Во нашите тајни животи: Европски семејни приказни

 

 

 

 

 

Овој наш проект вклучува превод на десет исклучителни дела од десет европски земји на македонски јазик. Предложените книги се стилски и жанровски различни и се обраќаат до широка и хетерогена публика, но заедничката нишка што ги поврзува е темата на семејниот живот и неговото влијание врз современиот европски идентитет.

Нашиот проект има три главни цели. Прво, настојува да го поддржи циркулирањето на висококвалитетна европска литература и да ја промовира јазичната разновидност на европските народи преку преведување дела од јазиците кои се помалку застапени во програмите на македонските издавачи. Покрај тоа, со вклучување на автори кои никогаш не биле преведени на македонски јазик, целта на проектот е подолгорочно да ја зголеми меѓународната разновидност на квалитетни дела. Втората цел на проектот е да го поддржи преведувањето на помалку застапените жанрови, вклучувајќи збирки раскази, драми и литература за деца и млади. Последната цел на проектот е да го подобри пристапот до овие книжевни дела проширувајќи ја традицијата на објавување и дистрибуирање книги во нашата земја, со посебно внимание на објавување и дистрибуирање на е-книги.

Проектот му нуди на читателот избор од современи дела на наградувани и реномирани автори, од кои петмина се добитници на Наградата за литература на Европската Унија. Повеќето од нив потекнуваат од земји чии јазици ретко се преведуваат на македонски. Токму затоа, проектот ќе придонесе за остварување на главната цел, а тоа е промовирање на дела од понепознати јазици.

Сите десет наслови кои го сочинуваат нашиот проект имаат исклучително високи естетски вредности и докажан литературен квалитет и се карактеризираат со тематска, стилска и наративна разновидност. Клучна тема за обединување на сите книги е мотивот на семејството – сите предложени дела, преку иновативни и оригинални естетски и стилски концепти, разработуваат некој негов аспект.

Високиот квалитет на предложените дела е потврден со многуте награди што ги имаат добиено нивните автори. Помладата генерација автори е претставена со петтемина добитници на Наградата за литература на Европската Унија, но и со „највозбудливиот драматург на нашето време“ Флоријан Зелер (неколкукратен добитник на наградата „Молиер“). Освен една од најнаградуваните авторки за жанрот фантазија, Сузана Кларк („Хуго“, „Локус“ за најдобар дебитантски роман, Наградата за најдобар роман на весникот Тајмс и Светската награда за најдобар фантастичен роман), проектот вклучува и тројца од најистакнатите европски творци на литература за млади читатели – Круш, Улсон и Функ. Со понудата на вакви дела со неприкосновена литературна вредност, нашиот проект се стреми да го култивира и вкусот на читателската публика.

Сподели ја објавата на социјалните мрежи

Коментари

Напиши коментар *

Име *