на повредување на другиот. Книга полна источни мудрости и мистична филозофија. Роман богат со психолошки и до нијанса извајани машки и женски ликови, со што се потврдува мајсторството на Саздова покажано и во претходните романи. Префинета симболика на детали, прекогниции, соништа, сеизмографски треперења на душата. И роман терапија: ведриот женски лик на Вили од идиличното Вилино, спротивставено на градот како дувло на ѓаволот и страстите.

„Вилино“ е, без сомнение, најдобриот роман на Винка Саздова. А Винка Саздова, со овој роман, станува име без кое веќе не може врвната македонска книжевност. Саздова врши и една важна култура мисија во рамките на теоријата на рецепцијата: создава своја, препознатлива публика, ја негува, воспитува, подучува и со тоа го подига нашиот читателски и културен стандард…

Венко Андоновски

 

 

 

Сподели ја објавата на социјалните мрежи

Коментари

Напиши коментар *

Име *